Јазикот - прозорец кон светот
Драмски текст напишан по повод 10 годишната прослава на Европскиот ден на јазиците
Ликови:
Мила
Јана
Филип
Давид
Мадам Кетрин
ПРВ ЧИН
(Во училишниот двор, на првиот училишен ден. Мила стои подолго време сама и гледа во часовникот)
Мила:
Каде ли се? Зар се успаа? Зарем воопшто можеа да спијат цела ноќ? Ах, јас око не склопив од возбуда. Денес е првиот училишен ден, денес повторно ќе ја видиме одделенската наставничка, денес ќе се сретнеме со другарите и ќе си раскажуваме како го поминавме летото. (Кон публиката, тивко) Денес ќе го видам и Александар, тој ми е симпатија, само не и кажувајте на Јана, ќе му каже на брат ми. (Се смее) Тој на нејзе и е симпатија.
Јана:
(Дотрчува. Мила се штрекнува мислејќи дека ја слушна)
Оооо Che bella ragazza (Се гушнуваат) Леле каква боја си добила, убаво те испекло хрватското сонце. Сега си вистинска убавица! Како си најмила Мила?
Мила:
Што ми рече? Ќелава фаца? (Се лути и и' се врти со грб) Јас толку време не сум те видела, те чекам со душа да дојдеш, а ти мене ќелава фаца.
Јана:
(Се смее) Нееееее, будалче. Јас реков Che bella ragazza, што преведено од италијански значи “Колку убава девојка”. Мила, па ти си најубавото девојче што го познавам и плус моја најдобра другарка. Другарите се сакаат и не се навредуваат. Заврти се Мила, те молам. Еве, ако не ми веруваш ќе ја прашаме професорката по италијански.
Мила:
(Се врти и ја гушнува Јана) Добро Јаничка, ти верувам. (Ја гледа под око) Навистина сум убава?
Јана:
(Се смее) Migliore del mondo
Мила:
Ајде ма. Што ти е тебе? Што ми рече сега? И зошто постојано ми зборуваш италијански?
Јана:
Ти реков дека си најубава на свет. (Мила си ја тргнува косата од лицето и глуми убавица)
Мила, зар не знаеш? Оваа година ќе имаме можност да избереме кој јазик сакаме да го учиме. Јас го избрав италијанскиот и научив неколку реченици за да те изненадам. Ти што ќе избереш?
Мила:
Навистина? Кооолку убаво Јанааа! (Се врти во круг од радост) Јас би избрала француски јазик. Ах колку само сакам да ја видам Ајфеловата кула, музејот Лувр, градот на светлината Париз... (Се гушнува самата) Je t'aime Alex (ж'тем Алекс)
Јана:
Како? Што?
(Мила се држи за уста. Доаѓаат Филип и Давид. Мила и Јана се толку занесени во разговорот, што не ги забележуваат)
Филип:
(На Давид) Ќе не чекале. Ќе гледале на сите страни додека не дојдеме. Види ги батка, не не погледнаа.
Давид:
Девојчиња. Сигурно си раскажуваат за фустанчето коe си го купиле, за чевлите со цветчиња и за мирисот на лабелото. (Под око гледа во Јана)
(Јана и Мила ги забележуваат и им се приближуваат. Филип и Давид ги ставиле рацете во џебовите и се прават важни)
Филип:
Извинете што ве прекинавме со нашето доаѓање. Толку бевте занесени што не не забележавте. За што разговаравте, ако не е тајна?
Мила:
(Кон двајцата) Ооо, Bienvenue Не ве чекавме многу, само петнаесет минути. Кавалери низаедни!
(Девојчињата се смеат)
Замислете, оваа година ќе имаме можност да избереме по еден странски јазик за учење. Јана ќе го избере италијанскиот, а јас францускиот. А вие?
Давид:
Јас го обожувам германскиот јазик. (Кон Филип.) Sprechen sie Deutsch?
Филип:
Я говорю на русском. Написать девушке из России
(Сите се смеат. Ѕвончето ѕвони. Мила на Филип)
Мила:
Те спаси ѕвончето, ама после ќе кажеш за девојката од Русија, шмеќер еден.
(Влегуваат во училница.)