cookie-img

Веб-страницата користи колачиња

за да обезбедиме он-лајн сервис, анализа на користење, системи за рекламирање и функционалности нема да можеме без употреба на колачиња. Со континуираното користење на страницата, се согласувате со колачињата.

Интервју со Бени Шаќири: Редовно менувам пелени

Бени Шакири помалку спие, но вистински ужива во улогата на татко, која ја има веќе еден месец. Во ова интервју, тој открива какви емоции му донесе првото дете, колку го промени и во кои моменти најмногу ужива да ги гледа сопругата Лиса и синот Мик.

Интервју со Бени Шаќири: Редовно менувам пелени

 

Како еден рокер се навикнува на татковството? Како ти поминува првиот месец од добивањето син?

Па, мислам дека тука нема голема разлика меѓу луѓето од мојата и од другите професии. Да се биде родител, да создадеш нов живот и по можност да го насочиш на вистинскиот пат, е највисоката дистанца, најголемото лично достигнување на секој човек. Тоа е најубавата должност што може да се добие. Во овие 30-тина дена многу малку спијам, не подолго од час или два во континуитет, бидејќи бебето постојано не’ буди, но не чувствувам умор. Задоволство ми е да станам во три часот по полноќ, да го земам во раце, да го понишкам, да ми ги променам пелените и пак да го вратам во креветчето.

Се’ уште е многу мало, но почнува ли според некои карактеристики да те потсетува на тебе?

Се убедувам себеси и не сакам да верувам дека е тоа само заради мојата голема желба, но навистина имам впечаток дека реагира на музика. Имаме музичка кутија, која секогаш кога ќе ја слушне, престанува да плаче, ги врти очите, бара нешто. Денеска мајка му му пушташе песни од саундтракот на „Кралот лав“ и, барем мене ми се чини дека таквите звуци го интересираат.

Како изгледаше твојата прва средба со бебето?

Страшно (се смее). Не присуствував на породувањето, но го видов синот само два часа откако се роди. Прво имав чувство на збунетост, потоа се прашав „зар е ова мало суштество навистина мое“, па ми навреа солзи радосници, а бидејќи секогаш внимавам да не се расплакувам надвор од дома, ми застана „кнедла“ во грлото пред докторите во „Систина“. И сите овие силни емотивни миксови се случуваа од секунда во секунда. А бебето беше гладно и ги имаше пикнато двете рачиња во уста. Задржав доволно прибраност да го сликам, и таа фотографија ќе ја урамам - и во мојата меморија и за на ѕид.

Се менуваш ли ти постепено, откако стана татко?

Не сум сигурен. Веројатно сега излегуваат на површина подобрите страни на мојот карактер. Тоа е плод на зголемената одговорност, односно на вистинската одговорност. Духот никогаш нема да ми се промени, но сигурно дека ќе мора да станам потактичен, посмирен, потивок, помалку избувлив... Детето не смее да ги гледа своите родители во ситуации кои значат лош пример за него. Наша должност е да му обезбедиме живот во хармонија, љубов, меѓусебно разбирање, па и во благосостојба, колку што ќе ни даде Господ.

А се менува ли твојот однос со сопругата Лиса?

Да, откако го роди синот ја сакам уште повеќе, ако е тоа воопшто можно, бидејќи и претходно ја сакав бескрајно. Навистина сум среќен што ја имам. Задоволство ми е да ги гледам додека го дои. На моменти добивам впечаток дека мојата посветеност кон нив двајца преминува во параноја, но не можам да се спротивставам на тоа, и да бидам искрен, вистински уживам да им се посветам целосно. Прво дете е, па и нека биде разгалено. И јас сум бил разгален, па еве, се развив во нормална личност. Односно, барем верувам, дека сум нормален (се смее).

Имаш ли посебни задолженија околу синот?

Апсолутно, пред се’ бањањето и менувањето пелени. Секако, и мајка му го прави тоа, но јас инсистирам таа да биде што е можно повеќе ослободена од таквите обврски, за да одмора, добро да се храни и да „произведува“ млеко. Од неа синот го црпи тоа што му треба во оваа возраст, и затоа велам: „сето останато јас ќе го работам“.

Која од тие активности ти оди најдобро?

Па, веќе сум доста вешт за се’. Уште додека беше во болница, однесов таму камера и снимав како сестрите го бањаат и го повиваат. Потоа детално ја проучив снимката - како се држи, во која позиција се поставуваат прстите, од која страна се полева водата, како се местат пелените... - и така се подготвив за и јас да го правам истото. Но сепак, еден од најголемите стресови во животот ми беше првото бањање дома.

Од тебе се очекуваше да му дадеш на првото дете музичко име, но Мик има и конкретно значење...

Првата желба ми беше да се вика Фреди, според мојот најголем пејачки херој, Фреди Меркјури од групата Квин. Меѓутоа, Лиса не беше баш за таа опција, и ме праша: „Што мислиш за Мик?“. Веднаш се согласив зашто и Џегер ми е еден од најомилените музички ликови. Инаку, Мик на албански јазик значи пријател, па реков „Штом е Џегер, нека биде friend “. Ние двајцата, јас и Лиса, сме многу дружељубиви и комуникативни. Неколку дена откако го донесовме дома, веќе почнавме да го носиме надвор, на муабет со нашите пријатели, и иако е роден пред само еден месец, има завидно искуство од седење во кафулиња (се смее). Мислам дека од такви родители, детето мора да израсне во Пријател, и затоа сметам дека името сосема ќе му одговара. А среќен ме прави и сознанието дека мојот син е единствениот во Македонија, кој се вика Мик.

Што му пееш за да заспие?

Јас ништо. Мајка му му пее. Тоа се некои англиски приспивни песнички, кои таа ги знае. Еден од најубавите моменти за мене е да гледам кога ќе го земе во скут, го нишка и му пее на англиски. Тоа ми изгледа исклучително симпатично.

Ти долго време важеше за човек, кој сака да е слободен. Дали и претходно имаше размислувано за брак?

Не, никогаш сериозно. Во еден момент дури и имав дигнато раце од влегувањето во брачни води, веројатно бидејќи бев исплашен од одговорноста што ја носи тој чекор. Од денешна дистанца, сфаќам дека сум имал многу погрешен став. Но, од друга страна, коцките со сложуваат само тогаш кога тоа го сака Господ. Ако се оженев порано, можеби тоа не би била Лиса и можеби тоа дете не би било Мик. Затоа, како голем верник сум му благодарен на Бога што ми даде баш ваква ситуација, каква што имам денес.

Љубовта со Лиса беше на прв поглед или траеше малку подолго почнувањето на врската?

Поради моето искуство и годините, јас не си дозволив себеси да се залетам. Но, многу брзо знаев дека таа ќе ми биде жена, затоа што е супер и како лик и како личност. Има огромно срце и ги поседува сите квалитети што мене ме прават среќен. Се запознавме на една заедничка свадба, на која ниту јас имав намера да одам, а подоцна дознав дека и неа требало да ја убедуваат. Фала Богу што двајцата родителите не’ однесоа таму.

Дали ги редуцираше професионалните ангажмани во последниве 30 дена?

Апсолутно не. Единственото нешто кое го редуцирав е спиењето. Редовно одам на свирки каде што сме договорени со мојот бенд Нон-стоп.

Ти денес живееш од музика. Ќе беше ли тоа можно ако останеше на градењето естрадна кариера?

Не. Да не се клупските настапи, пејач не може да живее од музика во Македонија. Сега е така и во светот. Дури и најзвучните имиња не можат да опстојат без концерти. Нивните се пред побројна публика, но принципот е ист. Кај нас нема друг начин. За среќа, јас можам да се пофалам дека не постои клуб во Македонија, кој со Нон-стоп не сум го наполнил. Клубската свирка има амплитуди, некогаш се ангажманите почести, понекогаш проретчуваат, но сигурно никогаш нема да изумре. Има доволно публика која сака да се забавува, и има доволно места каде е тоа изводливо. Прашење е колку време јас и момците од мојот бенд ќе бидеме атрактивни за луѓето. Засега сме во топ форма и работата ни оди супер, па верувам дека ќе трае.

Еден си од оние пејачи кои во минатото доста инвестираа во својата кариера. Нарачуваше песни од хит-мејкери како Тоше Поп Симонов, а спотовите ти ги снимаа „Томато продукција“ и Чедо Поповски. Денес веќе не го правиш тоа.

Тогаш мислев дека така треба. И јас поминав низ целата таа Голгота на барање пари за да се сними песна, па „кршење“ на телевизија, соработка со бутици кои ќе ти дадат облека, која потоа треба да ја вратиш, надевање дека некој спонзор ќе се смилува да инвестира некое евро во тебе, или режисерот да ти прости дел од парите, а авторот да не ти наплати за текстот на втората песна... Затоа во последниве години го напуштив таквиот начин на работа. За старите инвестиции не жалам, бидејќи тие ми помогна да изградам име, па се исплатат денес. Од друга страна, заради нив загубив некои пријателства, зашто каде што влегува бизнисот, таму страда пријателството, иако најодговорно тврдам дека за ниту едно уништено другарство не сум виновен јас. Имам впечаток дека луѓето од другата страна во мене повеќе гледале „инвестициска програма“ отколку пријател. Во секој случај, важно ми е дека денес можам да живеам сосема пристојно од тоа што порано сум го вложувал.

Имаш имиџ на tough guy (опасно момче), но со меко срце. На која од тие две страни сакаш да и’ дадеш предност?

Знаеш како, јас сум мек со меките луѓе, а лош со лошите. Не дозволувам да ме газат и да ме третираат како пластелин. Секогаш сум внимателен и мојата реакцијата зависи од односот на другите. А тоа, дека изгледам како tough guy, веројатно е влијание на улицата. Јас сум типично дете од скопскиот асвалт, што значи на моменти директен, пргав, темпераментен… Но, сигурно е дека никогаш не сум злонамерен, и не верувам дека има човек кој се плаши од мене или би кажал нешто лошо за моето однесување. Мислам дека она што луѓето го сакаат кај мене е таа простодушна искреност, која мислам дека ми е вродена.

Ќе бидеш ли рокер цел живот? Што ќе биде со твојот сегашен имиџ ако почнеш да ќелавиш?

Ха ха, сигурно ќе бидам рокер се’ додека можам да стојам на нозе. Уште кога имав 11 години и сите мои врсници пуштаа диско, јас се тргнував на стана за да слушам Тин Лизи, Дип парпл и Вајтснејк. Подоцна, многумина ги менуваа музичките вкусови, но јас опстојав на мојот, а тоа значи рокенрол до крај. Тој ми е во крвта и сигурно нема да го напуштам. Што се однесува до ќелавењето, тоа е процес кој одамна ме зафати и имам загубено половина од косата. Мислам оти не е далеку денот кога ќе ја скратам, зашто веќе ја нема старата живост и свежина. Но, тоа нема да го најавам на никого, туку еден ден само ќе се појавам со променета фризура.

Каква музика најмногу бара публиката на клупските свирки?

Екс-Ју. Тоа е вистинската формула ако сакаш успешен настап. Се „палат“ луѓето и на Бон Џови, Кингс оф Лион или Лени Кравиц..., но најмногу на Бијело дугме, Прљаво казалиште, Џибони... Тоа е музиката што поминува, и уште долго ќе биде така.



Автор: Миодраг Мишолиќ

Последни статии

article-img

Последно на форумот

message-img

ПАКЕТ ПОДАРОЦИ

article-img

Секој месец подаруваме богати подароци на трудници, семејства со новороденчиња, мали деца и деца.

Кликнете и изберете го вашиот пакет со подарок!

Пакет подароци - Пријава Трудница
Пакет подароци - Пријава Новороденче, доенче
Пакет подароци - Пријава Мало дете (1-3)
Пакет