cookie-img

Веб-страницата користи колачиња

за да обезбедиме он-лајн сервис, анализа на користење, системи за рекламирање и функционалности нема да можеме без употреба на колачиња. Со континуираното користење на страницата, се согласувате со колачињата.

Детето ѕвездалија

Македонски волшебни приказни

Детето ѕвездалија

 

Еден царски син беше излегол еден ден да се прошетат по сокаци, качен на коњ. Поминал пред една куќа кај што стоеле три сестри на едно пенџере и го виделе трите сестри.

Поголемата рекла:

- Ах мори сестри, да знаит царскиот син што мајсторија имам јас, веднаш би ме зел за невеста, оти со мајсторијата јас што ја имам, не ќе му треба брашно за месење леб, чунки можам да замесам една погача, што сиот аскер да јадит и пак да не се троши погачата.

Средната рекла :

- Е мори сестри, па мене да ме земи, па да види што би му исткала еден шатор, што сета војска царска да ја покриват.

Помалата рекла :

- А пак мене ако ме земи, би му родила едно дете машко, што да има на челото ѕвезда.

Дури се пофалија трите сестри, царевиот син беше ги слушал и отишол дома, та пратил стројник и ја зел помалата сестра. Навистина, на годината беше родила едно машко дете, со ѕвезда на челото, арно туку кучки сестри, зависливи, бече му го зеле детето и беше го фрлиле по море и место дете беше и клале едно машко куче малечко.

Кучките сестри беше ги викнала таа да и поможат за раѓачката, да и сторат измет и наместо измет, пакос и сториле.

Дошол царскиот син при царицата да види што родила и тие беа му рекле:

- Ти биди жив, честити царе, оти сестра ни наместо дете ѕвездалија да роди, ти роди едно куче.

- Бре, куче роди, а? Ја земете ја таа кучка и фрлете ја во темни зандани! - рекол.

Ја грабнаа сирота невеста и на правина ја фрлија во темни зандани.

Детето што го фрлија в море, беше го кренал еден бран, та беше го однесол во една земја и го изфрлил на суво. За правината Божја да излези на јаве, близу кај што го исфрлило морето детето имало една пештера, кај што лежела една срна и чула оти плачело детето, та рипнала и пошла по гласот да види што е. По Божји благослов, му се навртела та го доела млеко и кое со нога, кое со муцката го однесла в пештера, кај што и било легалото и си легнала до него да го топли. Денеска, утре, си го доела срната и си го пораснала. Пет-шест години беше сторило, секаде си шетало и си играло со две камчиња бесценети што беше си ги нашло покрај море.

Од лошите ветрои, беше дотерале брановите една гемија. Излегол гемиџијата на суво и го видел детето кај си шетало околу пештерата, се прибрал до него, му проговорил, арно ама детето не ти знаело никаков јазик. Извадил чоекот и му дал едно јаболко да си касни, се скротило детето и го фатил за рака, фатил да го милува и да го гледа со ѕвездата на чело. Се чудел чоеко од кај ќе биди тоа дете и не би час, стигнала срнката, без да бега од гемиџијата, се навртела да си го дои детето. Се чудел гемиџијата како стасало детето во таа земја. Бидејќи бил богубојазлив и милостив си го зел детето в гемија. Сирота срна од жал по сина е, се фрлила в море, запливала по детето и таа сакала да оди. Видел гемиџијата оти и таа сака да оди со детето, ја зел и неа в гемија и тргнал да си оди дома.

Кога беше заповедал Господ еден ветар, па кога ја потерал гемијата, во брзо време беше ја отерал до градот. Гемиџијата си го однесол детето дома со срната и никому не кажувал. Си продал еден бесценет камен и многу се збогатил. Си го учел детето да зборува и го облекол во најубави алишта. На главата му клал една подлабока шапка за да му се покрива ѕвездата.

Со денеска, со утре, го научил детето да зборува, чунки од царска крв беше, та многу беше му фаќало умот. Беше го крстил Најденко.

Фатило детето да се запознава со децата и да си поигрува. Играјќи еднаш Најденко, не знам како сторил и заборавил, та си ја поткренал капата да си ја избриши потта што беше се испотил во играњето и веднаш беше болснало светлина од ѕвездата во очите на другите деца што го видоа, очите беше му се зеле од ѕвездата.

Вечерта секое дете беше си кажало по дома оти Најденко од гемиџијата има ѕвезда на чело.

Од збор на збор на царо и уши и царскиот син кога чул оти такво дете има гемиџијата, веднаш му дошло на ум да не би негово е, чунки царицата некогаш се пофалила да роди такво дете. Веднаш беше пратил луѓе да го донесат пред него, да го види што дете ќе биди со ѕвезда на чело.

Го донесол гемиџијата Најден пред татка си и беше му се поклонило како на цар што треба. Бидејќи гологлаво било ѕвездата беше болснала во очите на царскиот син и на самиот стар цар. Кога виделе тоа чудо, беше се зачудиле. Му се пулел стариот цар во лицето на детето, во зборот што зборувало, во бенката што ја имало на десниот образ и сетил дека му е внуче, чунки цел целичок на татка си беше, како глаата да беше му ја скинал на татка си.

Тогаш го прашале гемиџијата од кај го нашол тоа дете и тој беше му кажал кај го нашол. Татко му го прашал:

- Чие си бре, мило дете? Кој ти е татко и мајка?

- Честити царе, јас татко знам да ми е гемиџијава што ме има сега и што ме гледа, а мајка ја знам срната што ме доела и што ме гледала како мајка.

Откога чу татко му тие зборови, рипна и го грабна, та го целива и измилува, та целивајќим и плачејќим заповеда бргу да ја извадат царицата од темните зандани.

Ја донесоа царицата пред царот. Без да знаи зошто, влегла во одајата пред царот, та му се поклонила и штотуку беше го видела сина и Најдена, беше го грабнала, беше го измилувала и рекла:

- Мило чедо мое, кај си да ја видиш твојата мајчица кај лежи во темна зандана толку години? Јас чедо сум те гледала на сон, асли сега како што ми те гледам. Ах, моите зависливи сестри ова ми го сторија, туку правината се танчела и не се кинела. Поткрени мило чедо шапчето да ти видам ѕвездата што бев ти ја видела кога се роди.

Ја симнал Најденко шапката за да ја види мајка му ѕвездата.

- Мила моја снао, од кај го познаваш твоето мило дете - и рекол свекор е - што го прегрна веднаш и за чедо го стори?

- Лели кажав, мили ми тате понапред, оти на сон сум си го гледала и со виделината на ѕвездата негова сум си светила в зандана, да од тоа тате си го познав одеднаш.

Веднаш пратил царот по сестри и да дојдат за да 'и праша како направиле. Дошле сестри 'и и царот многу 'и стегнал да кажат како направија, арно туку од пусти страв да не ги погуби царот, не ја кажувале правината, ами криеле.

- Мори сестри - му рекла царицата - мори утки, лели јас си го најдов чедото, не берете галје да не ве оставам да загините, туку ве молам кажете си правината за да се прикажува дека правината се танчи и пак не се кини. Се сврте накај царот царицата и го помоли:

- Честити царе, јас многу ти се молам и те проколнувам за синчето ти Најденко, немој сестри ми да ги губиш дека ми сторија мене оваа грешка, чунки ние жените сме долгокоси и краткоуми, да од тоа те молам да им простиш.

- Ај нека се простени! - рекол царот.

И вистина беше ги простил сестрите за атерот на царицата. Тогаш дури беа кажале оти тие беше го фрлиле в море детето, од завист дека имало ѕвезда на чело и наместо дете беше и клале куче.

И така се напраи царо со невеста и до едно синче со ѕвезда на челото, а пак сестри и за црна срамота беа се сториле и засрамени беа си наведнале очи и си отишле.

 

Адаптирал: Барбара Синадиноска

Последни статии

article-img

Последно на форумот

message-img

ПАКЕТ ПОДАРОЦИ

article-img

Секој месец подаруваме богати подароци на трудници, семејства со новороденчиња, мали деца и деца.

Кликнете и изберете го вашиот пакет со подарок!

Пакет подароци - Пријава Трудница
Пакет подароци - Пријава Новороденче, доенче
Пакет подароци - Пријава Мало дете (1-3)
Пакет