Како се заболува од антракс?
Кај најголем дел од популацијата веројатноста за природно изложување на спорите на бактеријата е исклучително мала. За жал, кај одредена група на луѓе има поголем ризик од зараза, поради поголемата шанса да бидат експонирани на причинителот
КОЈ Е ПРИЧИНИТЕЛОТ НА АНТРАКС?
Предизвикувач на антраксот е бактеријата Bacillus anthracis, која може да се најде во почвата и да предизвика заболување кај тревопасните животни како говедата, овците и козите. Бактеријата има две форми – спора и вегетативен облик.
Спорите се создаваат само во надворешната средина, најчесто кога заразената крв од животното ќе го напушти телото и ќе дојде во контакт со воздухот. Спорите имаат неверојатна стабилност, екстремно се отпорни на надворешни влијанија, па поради тоа може да опстанат со години.
Втората форма е т.н. вегетативна форма која се создава кога спорите ќе се внесат во организмот (на животното или на човекот). Трансформацијата од спора во вегетативен облик настанува бидејќи спорите „ја чувствуваат“ разликата помеѓу почвата (каде хранливите материи се ограничени) и живиот организам (каде нутритивните состојки ги има во изобилство).
Животното ги внесува спорите со пасење и на тој начин се инфицира, додека луѓето најчесто се заразуваат при директен контакт со заболено животно или со неговите продукти (месо, животински влакна итн.).
КОЈ ИМА ЗГОЛЕМЕН РИЗИК ЗА ЗАРАЗУВАЊЕ СО АНТРАКС?
Кај најголем дел од популацијата веројатноста за природно изложување на спорите на бактеријата е исклучително мала. За жал, кај одредена група на луѓе има поголем ризик од зараза, поради поголемата шанса да бидат експонирани на причинителот.
Во оваа група спаѓаат:
- Ветеринари;
- Лица кои работат со животни или животински продукти (кожа, животински влакна, месо);
- Сточари;
- Лица кои работат во лабораторија за испитување на антракс.
КАКО СЕ ПРЕНЕСУВА АНТРАКСОТ КАЈ ЛУЃЕТО?
Природното настанување на болеста кај човекот е преку контакт со инфицирани животни или животински производи (на пр. месо, кожа, животински влакна).
Постојат 3 начини за внес на спорите во организмот:
- Инхалација (вдишување) на спорите;
- Навлегување на спорите преку микрорани на кожата;
- Ингестија на спорите (внес преку уста).
Во зависност од тоа на кој начин настанало навлегување на спорите, разликуваме и 3 клинички форми на болеста:
- Инхалациски антракс
- Кожен антракс
- Гастроинтестинален антракс
Инхалациониот антракс не се пренесува од човек на човек, односно лице заразено од oваа форма на антракс не може да зарази друго лице.
Во случај на кожниот антракс, постои многу мала веројатност oд заразување од човек на човек и тоа би се случило доколку има директен контакт со кожната рана на заболениот.
КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ И ЗНАЦИТЕ?
Симптомите и знаците на болеста зависат од клиничката форма.
- Инхалациски антракс. За развој на инхалациски антракс се смета дека е потребно да се вдишат околу 10.000 спори. Раните симптоми на болеста се неспецифични и наликуваат на клиничката слика за вирусен синдром: треска, слабост, малаксаност, сува кашлица, за да по неколку дена, состојбата се влоши, па се јавува болка и нелагодност во градите, искашлување на крв, гушење и глад за воздух. Доколку веднаш не се започне со третман, за кратко време се развиваат и други респираторни и абодминални симптоми и знаци, па за само 24-48 часа голем дел од случаите имаат летален исход.
- Кожен антракс. Кожниот антракс се јавува по навлегување на спорите преку отвор (микрорана) на кожата. Се манифестира 1 недела по експозицијата. Може да биде засегнат кој било дел на телото, но најчесто се зафатени лицето, вратот, рамената и рацете. На заразеното место на кожата, најпрво се јавува чешање и црвенило, потоа оток кој преминува во безболен улцер, чија главна карактеристика е црната боја како јаглен (црн пришт). Од тука доаѓа и името антракс што на грчки јазик значи јаглен.
Поради достапноста на антибиотиците, кожната форма на антракс завршува летално кај помалку од 20% од случаите. - Црн пришт
- Гастроинтестинален антракс. Оваа форма настанува при внес на спорите преку уста, најчесто при конзумирање на контаминирано месо.
Симптомите и знаците вклучуваат:- Гадење;
- Повраќање (во понапреден стадиум повраќање на крв);
- Покачена температура;
- Намален апетит;
- Пролив;
- Силни стомачни болки.
Во одредени случаи може да се јават и потешкотии при голтање и оток на лимфните жлезди во предел на вратот.
Доколку оваа форма навремено не се третира, завршува со смртен исход кај 25-60% од заболените.
КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА АНТРАКС?
За поставување на дефинитивна дијагноза, покрај добрата анамнеза и клиничката слика, потребни се дополнителни испитувања како лабораториски, микробиолошки анализи и радиолошка дијагностика.
ТРЕТМАН И ПРЕВЕНЦИЈА
Антраксот може да биде успешно излекуван доколку навремено се дијагностицира и веднаш се започне со терапија. За третман се препорачуваат антибиотици со широк спектар и тоа кај лица со сигурен или сомнителен контакт со бактеријата. Доколку се знае дека лицето било експонирано на спорите, потребно е превентивно да се постави на антибиотска терапија.
Во одредени земји во светот постои и вакцина против антракс, но таа не е наменета за пошироката јавност, тука за лицата од ризичните групи, кои имаат поголема опасност од заразување.
Важно! Клучно за преживувањето при зараза со антракс е брзата и точна дијагноза, како и итното почнување на антибиотската терапија. Затоа, доколку имате дел од горенаведените симптоми, а се сомневате дека сте биле експонирани на спори од антракс, веднаш консултирајте се со Вашиот лекар.