Кои бактерии ги носиме од шопинг?
Сите сакаме шопинг! И додека безгрижно испробуваме нови бикини, блузички, шешири или руменило за усни и пресметуваме колку сме заштедиле, не размислуваме за тоа колку бактерии може да однесеме со себе дома...
Шешири
Големи се шансите шеширот кој планирате да го купите, пред Вас да го пробале неколку луѓе. Освен гливички и првут, постои веројатност да пренесете и вошки во Вашата коса.
Ако на главата ставите шешир кој го пробала жена која има вошки, постои голема веројатност дека и Вие ќе ги добиете, бидејќи тие непожелни животинчиња можат да живеат до два дена без контакт со луѓе. Ако одлучите да го купите, пред да почнете да го користите, дезинфицирајте го.
Долна облека и костими за капење
Долната облека и костимите за капење се најопасни и потенцијални преносители на бактерии. На тестирањето во трговските објекти каде се продава долна облека, на примероците кои се земени најдени се вагинални и фекални исцедоци.
Ако купувате долна облека или костим за капење, пробајте ги над Вашата долна облека и измијте ги рацете по излегувањето од објектот, а купената облека задолжително исперете ја пред облекување.
Чевли
Ако одите во теретана или на базен, сигурно знаете дека постои опасност да добиете гливично заболување на стопалата. Истата опасност постои и во продавниците за чевли.
Ако пробувате чевли или патики без чорапи, може да се заразите со гливички кои предизвикуваат т.н. атлетско стопало.
Не пробувајте обувки без чорапи, а ако немате, побарајте за еднократна употреба. Купените обувки пред употреба дезинфицирајте ги.
Козметика
Декоративната козметика исто така е совршено место за собирање и размножување на бактерии. Во маскарата бактериите можат непречено да се развиваат, па стручњаците предупредуваат да не се користи подолго од шест месеци, бидејќи може да предизвика разни инфекции и коњунктивитис.
Предупредувањето посебно се однесува на тестерите кои на сите им се достапни. Ако сакате да испробате маскара или сенка за очи, побарајте апликатор за еднократна употреба. Истото важи и за руменилото за усни, заради директен пренос на бактерии со плунката.
Пред употреба исчистете го руменилото со хартија и никогаш не го ставајте директно на устата, туку побарајте апликатор за еднократна употреба.
Сунѓерчиња и четки за нанесување на шминка
Сунѓерчињата и четките за нанесување на шминка се користат често што значи дека се идеално место за собирање на бактерии и мртви клетки од кожата.
Четките и сунѓерчињата редовно перете ги и дезинфицирајте ги.