Направете сами: Рикота сирење
За оние кои се расположени да ги засукаат ракавите за да направат домашно рикота сирење, eве еден едноставен рецепт за кој ви се потребни само млеко, сок од лимон и околу половина час од вашето време
Рикота е популарно италијанско свежо сирење кое кај нас е прилично скапо, но со овој рецепт нема да имате потреба да го купувате затоа што ќе видите дека можете многу едноставно да го направите и сами.
Состојки:
2 л млеко
Сок од 2 лимони или 1/3 шолја дестилиран бел оцет
Лажичка сол
Приготвување:
Загрејте го млекото во едно тенџере и кога ќе почне да се пени и полека да отпушта пареа, додадете го сокот од двата лимони и солта па трнете го тенџерето од шпорет. Внимавајте млекото да не проврие.
Оставете го садот со млекото да отстои на собна температура 10 минути, а потоа веќе ќе можете да забележите дека се создаваат грутчиња во млекото и дека се одвојува жолтеникава, воденеста структура.
Со дрвена лажица поминете низ млекото и ако забележите дека останало уште доста млеко кое не е засирено, додадете уште една лажица сок од лимон или оцет и почекајте уште некоја минута.
Потоа процедете го сирењето низ густа ткаенина, добро заврзете ја и оставете да се цеди 10-60 минути, возависност од тоа колку суво сирење сакате.
Вака приготвено рикота сирењето можете да го чувате во фрижидер до една недела.