Денес поддржете ги лицата со Даунов синдром
Денес е Светскиот ден на лицата со Даунов синдром. Денес облечете шарени чорапи и поддржете ги лицата со Даунов синдром
Бројките кои го означуваат денешниот датум 21.3. претставуваат ознака за хромозомот кој е единствен за лицата со Даунов синдром. Во пренаталниот период се применува комбинација на неизванзивни тестови, со кои се утврдува зголемена можност за раѓање на дете со Даунов синдром, за со понатамошни испитувања (амниоцентеза, биопсија на хорионските ресички), да се утврди дали дошло до аберација во клетките на плодот.
Со рана интервенција, која подразбира работа со дефектолог и други стручни лица, насочени на децата до третата година од животот, во значајна мера може превентивно да се делува на стимулација на психо-моторниот развој. Посебно значајни активности кои припаѓаат на процедурата на рани интервенции, се однесуваат на давање на поддршка на цело семејство, во вид на информирање, советодавна работа и практична обука. Повеќето деца со Даунов синдром во периодот на раното детство, ретко остваруваат интеракции со родителите и слабо одговараат на поттик. Но, истрајноста во желбата за нивно вклучување во секојдневните активности на семејството, има исклучително позитивни ефекти.
Начинот на кој детето со Даунов синдром е прифатено во семејниот круг, позитивно влијае на развојот на комуникацијата, усвојувањето на дневните животни вештини и успешното вклопување во социјалното опкружување. Поддршката на пошироката заедница е исто така неопходна, со цел на детето да му се овозможи да оствари социјални интеракции и надвор од семејниот круг. Децата со Даунов синдром можат да бидат вклучени во преучилишни установи во рамките на развојни групи за деца со пречки во развојот, или редовни групи со поддршка од дефектолог. Некогаш овие деца, како и децата со пречки во развојот од друга етиологија, посетуваа исклучиво училиште за деца со пречки во развојот. Денес постои можност да се вклучат во воспитниот процес во редовните училишта, но само ако може да им се обезбеди добро прилагодување и адекватна поддршка. Без наведените предуслови, нема да се развијат сите потенцијали на детето, а можно е да се појават и негативни последици од социо-економска природа.
Затоа – облечете шарени или различни чорапи. Не мислете дека ќе изгледате смешно. Запомнете, тоа е еден од начините да дадете поддршка во борбата на лицата со Даунов синдром и нивна интеграција во општеството.
Погледнете го видеото во кое лицата со Даунов синдром испраќаат порака до идните мајки на деца со Даунов синдром.