cookie-img

Веб-страницата користи колачиња

за да обезбедиме он-лајн сервис, анализа на користење, системи за рекламирање и функционалности нема да можеме без употреба на колачиња. Со континуираното користење на страницата, се согласувате со колачињата.

Интервју: Наде Стојилковиќ, автор на Книга на годината

На мое огромно задоволство, денес сум на кафе-муабет со Наде Стојилковиќ, авторката на “Ќерката на дрвосечачот“ која е отпечатена во 3000 примероци и “Тајната на Алексови“ која ја понесе титулата Книга на годината и отпечатена во 2400 примероци

Интервју: Наде Стојилковиќ, автор на Книга на годината

 

Еве што ја прашав и што за Рингераја одговори Наде
1. Читателската публика те запозна со „Ќерката на дрвосечачот“, која доживеа огромен успех. Најпрво, како се роди идејата да издадеш книга?
Мојата постара сестра ме „навлече“ на книгите, најпрво со сликовници од библиотека уште на пет години. Многу читав, книгите беа мојот свет, живеев со децата од Павловата улица, со новелите за Никола Бурсаќ, со сказната за Вилен, волшебното самарче на Трајче...  А пишувањето песнички, раскази, писмени работи ми одеше добро во основното училиште. Искрено, тогаш и не знаев што значи зборот „писател“, ама знаев дека е нешто што сакам да го правам – да пишувам... 
Дури имам и една анегдота. Кога имав 11-12 години започнав во една од моите тетратки да пишувам роман... А, всушност и не знаев што значи тој збор... Се сеќавам беше за едно девојче Џени (замисли, Џени? Веројатно под влијание на книгите што ги читав!) кое планира да го обиколи светот. И така почнуваше мојот роман - Џени излегува од дворот на куќата на мајка ми, која се наоѓаше на кејот покрај реката, нареден со багреми и со тополи, улицата беше калдрма, неасфалтирана... И така јас опишував како мојата Џени тргна по правливиот пат покрај багремите да го открива светот... Никогаш не ја завршив, секако, но имав еден омилен братучед Боге, кој многу го сакав, на кого единствено му кажав дека пишувам книга... Секогаш кога доаѓаше, ме прашуваше до каде стасала мојата Џени и јас му раскажував каде таа мисли да оди, двајцата многу се смеевме на авантурите на Џени, кои останаа само во мојата глава... Кога сега ќе помислам, веројатно уште тогаш во мене тлеела желбата еден ден да напишам роман.
2. Кои беа твоите очекувања и стравови во однос на твоето првенче?
Искрено, секогаш го повторувам ова, немав никакви очекувања. „Ќерката на дрвосечачот“ ја пишував буквално за себе, во неа мислам дека е вграден дел од моето срце, моите емоции, секој збор буквално е излезен од мојата душа. Моето мото кога требаше да излезе од печат беше, ако приказната допре до 2, 20 или до 200 читатели, за мене тоа е доволно... Значи таа си го нашла својот пат до оние што ќе ја поддржат и ќе најдат нешто интересно во неа. Но таа десеткратно ги надмина тие бројки.
3. Од каде инспирацијата за оваа книга?
Инспирацијата е вистински настан. Дана е жена која во тие осумдесети години живееше во Скопје и јас лично ја запознав, при што добив и дозвола еден ден да ја напишам нејзината приказна. Но за жал, одамна изгубивме контакт, не бевме блиски, само се запознавме, и знам само дека подоцна таа се исели од Македонија и некако повеќе не се пронајдовме. Инаку, нејзината приказна мене прво ми беше раскажана, што би рекле од втора рака, од нејзина блиска личност. Најмногу ми беше мило откако излезе книгата што досега две читателки се сетија на тој случај, кој во тоа време се прераскажуваше во градот.
4. Верувам по успехот на „Ќерката надрвосечачот“ објавувањето на ново дело беше предизвик. Кои беа твоите очекувања и стравувања?
Секогаш ова го кажувам: јас не го очекував успехот на „Ќерката на дрвосечачот“ во овој размер... Пет изданија за 13 месеци. И сега кога ќе помислам  ми се чини како невозможна мисија. Уште помило ми е што книгата и понатаму е барана. 
Повеќепати сум спомнувала дека книгата одамна беше завршена, но дури лани е издадена. Кога ја завршив уште ми држеше пишувачката грозница, па веднаш го започнав следниот роман „Тајната на Алексови“, кој стоеше напишан само со десетина-петнаесет страници, но со нацрт во главата што и како ќе биде приказната... Секако, нормално беше штом излезе „Ќерката на дрвосечачот “ да седнам и да ја завршам и „Тајната на Алексови“, чија основа исто така е вистински настан, но во неа има многу повеќе фикција. Секако, имав повеќе стравувања отколку очекувања, затоа што бев свесна дека по приемот кој „Ќерката на дрвосечачот“ го доживеа, јас не смеев да им понудам ништо полошо на читателите. Нивните очекувања беа огромни, јас секојдневно добивав десетици пораки со пофалби и барања (и сè уште добивам). Многу луѓе се пронајдоа во „Ќерката на дрвосечачот“. Јас не смеев да ги разочарам нивните очекувања. Навистина бев под голем притисок, а очекувања... Па, немав некои посебни очекувања, едноставно оставив на читателите да одлучат за „судбината“ на „Тајната на Алексови“. 
  
5. Од каде инспирацијата за „Тајната на Алексови“?
Еден вистински настан за трите сестри беше инспирација да настане „Тајната на Алексови“. Во книгата има многу вистина и многу автентичност, но и многу поголем дел фикција во однос на „Ќерката на дрвосечачот“. Низ приказната за сестрите Алексови сакав да го прикажам нивниот живот,  животот на три генерации од семејството Алексови, потоа обичајот што е опишан, а кој е вистинит и на кој присуствува за да видам како се одвива...
6. Како е да се биде писател во нашата земја?
Па, јас себе сè уште не се нарекувам писател. Искрено, она новинарското во мене и понатаму е многу посилно, а и моите сфаќања се такви - дека ако си автор на две книги, тоа не значи и дека си писател. Мислам дека треба многу повеќе да си посветен на литературната дејност за да можеш да се наречеш писател. Јас за себе велам дека сум автор на две книги... Во нашата земја не е ништо посебно да пишуваш... Што знам, јас верувам дека авторите секаде имаат проблеми, не  верувам дека само ние сме земја во која творештвото не се цени многу и не е на некое завидно ниво. Верувам дека и во останатите Балкански земји е така, додека Американците, Скандинавците, Европските земји секако прават голем бизнис од авторството... Но тоа е далеку од нас мерено со светлосни години.  
7. Какво е чувството да се биде писател на книга на годината?
Убаво. Преубаво. Кога на овогодишниот прв избор READER'S CHOICE BOOK AWARDS 2020 беа номинирани книгите и кога ја видов „Тајната на Алексови“ номинирана во две категории, воопшто не бев возбудена. Мислев дека нема шанси покрај сите тие имиња на автори кои беа понудени, и странски и домашни... Мислам, да се разбереме, „Тајната на Алексови“ беше ставена во конкуренција со Софи Кинсела, Сара Џио, Надја Хашими. Прво ми е голема чест, а потоа мислев дека немам никакви шанси покрај нив... И конкуренцијата за домашен автор беше завидна, а јас сепак сум повозрасна и сметав дека мојата публика се жени кои не поминуваат многу време на интернет-мрежите, па нема ни кој да гласа за неа. Но кога беа објавени резултатите и кога видов со колкава разлика водеше и победи во двете категории во кои беше номинирана - книга со најдобра женска фикција и најдобра книга од домашен автор за 2020, навистина бев пресреќна. Веднаш почнаа да пристигнуваат пораки, честитки... Не ми се веруваше дека „Тајната на Алексови“ стана книга на годината... 
8. Дали досегашниот успех те мотивира повеќе или ти создава трема?
Тремата беше пред „Тајната на Алексови“. Сега веќе немам трема, само мотивација. Имам 13-14 раскази кои би сакала да бидат објавени во книга, но имам и повеќе идеи за романи. За еден веќе ми е издиференцирана конкретно темата, направив некои истражувања, ми треба уште време, но знам точно што сакам и полека ги правам скиците.
9. Членуваш во читателски групи. Каков е твојот впечаток за македонците како читатели?
Го сакам членувањето во групите за книги, мислам дека сум член ама токму во сите... Сакам да читам разновидни размислувања, осврти за книги, го следам издавањето нови наслови, домашни или преведени, едноставно се дружам со луѓе кои, исто како и јас, многу сакаат книги и со кои имаме што да споделиме. Се радувам што сè повеќе има вистински вљубеници во книгите, за разлика од порано, во времето за кое моите сознанија беа дека многу се чита во екс ју-државите како Хрватска и Словенија, додека кај нас овде и писменоста беше со незавиден процент, а читањето на уште понезавидно ниво. Но сега има сè повеќе млади читатели, имаме за среќа и многу млади автори, значи постепено се искачуваме по некои скалички нагоре.
10. Што читаш во слободно време. Омилен жанр и писател?
Порано читав сè до што ќе дојдев, најмногу ги сакав класиците и книгите со посериозни теми. Во текот на мојот работен век, со две деца, имав сè помалку време за читање, иако никогаш не престанав да читам, напротив, мислам дека нема ден во мојот живот кога не сум прочитала барем неколку странички. Но веројатно поради оптовареноста со новинарската работа, која ме исцрпуваше, почнав да читам полесна литература, многу често белетристика, а омилен жанр ми бил отсекогаш и ми останаа драмите. Сега ги додадов и трилерите. Од авторите сакам да ги читам Виктор Иго, Александар Дима, Михаил Шолохов од класиците, а од поновите имиња Кристин Хана, Рута Шепетис, Пам Џеноф, Жоел Дикер и секако – Фицек. 
 
11. Твоја препорака за младите кои имаат желба да пишуваат?
Често ми пишуваат млади луѓе кои сакаат да пишуваат или веќе имаат напишано нешто, роман, книга, имаат некаков ракопис, па бараат консултација или совет. Се трудам да помогнам колку што можам. Она што секогаш и на сите им го велам прво е дека мораат да бидат истрајни. Ако имаат идеја, тоа е веќе старт на пишувањето. Но истрајноста е многу важна, затоа што, да се разбереме, пишувањето не е лесно. Те обзема цела, мозокот, клетките, сонот, душата... Нема спиење, нема мислење на ништо друго, сè додека низ мозокот се оформуваат ликовите, додека се одвиваат нивните дејствија, додека го живееш нивниот живот и влегуваш во нивната душа.  Затоа, ако ја немаат истрајноста - тоа што го почнале никогаш нема да стане книга.
12. Деновиве уживаш во улогата на баба. Вистина ли е она дека внуците се сакаат повеќе од децата?
Повеќе или исто? Ова и мене отсекогаш ми било дилема... Истото прашање јас ? го поставив на мојата мајка и ќе ви го дадам нејзиниот одговор. Таа велеше: и десет деца да имаш, сите ги сакаш исто, како што те болат сите десет прсти на рацете. Децата ги сакаш многу, но немаш доволно време да им се радуваш затоа што тие се твоја одговорност, од нив треба да направиш луѓе. Додека внуците се деца на твоето дете и на нив можеш само да им се радуваш. Тука има друг што се грижи за воспитувањето и оние потешките обврски, ти едноставно  ослободена си од обврските за воспитување, од мислата дека од нив треба да израснеш паметни луѓе.
13. Ќе те навратам малку во времето кога беше трудница и мајка на мали деца. Какво беше твоето трудничко и породилно отсуство? Кои беа твоите најубави мајчински моменти, а кои од оние „слатки маки“? 
Тоа се денови и години кои никогаш не се забораваат. Во првата бременост со ќерка ми Ана бев невработена, можев целосно да се посветам на бременоста и мислам дека тие девет месеци се чувствував како единствена и најблагословена на светот. Не случајно бременоста е наречена благословена состојба. Имаше мачнини, неспиење, ќерка ми беше дете што долго време немаше ред во спиењето, често ми беше многу тешко, но кога си мајка, мислиш само на доброто на детето, макар и три ноќи не легнала во кревет. Втората бременост беше по шест години, син ми Ненад се роди во едно убаво, топло јулско утро... Тогаш веќе бев новинар во синдикалниот весник и со огромен стомак трчав по интервјуа, на состаноци, седев на седници што траеја со часови, одев на патувања... За среќа, некоја виша сила те охрабрува во тие денови и можеш сè да издржиш. Во времето кога се раѓаа моите деца, сите деца беа -  вистинско изненадување! Ехо-апаратите беа со малку постара технологија, па понекогаш лекарите кажуваа дали плодот е со машки или со женски пол, но често се правеа грешки. Јас не сакав да знам во бременоста какви се моите, затоа и моментите кога се пораѓав никогаш нема да ги заборавам. Тоа беа најголемите изненадувања, тоа беа најскапоцените подароци што во животот ги добив... „Мајка, имаш ќерка“, „Мајка, имаш син“... Можете ли да замислите поубави зборови од тие? Нивното растење беше радост за мене, и покрај сите маки и тешкотии, затоа што јас немав во близина ниту мајка, ниту свекрва. Немаше кој пет минути да ги причува, да ги земе од градинка во деновите кога јас морав да се задржам на работа... А новинарството бара цел човек, не можеш половично да го работиш. Затоа моите деца мораа веќе на девет месеци да одат во градинка, мораа да посетуваат целодневна настава дури и во четврто одделение, мораа сами да пишуваат домашни работи, затоа што мама и тато ќе дојдат многу доцна, па не можат да им помогнат... Но, за моја среќа тие беа нормални, здрави, пргави, истовремено и послушни деца, добри ученици, па некако успевавме да ги надминуваме и „слатките маки“ и убавите моменти. Тие се сега возрасни деца, ќерка ми и самта е мајка на ќерка и син, моите ѕвездички Јана и Кристијан, и сите тие заедно се мојот лајт-мотив да живеам, да творам, да одам напред...
Се надевам уживавте во разговорот. 
Доколку с? уште не сте ги прочитале книгите, направете го тоа веднаш. 
Подготви Марина Кљајиќ Петковски 

 

Последни статии

article-img

Последно на форумот

message-img

ПАКЕТ ПОДАРОЦИ

article-img

Секој месец подаруваме богати подароци на трудници, семејства со новороденчиња, мали деца и деца.

Кликнете и изберете го вашиот пакет со подарок!

Пакет подароци - Пријава Трудница
Пакет подароци - Пријава Новороденче, доенче
Пакет подароци - Пријава Мало дете (1-3)
Пакет