Пливањето го развива мозокот кај бебињата
Не чекајте детето да порасне за да го научите да плива, всушност дури и не чекајте да стане дете, додека е мало бебе препуштете му го задоволството од водениот спорт
Повеќето тренери кои се занимаваат со бебиња, му препорачуваат на родителите да го одведат бебето уште кога е само 4 – 6 месеци. Некои дури прифаќаат и уште помали бебиња, бидејќи веруваат дека тие потсвесно имаат врска со водата и може да пливаат.
Всушност најмалите навистина полесно свикуваат со водата, но секое нивно движење се следи од посебен тренер. Најчесто активностите се во група од неколку деца и присуствуваат и родителите. Во првите часови е потребно присуство на мајката и таткото секогаш до бебето, но во подоцнежна фаза малите се оставаат сами да се движат во водата под будниот поглед на инструкторот.
Пливањето ја зајакнува координацијата
Пливањето помага за зајакнување на мускулите на бебето, за развивање на координација и апсорпција на способности, кои инаку се учат многу подоцна во процесот на проодување. На овој начин пливањето го развива мозокот на најмалите и им помага да напредуваат многу побрзо во својот развој. Освен тоа му овозможува на бебињата потсвесно и брзо да воспостават контрола над дишењето. Таа го стимулира и кардиоваскуларниот систем и ја зајакнува отпорноста на организмот.
Да веруваат на некој друг
Освен што ги тера најмалите да напредуваат брзо во физичкиот развој, пливањето има позитивен ефект и врз нивната психа. Тие учат да имаат доверба на некој друг, освен на своите родители, да се потпираат на тренерот, а исто така и да ја сфатат самостојноста. Кога се работи во група, многу полесно се градат можности за рана социјализација, која се разбира, е потсвесно, но важно влијание врз односите во подоцнежните години.
Важно
За да носи пливањето придобивки, а не штета е добро да се почитуваат некои правила.
Треба да се избере посебен базен за најмалите – со строга хигиена и со температура на водата околу 32 степени.
Времетраењето на “лекциите” не смее да биде повеќе од 15-30 минути.
Одговорните тренери, кои се занимаваат со бебиња, бараат потврда од матичниот лекар дека детето е здраво.
Најважно е никогаш да не го водите на базен, ако во претходните неколку дена има примено вакцина или ако има воспаление, настинка.