cookie-img

Веб-страницата користи колачиња

за да обезбедиме он-лајн сервис, анализа на користење, системи за рекламирање и функционалности нема да можеме без употреба на колачиња. Со континуираното користење на страницата, се согласувате со колачињата.

Интервју со Елена Ристеска

Пораснав, се променив, станав жена, но истата насмевка останува моето главно оружје

Интервју со Елена Ристеска

 

 

Ја немаше во јавноста повеќе од една година, а во овие неколку денови се покажува колку и’ недостасувала на публиката. Нејзиниот нов спот „Опасно време“ за само неколку часа беше виден на YouTube 24.000 пати, односно повеќе од 50.000 за два дена. Елена Ристеска, со поинаков имиџ, похрабар музички стил и со уште едно презиме во документите се враќа за да покаже во што се променила, а во што останала иста...

Дали очекуваше дека „Опасно време“ ќе предизвика толкав интерес?


Претпоставував и во себе се надевав дека промената ќе ги заинтригира луѓето. Ме немаше цела година, и верував дека оние што ме следеле претходно, а и многу други, ќе сакаат да видат каква сум сега и што е тоа ново што го нудам. Сепак, бројката на прегледи на спотот, која е постигната за само неколку часа, како и јавувањата од сите страни, беа изненадување. На пример, воопшто не помислував дека видеото ќе биде забележано во Кина, од каде го погледнале повеќе од 1.800 луѓе, со неколку интересни коментари, кои успеaв да ги дешифрирам преку "google translate”. Исто така, добив пораки од Американци, кои пишуваат: „Не го разбираме текстот, но ја сфаќаме приказната и силно не’ допира“. Такви нешта, секако, не очекував од толку далечни краеви. Сепак, најмногу ме радува што поддршката дојде од дома, од моите македонски фанови. Тие се 95 отсто од оние што сакале да ме слушнат и да ме видат во новото издание.

Од музички аспект, ова не е стил кој ти е сосема туѓ, меѓутоа е нешто поинакво од она што го работеше претходно.

Да, токму така. Некои елементи ги имало во моите стари песни, но баш вака експлицитно влегување во андерграундот, со мешање на дабстеп, реге, денс и други актуелни трендови е првпат за мене. А всушност, одамна сакав да го направам ова. Песната е компонирана пред повеќе од осум или девет години, но секогаш ни се чинеше премногу храбра, премногу опасна за да се пушти во етер. Не знаевме како ќе реагира публиката. Овој пат го направив тој чекор. Реков: „не сум веќе девојче, се менувам и ќе ризикувам“. Покрај редовните соработници, пред се’ Дарко Димитров, многу ми помогна во тоа и нашиот познат диџеј и автор Мирко Попов. Во случајна комуникација на Фејсбук разговаравме за тоа дали би напишал текст за моја песна, која беше сосема нова и во поп-хаус стил. Веднаш се согласи и ми даде одлични, оригинални стихови. Но, заеднички констатиравме дека баш не одговараат за мелодијата, па ги префливме на оваа, со мојот стар рефрен, и така ја добивме „Опасно време“.


Во сите овие десет години кариера, ти имаш имиџ на фина, симпатична и пријатна девојка, миленичка на сите генерации, со насмевката како главно оружје. А, сега излегуваш со спот кој „не се препорачува за помлади од 16 години“...

Ха, ха ха... Тоа се однесува на само еден дел од неколку секунди - сцените со жилетот, кои не се пријатни за гледање. Затоа е предупредувањето „+ 16“. Инаку, насмевката останува моето главно и најопасно оружје. Тука нема, и ќе нема, никакви промени. Идејата за видеото беше да направиме краток филм, со кој ќе испратиме порака дека љубовта е најважна и оти таа ги победува сите проблеми, колку и да се чинат тешки. Девојката, односно јас во спотот, е разочарана и размислува за самоубиство, па зема жилет. Но, веднаш потоа го фрла жилетот и става слушалки на ушите. Значи, се откажува од деструктивната намера, за да се врати на љубовта, без оглед што таа љубов не е прифатена од нејзините родители. Мислам дека многу тинејџери се нашле во слична ситуација и се препознаваат во приказната. Токму на нив сакавме да им порачаме: дури и ако некогаш земете жилет во рацете - фрлете го, музиката и љубовта се решение, вреди да се живее заради убавите моменти.


Според бројот на луѓе вклучени во клипчето (одјавна шпица од една ипол минута) и неговата техничка изведба, ова е еден од твоите поскапи...

Зависи како се гледа. Технологијата напредуваше толку што веќе не мора да ангажирате многу скапа опрема за да ви изгледа видеото богато и врвно изработено. Но, драго ми е што изгледа екстремно скап, а тоа е заслуга на режисерот Даниел Јовески и другите што работеа на него, кои со огромен ентузијазам беа дел од еднонеделното снимање.Не ја знам сумата од буџетот, бидејќи на тој начин се развива целото ова време односот со мојот менаџер Иво Јанкоски. Јас знам само за еден луксуз што си го дозволивме - скршениот ајфон е вистински (се смее).


Ти беше ли тешко глумењето?

Прилично, бидејќи првпат требаше да покажам јавно некои подлабоки емоции. Многу ми помогна професионалниот актер,мојот партнер во спотот Славиша Каjевски, но не само во глумата, туку и во сите други сегменти опфатени во спотот. Во еден кадар, додека јас стојам до лавабото во бањата, Славиша седеше веднаш до него на подот и како суфлер ми даваше инструкции. Инаку, голема благодарност до познатиот актер Нино Леви кој даде дел од својот дух во спотот, а секако и до Цветанка и малиот Кристијан кој не само што е неверојатно талентиран, туку и изгледа странски. А, изгледа така затоa што мајка му е Македонка, а татко му Британец.


Оваа една година, колку што те немаше во јавноста, ти направи барем една многу важна работа - се омажи. Но, дали е само бракот причина за паузата?

Факт е дека сакав да се посветам малку повеќе на приватниот живот, но не е само тоа. Во одреден период кај мене се појави резигнираност. Имав дилема дали да се ангажирам толку многу, дали воопшто вреди да се трудам. Не можам да го наречам тоа депресија, но секако постоеше прилично разочарување од вкупните состојби во музиката во нашата држава. Една општа надолна линија. Си го поставував прашањето: „има ли воопшто смисла сето ова?“, и ми требаше време да се убедам себеси дека треба да продолжам. Веројатно таквата психичка состојба придонесе да се решам за промена, да направам нешто што нема да се сфати како додворување на публиката. Затоа ми е уште подраго што луѓето ја прифатија „Опасно време“, односно мојата потреба од бескомпромисност.


Како го избра токму овој, нов стајлинг?

Со мојот фризер и шминкер, Даниел Николовски знаевме дека треба да направиме промена, но не бевме сигурни каква. Ни беше важно да е успешна, односно да предизвика реакција, па прво размислуваме за половина црна половина руса коса, како силен контраст, кој ќе биде повпечатлив. Меѓутоа, веднаш сфативме дека идејата не е баш најдобра. Втората варијанта беше оваа, црно и црвено. Мислам дека ја погодивме комбинацијата.


А, колку ти е тебе погоден животот откако стана Ристеска-Ивановска?

(Се смее) Многу ми е погоден. Живеам со човекот кого го сакам и единствено тоа ми е важно. На некој начин е и над очекувањата. Сум ги слушала оние приказни за брак-мрак, но јас ја немам почувствувано таа мрачна страна, иако е се’ уште рано да зборувам. Во брак со Бојан сме само шест месеци, меѓутоа се познаваме многу подолго, пет години, и мислам дека си имаме навлезено целосно еден на друг во карактерот.


Живеете сами?

Да, одвоени сме од родителите, за што се’ уште немам точна оценка дали е предност или не. Секако, си има добри страни, но понекогаш ни недостасуваат мама и тато за да помогнат во некоја работа.


Размислувате за проширување на семејството?

Не го правиме тоа со план. Значи, сигурно нема да го ставам тој момент настрана заради кариерата или професионалните обврски, бидејќи е најголем благодет да имаш потомство. Од друга страна, не сме ни опседнати со добивање дете, зашто штотуку се зедовме и имаме време. Кога ќе дојде ќе биде добредојдено.


Кога ќе се свртиш назад во овие десет години, кои работи не би ги повторила?

Ух..., добро прашање, ама тешко за одговор. За дете кое ќе влезе во шоу-бизнисот на 16 години, сите нешта се нови и нормално е да прави грешки поради неискуство. Тогаш го немав сегашниот принцип на работа, да ставам граница до која може да се оди, па можеше да ми се случи нешто што денес не го дозволувам. Низ текот на годините сфатив дека додека една работа (песна, спот, концерт, настап...) не ја разработам детално и не ја совладам како што треба, не смеам ни да помислам за нов чекор, нов проект или излегување пред публика. Тоа го научив од професијата.


А, од односот со луѓето?

Е, тоа е многу покомплексна материја (се смее).


Може да се изгради пријателство на естрадата?

Па, веројатно може. И музичарите се луѓе, како во секоја друга бранша. Имам пријатели од естрадата, но не можам да кажам дека со нив сум најблиска. Неколку пати се обидов да изградам блиско пријателство со колеги, меѓутоа без голем успех. Од друга страна, оние со кои се дружев пред да станам јавна личност не ги менувам за ништо. Тие ми се вистински блиските.


Не мислиш ли дека во минатото правеше грешка што премногу строго го чуваше приватниот живот? На секое прашање на таа тема, одговараше: „за приватноста не сакам да зборувам“. Тоа отвораше можности да се шпекулира, па неколку пати ти беше предмет на таблоидни написи.

Јас никогаш не криев ништо, туку само сакав да ја прикажам вистинската состојба. Можеби на некои луѓе им звучеше неискрено, можеби на некои новинари им беше неинтересно од нивен аспект, но јас навистина немав личност за која ќе речев: „ова е тој, сакам сите да го знаете“. Мојот приватен живот воопшто не беше бурен, а ако си пејачка, особено млада, не ти е пријатно да велиш: „немам дечко“, „излегувам со другарки“ или „седам дома“. А, смешно е да измислувам. Заради тоа избегнував да зборувам за приватноста. Инаку, кога се појави човекот за кого бев сигурна дека е вистинскиот, сите дознаа. Или барем тие што сакаа да дознаат не им беше тешко.


Сепак, еден од твоите деманти заврши на суд. Заедно со Дарко Димитров го тужевте Боки 13, заради негова изјава во однос на вас двајцата.

Во однос на тој случај ќе кажам само дека тужениот не е тужен, туку е веќе правосилно осуден за кривично дело клевета и прогласен за виновен во 2009 година.


Прашањето е, кога доаѓа моменот кога ќе речеш: „ова нема да го оставам така и нема да се задоволам со медиумски демант, туку одам на суд“?

Тогаш кога невкусот ќе ја помине елементарната пристојност. Не се лутам на негативни коментари, но кога некој ќе изнесе невистини, со кои се засегнати моите родители или блиските луѓе, зашто на улица ги прашуваат дали е тоа точно, сметам дека треба случајот да се препушти на правдата. Не е едноставно да се преземе таков чекор, тоа ја обновува приказната и повлекува нови коментари, но понекогаш треба да се направи, бидејќи ако остане неказнето, може да стане начин на однесување, што е лошо за сите. Се надевам дека никогаш повеќе ќе немам причина да преземам таков чекор.


Автор: Миодраг Мишолиќ

www.interjua.com.mk

Досега необјавени фотографии од свадбата на Елена и Бојан







Последни статии

article-img

Последно на форумот

message-img

ПАКЕТ ПОДАРОЦИ

article-img

Секој месец подаруваме богати подароци на трудници, семејства со новороденчиња, мали деца и деца.

Кликнете и изберете го вашиот пакет со подарок!

Пакет подароци - Пријава Трудница
Пакет подароци - Пријава Новороденче, доенче
Пакет подароци - Пријава Мало дете (1-3)
Пакет