Како да негувате бебе родено во зима?
Надвор е ладно и царуваат вируси, а Вашето бебе само што не пристигнало. Со добра подготовка за неговото доаѓање, нема да имате причини за грижа
Како да го подготвите домот за доаѓањето на бебето?
Бебето дома се сретнува со нова средина. Просторот во кој ќе престојува по излегувањето од болница, треба да биде чист и удобен. Тоа значи да не е загушливо и температурата на воздухот да е адекватна. Термонеутралната околина на новороденчето е оној распон на температурата и влагата на околината во кој новороденчето со нормална температура на телото (37-37,4 степени ректално или 36-36,9 степени во пазувите) има најмала потрошувачка на кислород.
Со други зборови, овие услови му одговараат најмногу. За доносено новороденче термонеутралната температура на околината, со релативна влажност од 50% и без струење на воздухот – изнесува 31 – 34 степени кога детето е голо или 24 степени кога е покриено со обична памучна прекривка.
Како да знаете дали на бебето му е ладно?
Допрете му ги рачињата и ножињата. Ако му се ладни и модри значи дека му е ладно.
Што да преземете ако на бебето му е ладно?
Пресоблечете го бебето да не биде водено, замотајте го целосно во ќебе и ставете му капче на главата. Ако тоа не помогне, грејте го со сопственото тело. Може да помогне и термофор со топла вода кој може да го ставите во близина на грбот на бебето – преку облека!
* Ако просторијата е претопла на бебето ќе му се зацрвени лицето и ќе му се поти главата, што значи дека му е жешко!
Што да се преземе ако на бебето му е жешко?
Пресоблечете го бебето, раскомотете го и надојте го. Ако сеуште не се разладило понудете му чај и намалете ја температурата на околината.
Што ако бебето има покачена температура?
Покачената температура значи дека бебет е или прегреано, или болно. Прегреаните бебиња се најчесто претоплени, или подолго време држени во средина чија температура е повисока од термонеутралната. Меѓутоа, ако во просторијата температурата е нормална, а бебето не изгледа добро, мора да се земе во предвид можноста дека бебето е болно. На оваа возраст треба без oдложување да се однесе на лекар.
Како да го изнесете бебето на прошетка?
Има родители кои бебето родено во зима не го изнесуваат надвор до април, за да не настине. Но тоа не е добро од повеќе причини. Како прво, бебето полесно ќе настине во мала просторија во која влегуваат возрасни и постари деца и донесуваат разни инфекции. Друго, не е здраво постојано да се вдишува истиот воздух и трето и најважно: детето треба да почне да се навикнува на условите на средната во која ќе го помине целиот живот. Тоа значи дека бебето смее да се изнесува на прошетка во зима, но откако ќе се обезбедат одредени услови.
Бебе помало од шест недели смеете да го изнесете надвор ако температурата е над 15 степени, ако денот е убав и стабилен без ветар, а бебето е адекватно облечено. Ако е поладно, почекајте да наполни шест недели, бидејќи во тој период созрева центарот за температура во мозокот.