Пред Божиќ, за Божиќ, кај и да си, дома да си!
Божиќ е највеселиот од сите христијански празници и се слави 3 дена.За Божиќ се празнува денот на раѓањето на Исус и се прославува на 7-ми јануари.Овој ден традиционално се празнува во кругот на семејството, не се оди на гости и не доаѓаат гости
Прославата почнува со Бадниковата вечера, која го означува крајот на 40 дневните пости. Бадник е празник кога семејството се собира и седнува на заедничка посна и богата трпеза. Во некои градови, се негува традиција да се крши бадникова лепче до паричка и се верува дека на оној кому ќе му се падне паричката, цела наредна година ќе го следи здравје, успех и среќа. Бадниковата вечера треба да е посна, но богата. Покрај лепчето со паричка, бадниковата вечера вклучува и: зелник со праз, посни сарми, риба, посно тавче гравче, компир салата, туршија, печена тиква, костени и ореви, сушено овошје како урми, смокви, кајсии, сливи, сезонско овошје како јаболка, мандарини, киви и банани и црвено Вино. Името овој ден го добил од традицијата на истиот да се исече и донесе во домот гранка од даб - бадник, кој се сече рано в зори а вечерта се фрла во огништето.
Божиќното утро почнува така што во рана зора се слушаат ѕвона од сите православни цркви и храмови. На овој ден се облекува свечена облека и се оди во црква на Божикна литургија. Луѓето се поздравуваат и отпоздравуваат со зборовите "Христос се роди " и "Вистина се роди".
На иконите е претставена пештерат во која се Јосиф и Богородица со новородениот Исус. Покрај нив се наоѓаат овчари кои им се поклонуваат, а над нив има ангели и ѕвезди кои го најавуваат доаѓањето на спасителот.
Божиќниот ручек е првиот побогат оброк после постот и традиционално е со богата трпеза со месо, пити, вино и десерти.
Вториот ден од Божиќ се нарекува „Божји ден“, но е посветен на Богородица. На овој ден луѓето се дружат и одат на гости и се поздравуваат со „Христос се роди!“ Третиот ден е слава за свети Стефан, ѓакон кој страдал за верата. На иконите се прикажува со неговата ѓаконска облека и со Евангелието на кое се наоѓаат 3 камења, симбол на неговото каменување.
Божиќ е денот кога духот на Исус е спуштен помеѓу луѓето и носи мир. Бидејќи се слави, 3 дена не се чисти подот и не се фрла ништо од куќата.
Среќен Божиќ!