Хуманитарната акција на Софија Петковска заврши успешно
Збирката "Снежни стихови" е распродадена, а донациите се однесени во Дневниот центар за деца на улица во Скопје
1. Веќе разговараме за издавањето на збирката ,,Снежни стихови". Дали целта е остварена ?
Да, горда сум и среќна што хуманитарниот проект со книгата ,,Снежни стихови" заврши успешно. На убав, празничен ден, на Василица, јас им ги однесов донациите на дечињата и вработените во Дневниот центар за деца на улица во Скопје. Предвидено беше книгите да се продадат до средина на месец јануари и со собраните парични средства да се купи се' она што е потребно за центарот, па така и бидна, плански и успешно. Од мое име и од името на сите учесници во книгата, би сакала јавно да се заблагодарам до сите добри души кои ја купија книгата и кои донираа средства за овие дечиња, како и голема благодарност до вас, медиумите кои веста за оваа акција брзо ја споделивте, се' со цел продажбата на книгата да се одвива брзо и лесно. Мислам дека сите имаме удел во сето ова, така да јас тука давам огромен аплауз за сите нас.
2 .Веќе знаеме дека сте автор на неколку дела, педагог, посветена мајка и голем хуманитарец. Како вие би се претставиле накусо? Која е Софија?
Јас сум уметник во душата, во слободно време обожавам да пишувам, да читам книги или да цртам. Интересно за мене е тоа што верувам во моќта на умот и силата на мислата и емоциите, водам дневник на благодарности, голем гурман сум, уживам во убава и вкусно зготвена храна, сакам да пијам кафе со моите пријатели, а особено уживам кога со син ми правиме некои креативни изработки, заедно учиме и откриваме нови нешта. Тоа ме исполнува и ме прави многу среќна.
3. Вашата љубов кон пишаниот збор ја преточивте во вашите дела. Од каде добивате инспирација за пишување?
Јас сум личност која во се' може да пронајде приказна и на се' да му вдахне живот. Непресушен извор за мојата инспирација е животот со сите свои добри и лоши страни. Пишувам за љубовта во сите нејзини форми, пријателството, радоста, тагата, природата, празниците, за духовниот пат на самата себеси. Јас можам со зборови да допрам до ѕвездите, од обичното зрно песок да изградам династија со мислите. Мојата цел е преку стиховите да допрам до сечија човечка душа и луѓето повторно да почнат да читаат поезија.
4. Вашата вокација ја применувате со многу љубов пред с? на вашето синче Јосиф,што може да се види на вашите профили на социјалните мрежи. Каква е мама Софија? Колку мајчинството ве промени?
Токму така. Како дипломиран педагог, професионална деформација би рекла дека е тоа. Со син ми заедно играме и учиме нови нешта преку игра, а се' она што го работиме заедно, јас го споделувам на социјалните мрежи, детално објаснето од цели, до користени материјали и постапката за изработка, придружено со по некоја фотографија. Целта ми е да ги активирам и останатите родители и да им пренесам идеи за како квалитетно да го поминуваат своето слободно време со дечињата, а да не биде тоа само гледање цртани филмови или играње со играчки.
Искрено, мене мајчинството ме промени многу. Освен што Јосиф учи многу работи од мене, како од воспитен, така и од образовен аспект, многу нешта и јас учам од него. Јосиф ме учи на трпеливост, на истрајност и храброст, за многу нешта ми е инспирација, а пред се ме учи на спонтаност и опуштеност. Како негова мајка, давам се' од себе за да порасне во зрела, умна личност, вредна за почит, тој ми е центарот околу кој се врти мојот свет, се' друго е споредно, на него му посветувам максимално внимание и љубов. Често знам да кажам, си родив најдобро , најверно другарче.
5. Како педагог, кој е вашиот најдобар совет за нашите читатели,идни и сегашни родители, ако може да издвоите само еден?
За родителите, еден совет никогаш не е доволен, но еве би го издвоила следново: никогаш не се сомневајте во вашата интуиција, бидејќи таа никогаш не лаже. Слушајте се себеси и следете ги потребите на вашето дете, не се споредувајте со други родители и никогаш не ги споредувајте вашите деца со децата на другите родители, бидејќи секое дете е приказна сама за себе, има свој индивидуален развој и свое време кога ќе процвета, не ги форсирајте и брзајте нештата.
6. Дали планирате да напишете нешто поразлично од тоа што досега сте го пишувале?
Јас до сега пишувам само поезија и тоа претежно поезија за возрасни, но оваа година освен две мои нови збирки поезија за возрасни, од печат ќе излезе и поезија за деца, како и уште една за деца која ќе биде педагошко стручна и нема да биде поезија.
7. Дали моментално пишувате и дали ќе ни откриете за што се работи во делото?
Да, јас постојано пишувам. Не застанувам. Пишувам неколку книги наизменично, две збирки поезија за возрасни, детска книга од педагошки карактер во која ќе стане збор за начини, методи и активности на родителите и наставниците за тоа како да го направат часот интересен, односно учењето да биде секогаш преку игра, потоа работам и на збирката поезија за деца која освен песнички ќе има и многу други креативни делови, но што точно, нема да откријам сега, тоа ќе биде изненадување, да ги држиме читателите во неизвесност и исто работам на уште една книга, тоа ќе биде прирачник за иновативни методи за водење семинари, обуки и конференции. Се' на се' ме чека многу плодна и богата со книги 2022 година.
8. Која книга би ја препорачале на нашите читатели?
На читателите би им ги препорачала сите книги на Ронда Бирн, сите книги на Гијом Мисо, од класиците било која книга од Достоевски, иако ,,Злосторство и казна" ми е најомилена од него и секако поезија: Руми, Пабло Неруда, Петре М. Андреевски, Блаже Конески и многу многу други модерни поети и поетеси, а за предлог книга поезија може да прочитаат на мојата фејсбук страница Поезија на Софија каде ќе има посебна рубрика препорака за книга збирка песни.
9. Рековте дека пандемијата Ковид 19 ве спречи да направите промоција на вашето првенче книгата ,,Поетски нежности". Дали сега би направиле промоција, гледајќи дека ситуацијата се стишува?
Да. Дур да биде промоцијата на мојата прва книга, голема е веројатноста до тогаш да излезе од печат барем уште една моја книга од овие кои ги имам во план и на кои активно сум посветена и работам, така што промоција ќе има со сигурност. За во Скопје уште не е закажано ништо, но за во Валандово промоција ќе има сега на пролет, во Културниот дом 25 Мај, а за подетални информации ќе бидете накнадно известени.