Адаптирање на детето во градинка
Поаѓањето во градинка е голема промена во животот на секое дете, бидејќи од сигурноста во семејството детето преминува во непозната средина и меѓу непознати личности, кои почнуваат да се грижат за него
На секое дете му е потребно одредено време во кое ќе се прилагоди во новата средина, ќе ги запознае воспитувачките и новите пријатели. Некои деца се прилагодуваат брзо (за само неколку денови), додека на други деца им е потребно повеќе време (1-2 месеци). Некои деца реагираат бурно, додека некои не манифестираат поголеми промени во однесувањето. Промените во однесувањето се минлива појава и добро е родителите да се запознати со тие промени, за да можат да му помогнат на детето да се прилагоди на новата средина.
Реакциите при одвојување можат да бидат различни и се разликуваат од дете до дете.
Емоционални реакции
Детето може да биде многу тажно и да страда по родителот. Кај некои деца може да се јави лутина и вознемиреост и тоа посебно кога од градинка ќе се вратат дома. Обично бурно реагираат помалите деца. Постарите деца и понатаму ќе бидат послушни, но можат да станат молчеливи, да стојат покрај вратата, да одбиваат комуникација со воспитачките и другите деца.
Телесни реакции
Понекогаш децата го користат своето тело како медиум за да им кажат на родителите дека не се добро. Тогаш децата можат да имаат болки во стомакот, можат да повраќаат, да имаат главоболки. Некои деца реагираат со регресија во однесувањето. Детето кое проодело повторно почнува да лази, детето кое неодамна воспоставило контрола на столицата, повторно врши нужда во гаќите, она кое комуницирало со зборови, почнува да комуницира со гестикулации. Причината за таквото однесување не е заостанување во развојот. Таквите промени во однесувањето се минливи.
Како родителите да му помогнат на детето да се прилагоди што побрзо?
- Пред поаѓање во градинка зборувајте му:
- градинката е место каде што има многу деца и играчки
- воспитувачките во градинката знаат многу интересни игри
- раскажувајте му што може да прави таму
- никогаш не плашете го детето со градинката (пр. ако бидеш лош/а ќе одиш во градинка)
- Ритамот на живот на детето дома треба да се прилагоди на ритамот во градинката.
- Детето треба да се прилагоди (без присилување) да јаде со лажица и да пие од чаша.
- Пред да оди во градинка треба да се осамостои во облекувањето, одржувањето на хигиена и исхрана.
- Добро е со детето да се прошетате до градинката, да ги гледате децата како играат во дворот и ако има можност да им се придружите.
- Кога детето ќе почне да оди во градинка убаво е првите две недели да останува пократко време (првиот ден еден час, вториот ден два часа, при што распоредот на престој се договара со воспитувачките.)
- За децата од 3-5 години престојот во првите денови може да биде и подолг, но секогаш да биде во време на игра. Времето за одмор е критично па треба да го оставите за подоцна, кога детето ќе се навикне на просторот.
- Добро е детето во градинка да носи т.н. преоден објект – некоја драга играчка на детето или предмет кој му дава сигурност (шишенце, ќебенце, мече)
- Во текот на периодот на адаптација не е пожелно да го навикнувате детето на нови облици на однесување (одвикнување од шишенце и цуцла). Тоа оставете го за периодот откако детето ќе се адаптира на новите промени во животот.
- Многу е важна утринската разделба со детето во јасли/градинка. Родителот треба да биде смирен и не смее да му ја покаже својата загриженост на детето, или жал затоа што го остава. Детето тоа ќе го почувствува и ќе почне да се однесува исто. Разделбата со детето не смее да се одложува до недоглед. Не се препорачува долго смирување на детето или враќање назад, бидејќи така детето повеќе плаче.
Децата многу добро ги чувствуваат емоциите на родителите. Затоа е важно родителите да бидат сигурни во својата одлука да го носат детето во градинка и да имаат позитивен став околу тоа. Доколку детето почувствува дека родителот е несигурен и тажен, такво ќе биде и тоа.
Некои деца имаат предиспозиции за потешко прилагодување. Тоа се децата кои се повлечени и срамежливи. Разделбата тешко ја поднесуваат и децата кои се презаштитени, или децата кои за прв пат се одделуваат од родителите.
Важно е да се воспостават добри релации со воспитувачката, бидејќи таа ќе стане многу важна личност во животот на детето.
По враќањето од градинка добро е да поминувате што повеќе време со детето, да се шетате, да играте, да раскажувате приказни, да покажете интерес за неговите доживувања од градинка. По одредено време, кога детето ќе се прилагоди, јаслите/градинката ќе станат место во кое детето ќе доаѓа радосно и каде времето ќе му поминува во игра со врсниците и новите другарчиња.