cookie-img

Веб-страницата користи колачиња

за да обезбедиме он-лајн сервис, анализа на користење, системи за рекламирање и функционалности нема да можеме без употреба на колачиња. Со континуираното користење на страницата, се согласувате со колачињата.

Одбивање на едната дојка

clock-img

27.8.2010

Доењето на само една дојка не претставува проблем кој мора да се реши, ако мајката сака успешно да дои.

Одбивање на едната дојка

Многу жени забележуваат дека дојките не им се со еднаква големина. Кај некои брадавиците се со различен облик, рефлексот на отпуштање на млекото не е еднакво силен во двете дојки, а и количината на млеко не е иста.

Асиметријата кај луѓето е нормална појава. Можно е да се имаат нееднакво големи стапала, подебел прст на едната рака во однос на другата, или пак подобар слух на едното уво. Кај некои жени разликата меѓу дојките е едвај видлива, а кај некои очигледна. Во поголемиот број на случаите оваа различност не претставува проблем ни за мајката, ни за бебето во периодот на доење.

Ако вашето новородено бебе од почеток ја одбива едната дојка, причина може да биде различната градба на дојката и брадавицата. Мајката е можеби изразит десничар, или левучар, па на бебето од тие причини не му е пријатно на едната страна. Добро е со овој проблем веднаш да се запознае педијатарот, затоа што причината понекогаш може да биде и сериозна: воспаление на увото, кила, искривен врат во материцата, или некој друг медицински проблем.

Ако вашето бебе досега подеднакво се доеше на двете дојки, а сега одеднаш ја одбива едната, тоа може да биде како последица од воспаление на увото заради што детето чувствува болка во одредена положба. Исто така и инфекцијата на дојката може да го одбие бебето, бидејќи се менува вкусот на млекото. И во двата случаи треба да се посоветувате со лекар.

Многу често бебињата почнуваат да ја одбиваат едната дојка ако има пребрз или преспор рефлекс на испуштање на млекото и повеќе се дојат од онаа која им е поповолна за цицање. Причини за нееднаква количина на млеко и различен рефлекс на испуштање на млекото, најчесто се:

-          Нормални анатомски разлики. Кај некои жени дојките очигледно се разликуваат, па исто така се разликува и ширината на млечните канали, големината на алвеолите и слично, што може да биде причина за по спор рефлекс на испуштање на млекото.

-          Бебето повеќе цица од одредена дојка. Многу бебиња едноставно повеќе ја сакаат едната страна, затоа што на нејзе се чувствуваат поудобно. Во тој случај многу поефикасно ќе ја празнат едната дојка и таа ќе има побрз рефлекс на испуштање, а и ќе произведува повеќе млеко.

-          Мајката почесто ја нуди едната дојка. Свесно или несвесно, мајката почесто ја нуди едната дојка можеби затоа што се чувствува поудобно. Тоа ќе биде причина едната страна побрзо и во поголема количина да произведува млеко.

-          Операција или повреда на едната дојка. Ако е едната дојка оперирана, или била повредена на било кој начин, тоа може да биде причина за послаб доток и помала количина на млеко.

Доењето на само една дојка не претставува проблем кој мора да се реши, ако мајката сака успешно да дои. Но, ако таа ситуација почне да ви пречи, можете да се обидете да ја зголемите количината на млекото во дојката која вашето бебе упорно ја одбива (Секако со големо внимание! Никако не треба да се занемари фактот дека зголеменото производство на млеко и недоволното празнење на дојката може да предизвика опструкција на млечните канали, застој на млекото и маститис) Еве неколку совети:

  • Започнете го секој подој секогаш на онаа страна која бебето ја одбива, во период од неколку денови (бебето обично многу поефикасно цица од онаа дојка која прва ќе му ја понудите)
  • Нудете  ја двапати дојката која не ја сака, а еднаш дојката која ја сака. Така детето ќе се дои два пати почесто отколку на другата страна.
  • После секој подој измолзете ја до крај дојката на која сакате да го зголемите производството на млеко. Дури и ако нема ни капка млеко, поттикнувањето ќе помогне.
  • По потреба воведете додатно измолзување меѓу подоите, на дојката на која сакате да го зголемите производството на млеко.

Како да го убедите бебето поефикасно да се дои на страната која ја одбива?

Пред се, мајката треба да биде трпелива и упорна. Во никој случај не треба да го присилува бебето, но не треба ни лесно да се предаде. Важно е мајката да се опушти и да мисли позитивно. Премногу немир и грижи може да го одложи испуштањето на млеко и да ве оддалечи од можното успешно решение на проблемот. Еве неколку совети:

  • Започнете со подој на онаа дојка која бебето ја сака, а потоа, кога ќе дојде до испуштање на млекото преместете го бебето на другата дојка без да го вртите.
  • Можете да започнете со доење, на дојката која бебето ја одбива, но најпрво измолзете малку млеко.
  • Продолжете да испробувате различни позиции на дојката која бебето ја одбива. Можеби во друга положба бебето полесно ќе ја прифати дојката.
  • Понудете му ја на бебето дојката која ја одбива уште кога не е расонето, или за време на ноќните подои. Можеби поефикасно ќе се дои додека не е концентрирано на звуците и случките околу него. Обидете се да го доите во темна и тивка просторија.
  • Понудете му ја дојката која ја одбива додека шетате и го нишкате, или на некој друг начин додека сте во движење.

За крај, треба да знаете дека има многу жени кои долго и успешно доеле на една дојка. Ако и вие се најдете меѓу нив, без разлика колку сте се труделе, не грижете се. Вашата дојка ќе произведува сосема доволно млеко, ако дозволите доење по барање на бебето, т.е. секогаш кога бебето ќе покаже интерес за цицање. Дојката на која бебето не се дои со тек на време ќе се намали и ќе стане многу помала од другата. Ни тоа не е причина за загриженост затоа што кога ќе престанете да доите, двете дојки ќе се вратат во нормална големина.

 

 

Последни статии

article-img

Последно на форумот

message-img

ПАКЕТ ПОДАРОЦИ

article-img

Секој месец подаруваме богати подароци на трудници, семејства со новороденчиња, мали деца и деца.

Кликнете и изберете го вашиот пакет со подарок!

Пакет подароци - Пријава Трудница
Пакет подароци - Пријава Новороденче, доенче
Пакет подароци - Пријава Мало дете (1-3)
Пакет