Итар Пејо и стариот арамија
Македонски народни приказни
Некој си прочуен арамија слушнал за итроштините на Пејo итроманецот и решил да го испроба во својот арамиски занает. Го нашол еден ден во чаршија и му предложил да го научи да краде.
- Добро -му одговорил Пејо, мислејќи си во себе дека не е лошо човек да знае нешто повеќе, и тргнал со арамијата.
Подкраднале што подкраднале ситни работи по чаршијата и отишле в село. И тука украле по некое јагне, јаре, кокошка, јајца и арамијата видел дека ќе го бидува Пејо и за оваа работа па решил да го подложи на најзрел испит:
- Знаеш што Пејо? Ти го испече до некаде мојот занает , но денеска треба уште нешто да ти кажам и да те испробам , па ако излезеш и тука како што треба, ќе ти дадам диплома од занаетот . Ене онде на врбана има страчкино седело, во него има јајца на кои лежи страчката. Гледај ти како ќе ги украдам јајцата, а да не сети страчката и да летне.
Се качил стариот арамија, го продупил седелото одоздола и ги украл сите јајца на страчката без да го забележи и да летне. Арно ама, во тоа време Пејо се качил по него. Дури арамијата занесен во кражбата, Пејо му ги одврзал бечвите и полека му ги извадил , та слегол и ги скрил во трњето крај врбата. Кога слегол арамијата и се видел без бечви, му ја подал раката на Пеја и му рекол:
-Дај ми ги Пејо бечвите и оди ми си со здравје. Го положи и овој испит одлично.
Така Пејо добил уште еден занает, но никогаш со него не се користел затоа што не бил арамија по душа.
Адаптирал: Синадиноска Барбара