Наставен час за татковци
Да се стане татко воопшто не е лесно.Веќе не можете да излегувате со другарите кога сакате или да се излежувате во недела на креветот, чекајќи салата и ракија.
Како современ иден татко мора да сте ангажирани, да ја поддржувате саканата, да одите со неа на прегледи и курсеви за идните родители. Нема извлекување, веќе живеете во XXI век во кој мажите и жените се еднакви во однос на одгледувањето на детето.
Научете ја лекцијата
Некои мажи го користат фактот дека бременоста е женска работа и категорично одбиваат да научат нешто за 9-те месеци. Сепак, дали сте подготвени да останете во позадина толку долго? Решението е да ги преземете работите во свои раце.
Идната мајка постојано чувствува промени кои се јавуваат во нејзиниот организам. Распрашајте ја што се случува со неа, разговарајте за нејзините чувства и споделете ги Вашите. Сега е време да се посветите на Вас двајцата за што подоцна ќе немате време.
Не пропуштајте ги посетите кај гинекологот/ Точно е дека термините како плацента или амниоцентеза ќе Ви звучат речиси како на кинески, не се фрустрирајте. Подоцна може да ги побарате на интернет, а и така ќе ги оправдате неколкуте часа поминати пред компјутер, на Вашата омилена страница. Се случува напорните баби да се обидат да Ве оттргнат од сцената. Ако не сакате да го заземат Вашето место до идната мајка потсетете ги дека ако мажот присуствува на раѓањето тоа обично поминува побрзо и побезболно, а постпородилната депресија е поретка.
Поразговарајте и со други новопечени татковци. Прашајте ги кои се нивните најголеми грижи и обидете се да се подготвите за нив. Така нема да се изненадите кога сметката за струја и вода ќе се зголеми двојно, бидејќи жена Ви сега ја користи машината за перење по два пати на ден.
Добро е, уште пред да се појави бебето, со Вашата сакана да си ги поделите обврските. Истото важи и за блиските и роднините. Побарајте помош од нив, но во разумни граници. Бабите и дедовците нека не го окупираат Вашиот дом со постојани совети и застарени идеи. Поставете им ограничувања за да знаат во кои сфери не треба да се мешаат.
За жал ќе мора да се откажете од некои омилени работи. Пушењето и музичката опрема се едни од нив. Чадот од цигарите може да го забави растот на плодот, а таму каде што сега имате купишта неуредни дискови, ќе мора да биде детската соба со нацртани мечиња по ѕидовите.
Добро е секоја вечер да му зборувате на бебето. Тоа ќе ја запомни бојата на Вашиот глас и ќе ја препознае откако ќе се роди. Бидете горди, бебињата сакаат да го слушаат татковиот глас пред мајчиниот.
Време е за бебето
Можеби Ви се чини како на мајтап, но порано или подоцна бебето ќе Ве изненади и ќе тргне да излегува. Кога некоја вечер Вашата сакана ќе застане пред Вас со исплашен поглед и кога очите ќе и светат од болка, треба да знаете дека сега е моментот да ја докажете Вашата машкост. Замислете си дека сте Џејмс Бонд и вложете ги сите свои сили. Сега ова Ви звучи смешно и детски, но кога ќе дојде моментот ќе се потсетите на овие совети. Контракциите се зголемуваат, слузниот чеп кој ја држи матката затворена ќе падне, а плодовата вода ќе истече. Бидете до Вашата сакана и запомнете дека таа е сега најважна. Нема потреба да трчате кон болницата ако болките не се во интервал од 10 минути.
Внатре или надвор од породилната сала?
Ја оставивте мајката во породилната сала, но сега каде? Ако акушерката Ве праша дали сакате да присуствувате на раѓањето што ќе одговорите? Во овој момент на идната мајка и треба Вашата поддршка, која ќе ја охрабри. Но татковците паѓаат и во несвест во породилната сала. Сепак, шансата да се случи тоа е 1:1000. Значи и Вие најверојатно ќе се справите со тоа. Сепак, ако мислите дека нема да се чувствувате добро, не се присилувајте. Пред да решите запознајте се што точно ќе се случи за време на тој процес.
Ако сте одлучиле да го пречекорите прагот на породилната сала, може да бидете од корист на Вашата сопруга, ако поразговарате со докторот или акушерката. Не заборавајте дека нешто може да тргне наопаку и сепак да дојде до царски рез. Не грижете се, Вашата сакана е во сигурни раце, па оставете ги специјалистите да си ја вршат работата.
Бебето си дојде дома
Ако досега Ви се чинеше тешко, вистинската битка допрва претстои. Да сте татко, значи деноноќно да се грижите за бебето.
Не се фрустрирајте. Ве очекуваат незаборавни и силни искуства. Бидете сигурни дека Вашата помош е од огромно значење на Вашата сакана. Верувајте во себе! Ако сакате, можете да бидете прекрасен татко!