Честит празник "Воскресение Христово - Велигден!"
Воскресението Христово, Велигден е најголемиот празник за православните христијани, наречен - Празникот на сите празници. Воскресението на Исус Христос е најголемото случување во историјата на човечкиот род
Во христијанската религија на Воскресение Христово- Велигден се слави воскресението на Исус Христос на третиот ден , откако бил распнат на крст и погребан. Празната гробница е видена од жените мироносици, кои го посетиле гробот. Исус Христос им се јавува на Марија Магдалена и апостолите .
Таа вечер пред полноќ се служи свечена богослужба. " ... На полноќ од отворените царски врати се слуша песната: " Воскресение Твое, Христе Спасе ... ". Песната се засилува, зајакнува, вратите се отвораат и крстот поминува низ храмот. Тогаш чукаат камбаните:
Христос воскресна од мртвите,
со смртта смртта ја победи
и на тие во гробовите
живот им подари!
Христос воскресна!
Вистина воскресна!
Незаборавни моменти! Храмот е украсен, се е осветлено. "Со мир на Господа да се помолиме..." - започнува Големата литургија. При прогласувањето на Воскресението, свештеникот држи запалена свеќа, од која сите присутни ги палат своите свеќи, кои ги носат запалени во своите домови. Обичајот поврзан со палењето на свеќите, е позајмен од сличен обичај кој се врши во Ерусалим, во Храмот "Св. Воскресение", при слегувањето на благодатниот оган.
Подготовките за празникот почнуваат 10 недели пред Велигден, во кои црквата го подготвува верникот христијанин за прославата на духот над телото - победата на Исус Христос над смртта. Неделата од Цветници до Велигден има особено значење во православниот празничен циклус и се нарекува "страсна недела", што значи страдање. Се нарекува уште и "Голема недела". Тоа се последните денови од земниот живот на Исус. Неделата по големиот ден се нарекува Светла седмица, бидејќи Воскресението на Христос донесува просветлување за сите.
По традиција во празничните денови се посетуваат родителите и кумовите, се собираат велигденски козињаци и бојадисани јајца, за да се посведочи љубовта и почитувањето . Црвените јајца се симбол на Христовата маченичка крв , а козињакот е симбол на Јагнето Божјо - Христос. Момчињата и девојчињата на овој ден се облекуваат во нови алишта. Меѓу Велигден и Духовден луѓето продолжуваат да се поздравуваат со поздравот "Христос Воскресе". Вековна традиција за празникот е на трпезата да има бојадисани јајца. Најрадосен во семејството е оној на кого јајцето ќе му остане здраво - тој ќе биде здрав во текот на годината. На празничната трпеза, по долгиот пост, има и јагнешкото месо.