Инфекции кои децата тешко може да ги избегнат
На почеток на школската година и во текот на есенските и зимските месеци, многу инфекции ги напаѓаат нашите деца што понекогаш е тешко да се избегне. Кои се тие инфекции и што е карактеристично за нив, накратко ќе ви откриеме
Настинка
Настинката е заразна вирусна болест која влијае на горните дишни патишта, особено на носот, а вообичаено и на грлото и синусите. Кашлица, воспалено грло, течење на нос, кивање, главоболка и покачена температура се карактеристични за настинката и најчесно исчезнуваат за една недела или нешто подолго, а во најлош случај за три недели. Важна мерка за заштита од инфекции е миење раце, особено ако претходно сме биле на места со многу луѓе како што се автобуси, трговски центри, амбуланти.
Грип
Грипот е предизвикан од вирусот на инфлуенца. Инфекциите се манифестираат со покачена температура, течење на нос, болки во грлото, мускулна болка, главоболка, кашлање и кивање, како и чувство на умор. Кај децата може да се појави и пролив и повраќање. Во сериозна форма на грип може да се појави и воспаление на белите дробови, што за одредена група на луѓе може да биде фатално.
Бронхитис
Воспаление на слузокожата на бронхиите се нарекува бронхитис. Во повеќе случаи тоа е последица од вирусните инфекции на респираторниот систем, а може да биде и од бактериско потекло. Обично настанува од настинка. Бронхитисот се карактеризира со стеснување на дишните патишта, искашлување на зголемена количина на гнојав секрет и отежнато дишење. Често се појавува кај пушачи и луѓе со хронична белодробна и респираторна болест.
Воспаление на белите дробови
Пневмонијата е инфекција на белите дробови со воспаление на белодробните алвеоли (воздушни меурчиња) кои се исполнети со гнојав секрет, што го отежнува дишењето и внесот на кислород е ограничен. Воспалението на белите дробови е придружено со кашлица, болка во градите и покачена телесна температура. Нејзини предизвикувачи се вируси, бактерии и габи. Најчесто се јавува кај пушачи и луѓе кои престојуваат во просторија со сув воздух.