Аутизмот се појавува додека плодот е во утробата
Горазд Росоклија, професор по неврологија и психијатрија на универзитетот "Колумбија" во Соединетите Американски Држави е дел од тимот научници од овој Универзитет кои неодамна открија дека аутизмот се должи на вишок синапси или врски во мозокот
Овој тим научници работат на лек кој ќе ја регулира количината на овој протеин.
Росоклија за "Вест" зборува за тоа како течело истражувањето и до каде е стигната науката во разбирање на оваа болест.
Повеќегодишното истражување на универзитетот "Колумбија" во САД покажа дека причината за аутизмот се вишокот синапси или врски во мозокот. Како дел од тимот кој работеше на ова истражување, објаснете ни што значи ова откритие?
- Нашиот истражувачки тим, кој се бави со проблемите на аутизмот, го сочинуваат 18 научници од разни области. Истражувањето објавено во списанието "Неврон" траеше четири години. Ние утврдивме дека кај аутизмот, невроните, односно основните мозочни клетки, имаат поголем број дендритични иглички што значи и поголем број синапси. Преку експериментален модел заклучивме дека дефектот во кастрењето на дендритичните иглички се случува заради хиперактивност на мТОР протеинот. Со давање на цитостатикот "рапамицин", кај експерименталниот модел на аутизам, дојде до нормализирање на активноста на мТОР протеинот, нормализирање на бројот на дендритичните иглички и синапси и нормализирање на однесувањето.
Дали ова откритие ќе доведе до пронаоѓање медицинско решение за оваа болест?
- Кога зборуваме за аутизмот, мислиме на спектар симптоми. Тоа значи дека не постои единствена причина и не може да постои единствен лек. Ние покажавме кои се патолошките промени во мозокот на пациенти дијагностицирани со аутизам и како тие патолошки промени да бидат коригирани. Верувам дека со ова, значително придонесовме кон разбирање на причините како и кон ефикасно лекување на некои од формите на аутизам.
Може ли да ни откриете детали од истражувањето, колку долго траеше, што сè се работеше, на какви проблеми наидовте и како конечно дојдовте до откритието?
- Мојот истражувачки интерес дваесетина години е фокусиран врз шизофренијата. Според наодите кои ги објавив пред повеќе години, кај шизофренијата постои намален број дендритични иглички во две мозочни регии, темпоралната и префронталната, за разлика од наодот кај аутизмот кај што бројот на дендритични иглички е неколкукратно поголем од оној кај децата со нормален развој. По објавувањето на публикацијата почнав да размислувам дека со постоечките техники нема да видам ништо повеќе од тоа што го виделе моите претходници и од тоа што веќе го објавив. По една година работа врз хемиската формула на Голџиевата техника, создадов модифицирана техника за импрегнација на невроните која ја нареков "Нов Голџи" или "Неоголџи". Колегите кои се бават со аутизмот знаеја за ова и пред четири години ми понудија соработка. Мозочното ткиво добиено од пациенти со аутизам е исклучително ретко. Ако "Неоголџи" не работеше, ткивото ќе беше засекогаш уништено. Знаењето и среќата беа на наша страна, импрегнацијата беше совршена и ние бевме во состојба да ги видиме промените кај аутистичните пациенти, како и кај експерименталниот модел на аутизмот.
Како и во светот, така и во Македонија последните неколку години има силна кампања против вакцинирањето деца со објаснување дека вакцините се виновни за појава на аутизмот. Каков е вашиот став по ова прашање? Значи ли откритието до кое дојде тимот на Колумбија дека влијанието на вакцините врз појавата на аутизам е сосем исклучено?
- Причините заради кои доаѓа до хиперактивност на мТОР протеинот не ги знаеме, што значи дека не можеме да кажеме која е причината за дисрегулација на кастрењето на дендритичните иглички. Во науката само "пеер ревиењ" публикациите се сметаат за веродостојни. До денес, нема "пеер ревиењ" публикација која би ја покажала поврзаноста на која било вакцина со појавата на аутизам. Јас имам четири деца, сите тие ги примиле сите вакцини, како и децата на моите колеги на универзитетот "Колумбија" во Њујорк. Промените кои условуваат појава на аутизам, според тоа што денес го знаеме, се случуваат додека е плодот во утробата на мајката, но во овој момент не постои биолошки маркер со кој би ја предвиделе дијагнозата. Аутизмот се дијагностицира во првите три години од животот на детето врз основа на јасно дефинирани дијагностички критериуми. Познато е дека кај овие деца, се случува веќе здобиеното, како способноста за изговарање одредени зборови, да се загуби, што родителите често го доведуваат во врска со некој настан во животот на детето (вакцина, болест, стрес). Исто така, не постои каков било научен или клинички доказ дека разните диети, како што е безглутенската диета или давањето витамини, имаат некакво, макар минимално влијание врз симптомите или врз понатамошниот развој на детето.
Од кога работите на универзитетот "Колумбија", на кој друг проект работите?
- На универзитетот "Колумбија" во Њујорк дојдов во април 1992 година на покана од тогашниот директор на одделот за невроимунологија, д-р Норман Латов кој го чу моето предавање во Ница, Франција, всушност мојата докторска дисертација, ми пријде за време вечерата и така започнаа нашето пријателство и нашата соработка. Мојот главен интерес е фокусиран на откривање на етиопатогенезата или причините за појавата на шизофренијата. Врз основа на досега добиените резултати, добив грант од Националниот институт за здравје на САД (НИХ), во износ од 2,3 милиони долари исклучиво за македонската наука и истражувања кои ќе ги изведуваат македонски научници. Идејата зад овој грант е пред сè создавање научен тим кој во подоцнежната фаза ќе даде одговори на неколку битни научни прашања во етиопатогенезата на психијатриските заболувања.
Нешто лично за вас, кој е професор Росоклија?
- Како научник, зад себе ќе ги оставам моите научни достигнување во форма на научни трудови. Дали ќе продолжам да живеам преку нив? Не сум сигурен.
Размислувам дека највредното што останува зад нас не е материјалното туку духовното што сме го оставиле во луѓето чии животи сме ги допреле. Кој сум јас или кои сме ние луѓето? Детето што бев и кое секогаш живее во мене, како и споменот за тоа дете во меморијата на моите другари од детството? Мажот во меморијата на жените кои сум ги сакал? Родителот на четири деца, денес самостојни образувани млади луѓе? Учителот на моите студенти?
Како студент возев рели и бев член на југословенската репрезентација. Од 16-годишна возраст се бавам со алпинизам и со моите другари ги освојувавме врвовите во Европа, Африка, Јужна Америка и Азија, заклучно со Монт Еверест, кога бев заменик-водач на македонската алпинистичка експедиција "Монт Еверест 1989".
Денес сум професор, лекар, научник и скијачки инструктор за луѓе со посебни потреби, но во мене живеат и детето и рели возачот и алпинистот. Повремено сум и родител, во зависност од тоа колку им требам на Илина, Војдан, Горјан и Гаврил.
Елица Ангеловска
Фото: Вангел Тануровски