Дали болната овулација е нормална?
На сите жени им се познати грчевите, главоболката, надуеноста, запекот или дијарејата, кои го придружуваат месечниот период. Но некои жени, исто така, на средината на циклусот чувствуваат и овулаторна болка. Дали таа болка е нормална?
Болни овулации, на средината на циклусот, чувствуваат околу 20% од женската популација. иако болката може да Ве натера да мислите дека дека нешто не е во ред, болните овулации ретко кога значат нешто сериозно.
Болните овулации се нарекуваат уште mittelschmerz, германски збор што значи “болка во средината”. Жените кои чувствуваат болка при овулација обично ја опишуваат како остра и секавична болка во јајниците која се претвора во тапа и досадна болка следниот ден. Кај некои жени болката може да биде толку силна, што може да биде помешана со воспаление на слепото црево. Понекогаш, покрај болката и грчевите во стомакот, жените можат да почувствуваат гадење и благо и бледо крварење. Болната овулација трае 6-8 часа кај повеќето жени, а кај некои може да трае и подолго од 24-48 часа.
Иако непријатните болки може да се почувствуваат на двете страни на стомакот, сепак почесто се случуваат на десната страна. Болката во абдоменот може да се почувствува при сексуален однос, или може да биде предизвикана од сексуалниот однос или при друга физичка активност. Освен болката некои жени имаат гастроинтестинални симптоми и зголемено мокрење. Болните овулации може да се случуваат секој месец, или секој трети – четврти циклус.
Кои се причините за болните овулации?
Се смета дека болните овулации се предизвикани од истекување на мала количина крв од јајниците, која се јавува за време на овулација. Оваа крв, која подоцна се ресорбира, се смета дека предизвикува иритација на абдоминалниот ѕид, кој предизвикува болка. Степенот на болката зависи од индивидуалниот праг на толеранција на болка и од обемот на крвта која истекла, меѓу другите фактори. Големината на просторот меѓу абдоминалниот ѕид и јајниците, исто така може да влијае на тежината на иритацијата. Причина за овулаторна болка можат да бидат и полицистични јајници. Ако сте загрижени, Ви предлагаме да го посетите Вашиот лекар, кој ќе ја дијагностицира причината за овулаторните болки.
На кој начин се дијагностицира болната овулација?
Овулацијата се случува обично по две недели, сметано од првиот ден на менструалниот циклус, па времето на болката прави болната овулација да се препознае лесно. Најдобар начин за да се дијагностицира болната овулација е да се води табела која покажува кога се јавува болката во однос на почетокот на менструалниот циклус.
Кај некои жени можеби ќе биде потребна лапароскопија, која овозможува директен поглед на половите жлезди. Ако Вашата болка е многу силна и ако Вашиот доктор забележи неправилности при прегледот, може да Ве испрати на следни испитувања, како испитување на крвта или рендгенска снимка, за да се утврди причината за Вашата болка.
Извор: Babyhopes