Интервју со Александра Илиевска–водител на Брза Кујна
Александра Илиевска, на сите нам добро познато ТВ лице, најмногу препознатлива по белото перче во косата, широката насмевка, убавиот глас и шоуто Брза кујна. Зошто Александра оваа 6-та сезона ја нема во Брза кујна? БРЕМЕНА Е! Денес разговараме со неа
Со Александра разговараме за бременоста и идните планови
Рингераја.мк:
Драга Александра, како што веќе сите знаеме, вие сте бремена. Кажете ни најпрво како се чувствувате, во кој месец од бременоста сте и кога е вашиот термин за породување?
Александра Илиевска:
Јас сум во третиот триместар од мојата бременост. Големо е чуството на возбуда бидејќи со секој нов ден сум се поблиску до денот кој со огромно нетрпение го очекуваме.
Секоја бременост е индивидуална, но постои едно заедничко правило, во овој период од животот најмногу треба да сме ведри, насмеани и релаксирани. Да, големиот стомак, честите клоцања и придружните симптоми прават да се чувствувам уморно, расеано и неудобно, но радоста надополнува сé.
Рингераја.мк:
Какви чувства буди бременоста во вас? Дали првите месеци чувствувавте мачнини и како се чувствувате сега кога сте во третото тромесечие? Дали сте активна трудница?
Александра Илиевска:
На почетокот чувствував благи мачнини карактеристични за првиот триместар но од самиот почеток до денес се чуствувам добро. Бременоста е посебен период од животот на жената поврзан со мноштво телесни и емоционални промени но сметам дека начинот на живот на трудниците не треба толку темелно да се промени. Постојано ми надвиснуваат прашањата дали е сé во ред, дали моето дете е добро, како ли ќе се породам, дали добро ќе се снајдам во новата улога на родител... сега сите овие прашања се поставуваат со плус една околност, пандемијата Ковид 19 што ни се случува на сите нас. Заради тоа голем дел од моите работните обврски се ставени во мирување, како познатитот телевизиски проект ,,Брза Кујна,, и мојата примарна работа во салонот за убавина ,,Шарм,, се со цел бременоста да мине во најдобар ред. Но се што ни се случува не прави посилни па така и оваа нова околност.
Секоја бремена жена има потреба и од рекреирање, така и јас. Најполезни се умерените физички активности, а во овој период мене најмногу ме опушта пешачењето. Физичката активност треба да предизвика задоволство кај трудницата, а не замор. Сите активности и случувања во овој период треба да ни представуаат уживање.
Рингераја.мк:
Кога го водевте шоуто Брза кујна, често споменувавте дека многу би сакале да имате дете. Дали долго чекавте да забремените, или тоа се случи брзо и лесно?
Александра Илиевска:
Современиот начин на живот ги поместува границите за основање на семејство. Оптималното време кога жената треба да остане бремена е кога емоционално, ментално и финансиски е подготвена, а тоа се разликува од жена до жена. Дали навистина постои вистинско време... Како што излегува, секој што ќе го прашате ќе ви даде поинаков одговор. Да се биде во можност да создадете живот е еден од најубавите подароци што им се дава на жените. Сметам дека никогаш нема да сме целосно подготвени за сé во животот, а во многу наврати животот ни докажува и покажува дека не секогаш работите можеме да ги планираме. Најдобро е да уживаме во сé што ни се случува и кога ни се случува бидејќи некои работи во животот едноставно требало да се случат кога тоа бил вистинскиот момент.
Бременост, брак, купување на кола, стан или што и да ви е во моментот на ум... Секогаш барајте позитивни работи, па дури и во негативните исходи, бидејќи каде што е застапена црната боја, секогаш се надополнува белата за баланс. Верувајте им на интуицијата и срцето, тие никогаш нема да ве излажат. Секогаш имајте резервен план. Кај нас бременоста се случи природно кога најмалку очекувавме, во интересно време за нас и за светот, во време на пандемија.
Играјте ја играта на животот правилно, а тоа е никогаш да не се откажувате од вашите соништа.
Рингераја.мк:
Не мора да го откривате, но дали го знаете полот на вашето дете.
Александра Илиевска:
Да секако дека го знаеме полот, но сепак ова би го задржале како информација за нас лично.
Рингераја.мк:
Како е да се биде трудница во време на пандемија? Дали се изолиравте во својот дом, или имате заштитени контакти со вашите блиски и познати? Дали сте дошле во контакт со заболено лице, откако сте бремена?
Александра Илиевска:
Се наоѓаме во тешко време, ќе се лажеме меѓу себе ако кажеме дека е лесно, за мене, за повозрасните лица, за децата, за сите нас.... Ние, бремените жени, и без ваквите дополнителни стресови како што во моментот е коронавирусот, се наоѓаме во една состојба на дополнителна одговорност, на исчекување и загриженост. Прегледите во овие услови се сведени на минимум за да се намали ризикот од контакт, воедно и комуникацијата со семејството и пријателите е сведена на минимум се со цел да се заштитиме. Како што и претходно споменав од сите работни обврски сум ослободена и лично гледам да се заштитам колку што можам повеќе.
За жал во текот на бременоста имавме контакт со заразено лице, но среќа сé мина во најдобар ред.
Рингераја.мк:
Често се шегувавте дека не знаете да готвите. Пред некој ден на вашиот профил на Инстаграм видов приготвени кифлички, кои се пофаливте дека сте ги направиле вие. Дали често готвите и што најчесто ви се јаде во бременоста?
Александра Илиевска:
Да, кифличките ги направив јас и беа навистина многу убави и за очи и за душа. Мојата баба ги подготвуваше најубавите пити и домашни кифлички, за жал бев многу млада и не ни бев свесна колку значи да превземете знаење од некој што е маестрален во одредена област, но ете денес учам од итернет, мојата мајка, свекрва кои се идентично одлични, а секако најбрзото училиште за мене лично се извондредните Марк и Никола.
Во овој период, бидејќи сум најголемиот дел од денот дома често готвам и сакам да имам разноводина исхрана, храна богата со витамини и минерали - овошје, зеленчук, компир, секаков вид житарки, ориз, пченица, мусли, месо и риба. Рибата дефинитивно ни е често на трпеза, ја сакам и да ја подготувам и да ја јадам во овој период.
Рингераја.мк:
Дали планирате да се вратите во шоуто Брза кујна во следната сезона?
Александра Илиевска:
Да, секако согласно околностите и условите, но желба имам. Сметам дека е одлично шоу кое ќе живее уште долги години бидејќи е навистина квалитетен проект зад кој работи одличен тим и секако е на сериозен медиум кој придонесува за попоуларноста, Сител ТВ.
Рингераја.мк:
Кој поубаво готви, Марк или Никола?
Александра Илиевска:
Различни се навистина многу во секој поглед, но одлични се и двајцата. Во една прилика Никола направи за време на шоуто најубави и највкусни палачинки од тиква, а Марк совршено пилешко микс од слатко и кисело што ми е мене омилено... верувајте тешко е да се одлучите за еден, двајцата се генијални. Кратко имав прилика во 5-тата сезона да се дружам и со шеф Боби и шеф Филип кои идентично ја сакаат професијата и се феноменални. Сметам дека секој кој ја работи својата професија со многу посветеност и љубов производот што го создава е магичен, така и чиниите што ги создаваат овие шефови. Ќе ве посоветувам да ги посетите или да нарачате за достава, од ресторанот Камник и да се насладувате од она што таму го создава Никола.... ќе ви ги разбуди сите сетила. Маџо, во срцето на градскиот парк каде главен шеф е Филип или Еквилибриум каде главен шеф е Боби... или во ова време најдобро нарачајте за дома и дефинитивно ќе заборавите на сé и ќе уживате во храна на начин на кој не сте ни очекувале да биде подготвена.
Рингераја.мк:
Дали често ја посетувате Рингераја.мк. Како ви се допаѓаат содржините?
Александра Илиевска:
Одлична локација за сите кои имаат или очекуваат дете. Супер креативни содржини. Според последните јавно достапни анализи за медиуми околу 60% од информациите македонските граѓани ги добиваат преку интернет порталите, а околу 40% од телевизиите. Овој сооднос секоја година се менува во полза на порталите затоа сметам дека секогаш треба да се пласира точна и кретивна содржина која особено е потребна на родителите, младите мајки и татковци или оние кои планираат семејство.
Рингераја.мк продолжете со квалитетна работа како и до сега!
Ви посакуваме лесна бременост, лесно породување и здраво и живо бебенце. Се надеваме дека за скоро ќе се вратите на малите екрани. Се читкаме повторно, само за убаво!
Подготви: Барбара Синадиноска