Девојчето и дванаесетте месеци
Македонски волшебни приказни
Една жена си имала две ќерки: едната била нејзина, а другата најдена (паштерка). Својата ќерка многу ја милувала, а паштерката да била кабиљ во една капка вода да ја удави, ич не ја сакала и толку не сакала да ја види што веднаш земала да ја тепа. И покрај тоа што толку ја мачела паштерката, таа пак била здрава и јака, а нејзината ќерка болна и неолна.
Чунки ја гледаше жената така здрава паштерката, во образите подуена како со цевка, што да ја удриш на едниот образ другиот ќе и пукни, а нејзината како леб да не јадела, па многу и било мака дека таква била нејзината ќерка. Мислела, думала маштеата, какво зло да и направи на паштерка си и и дошло на ум една вечер да ја пушти на вода кај една чешма што била надвор од градот. До чешмата имало едно дрво ветерничаво и под тоа дрво ѓомити се збирале ветроштиње, па белким ќе се исплаши паштерката и нема да се врати жива.
Отишло сиротото девојче на чешма за да залее вода и кога дошло до дрвото видело единаесет-мина мажи и една стара жена, поседнати околу наоколу чешмата. Од мажите имаше и стари и млади и куси и долги, а едниот бил многу кус. Старата жена стоела многу смуртена, таа била баба Марта, а другите биле единаесетте месеци. Најкусиот бил февруари. Кога ги видело, девојчето се престрашило и му рекло:
- Добровечер стриковци, што чините, како сте, здраво - живо сте?
- Дал ти Бог добро девојче - и рекле месеците - арни сме, здрави, живи. Ами ти како си и што бараш во ниедно време да идиш на вода? Ами како не ти е страв мори девојче?
- Е, море стриковци, страв, нестрав, кога ме пушта маштеа ми, како можам да не одам? - му рекло девојчето.
- Вистина така е девојко, кај што има сила, правдина нема, туку слушај ваму - и рекла баба Марта - нешто ќе те прашам: кои месеци се поубави, а кои полоши во цела година?
- Оф мори златна бабо - рекла девојката - ами сите месеци се во годината од убави поубави, нема ни еден лош месец.
- Ај со здравје пиле - и рекле - оди си и да си благословена од Бога и од нас, за на секој збор по еден алтан да ти паѓа од устата.
Си залеала вода девојката, си отишла дома, тропнала на портата и излегла маштеата да и отвори. Кога ја виде со полни стомни, ја фатило тага оти се вратила жива. Ја прашала нешто и колку пати што проговорила, толку алтани беше и паднале од устата на земја, па се наведнала и си ги зела алтаните. Кога видела маштеата оти паштерка и на секој збор што ќе го проговори, се по еден алтан од уста и паднувал, голема мака и дошла, чунки таа ја пушти да загини, а на алтани на секој збор да вади.
- Кој те направи мори кучке да вадиш алтани од уста? Кажи ми оти сега ако те фатам, дури не те облее студена пот нема да те пуштам! - и рекла маштеата.
Кога ги слушна, сирота девојка, тие зборови од маштеата од пусти страв и кажа за се што и се случило со месеците.
Утре вечерта ја пушти ќерка си да залеи вода и да ја благословат и неа, за да вади алтани од устата:
- Ај ќерко, ќе те подиспратам до кај чешмата да појдиш - и рекла - за да залеиш вода и да те благословат месеците, да вадиш и ти алтани, како онаа кучкана, присестра ти што вади.
Отишла девојката кај чешмата и откако се поздравила, месеците ја прашале:
Кои месеци се поарни, а кои се полоши?
Се подумала малку чупата и рекла
- Ами зар вие не знајте кои се поарни и полоши, што ме прашате мене? Ами и малите деца знаат кои месеци се поарни. Јануари и Февруари се најлоши, а пак Марта смуртена и со триста ума е, ете тие се најлоши. Туку што да чиниме, сме му паднале в рака бе стриковци, како сакаат ќе ни прават - му рекло девојчето.
- Ај да си благословена - и рекле месеците - и змиулчиња да вадиш од уста на секое проговорување.
Едно влегување в порта, кога проговорила почнале да и излегуваат змиулчиња од устата.
- Мори што така ќерко, змиулчиња ми вадиш од устата? Што не ми вадиш алтани како кучкана присестра ти, туку змиулчиња ми вадиш? Леле ќерко, се сторивме за срамота! Што би оваа несреќа што не снајде?
Уште повеќе ја замразила паштерка и, арно ама немаше што да прави, чунки Господ ја милувал неа, ако беше сирота.
Кој што копа гроб на друг, сам паѓа во него.
Адаптирал: Барбара Синадиноска