Дали е вегетаријанската исхрана здрава?
Благотворното делување на вегетаријанската исхрана е докажано во бројни научни студии. Ваквата исхрана е здравствено прифатлива и може да ги обезбеди сите потребни нутритиенти, но само ако е правилно испланирана
Кога се гледа на вегетаријанците во целина, може да се заклучи дека тие поретко заболуваат од одредени заболувања, како на пример од кардиоваскулани болести, висок крвен притисок, шеќерна болест, рак, гојазност.
Поради намалената застапеност на намирниците од животинско потекло, вегетаријанската исхрана е сиромашна со заситени масти, холестерол и животински протеини. Зголеменото консумирање на житарици, овошје, зеленчук, мешункаст зеленчук и јатчести плодови, обезбедува зголемен внес на раститени влакна, витамини, минерали и фитохемикалии. Не е познато дали намалената честота на хроничните болести е резултат на количината и видот на мастите во исхраната, на изворот на протеините, или на зголемената количина на растителни влакна, микронутритиенти и фитохемикалии. Се чини дека сите овие состојки допринесуваат во одржувањето на здравјето на лицата кои практикуваат вегетаријанска исхрана.
Покрај бројните здравствени и економски предности на ваквата исхрана, постојано е присутна загриженост која е врзана за било која форма на вегетаријанство. Прашањето кое често се поставува е дали ваквиот начин на исхрана обезбедува доволна количина на потребни и неопходни нутритиенти.