Денес е ден на планетата Земја!
Наскоро воздухот ќе биде толку загаден, што ќе дишеме на сопствена одговорност...
Светскиот ден на планетата Земја промовиран е во 1970 година од тогашниот американски сенатор од Висконсин, Гејлорд Нелсон кој прв повика на национални протести за заштита на животната средина со цел "да се опоменат политичарите и заштитата на животната средина да се стави во нивната агенда на национално ниво". Неговиот повик беше оценет "како коцка", но "тоа профункционира".
Серијата на алармантни еколошки инциденти кон крајот на 60-тите години од минатиот век спонтано почна да ги групира луѓето околу идејата да го заштитат животот на планетата. Еколошката кампања насочена кон заштита на Земјата поттикна на усвојување на документите за чиста вода и воздух, заштита на загрозените растителни и животински видови. Потоа уследи формирање на агенции и институции за заштита на животната средина, на владини и невладини еколошки организации ширум светот.
Сите тие организации постојано ја нагласуваат потребата за поголема грижа за Земјата, единствениот дом кој го имаме. Многу организации и здруженија се борат за зачувување на природата, морињата, водата за пиење, шумите и другите природни ресурси. Нивното мото е дека човекот мора да го смени своето однесување и да престане да ги уништува сите богатства и убавини на Земјата.
Научните факти говорат дејка Земјата е стара околу 4,6 милијарди години, хуманоидите живеат само 2,5 милиони години, додека хомо сапиенсот се развил пред 100.000 години, а според историските податоци цивилизацијата постои само 10.000 години. Индустријата која денес претставува најголема опасност по Земјата се развива во последните 200 години што претставува 0,00000044 отсто од староста на Земјата. Поради тоа кон планетата Земја треба да се однесуваме со должно внимание бидејќи Земјата на човекот и на другите живи суштества им дарува живот.