Протокол за настава со физичко присуство 2021/2022
На прагот на почетокот на новата учебна година, ставовите на родителите се поделени - додека едни со нетрпение го очекуваат враќањето на учениците во училишните клупи, други се против ваквата одлука и бараат нивните деца да имаат настава од дома
Бројките на заболени вртоглаво растат, но ставот на владата е дека училиштата се подготвени и постојат услови за физичка настава.
Протоколот според кој ќе се реализира наставата со физичко присуство во учебната 2021/2022 година има 38 точки
1. Наставниот процес во учебната 2021/2022 година се одвива со физичко присуство во училиштето.
2. Првиот ден од наставата задолжително започнува со упатства за учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.
3. Училиштето за влез и излез на учениците ги става во функција сите влезови на училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое одделение.
4. Распоредот за влез/излез се истакнува на видни места во училиштето.
5. На влезот од училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно- информативни материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и средства за дезинфекција на раце.
6. Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици во училиштето.
7. На секој влез од училиштето учениците ги пречекува дежурен наставник кој му помага на ученикот да ги дезинфицира рацете со дезинфекционо средство.
8. За контролиран влез и излез во/од училиштето, пред и внатре во училиштето, се организира редарска служба, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на основното училиште.
9. На учениците кои доаѓаат со организиран превоз, им се мери телесната температура пред влегување во автобусот и се врши дезинфекција на рацете и обувките. Учениците кои имаат зголемена температура (над 37.4°) се враќаат дома со препораки родителот да превземе соодветни здравствени мерки. Превозниците кои вршат превоз на ученици ги почитуваат и применуваат протоколите за превоз на патници.
10. На сите вработени им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37.4°) вработениот се упатува кај матичен лекар.
11. На учениците пред влезот на училиштето, им се мери телесна температура со безконтактен топломер. Во случај на зголемена телесна температура (над 37.4°) не се дозволува влез на ученикот во училиште и родителот се упатува на консултација кај матичниот лекар на ученикот. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште.
12. Родителите/старателите/ ги испраќаат учениците до назначениот влез на училиштето и се забранува нивно влегување во училиштето, освен за родителите/старателите/образовните асистенти на учениците со посебни образовни потреби со задолжително носење на маска/прекривка на лицето.
13. Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравување меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците.
14. Наставниците треба да избегнуваат подолго да се задржуваат во наставничката канцеларија и задолжително запазуваат физичка дистанца и носење на заштитна маска/прекривка на лице.
15. Пренесувањето на информациите и состаноците со родителите/старателите се одвива преку телефон или преку некоја онлајн апликација која што ќе ја договорат родителите и наставниците, или доколку дозволуваат временските услови на отворено.
16. Површините и предметите кои почесто се изложени на допир од страна на вработените во училиштето и учениците, се дезинфицираат на почетокот и на крајот на секоја смена, а најмалку два пати на ден. Училиштето изготвува листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени.
17. Учениците од една паралелка престојуваат во една просторија, без можност за мешање на ученици од различни паралелки во иста училница;
18. Просториите задолжително се проветруваат после секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците.
19. За време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, се остава отворен прозорец. Во училницата (доколку ги има) се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација.
20. Чистењето на училниците се врши пред почетокот на наставата, за време на одморот кога учениците се во училишниот двор и по завршување на сите училишни активности, со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси според упатство на производителот.
21. Во случаите на кабинетска настава, заради грижа за здравјето на учениците, се воведува систем за еднонасочно движење на учениците и контролирано излегување и влегување во кабинетите. По излегувањето на едната група ученици, задолжително се проветрува просторијата и се врши дезинфекција , по што се дозволува влез на втората група на ученици
22. Употребата на тоалетите се организира на начин што ќе овозможи присуство на помал број ученици и запазена дистанца (на пример, ако тоалетот е помал, ученикот треба да чека надвор од тоалетот додека излезе ученикот кој е внатре).
23. Тоалетите треба да бидат функционални заради овозможување услови за почесто миење на рацете со проточна вода и сапун и почесто се чистат со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
24. Холовите, скалите и останатите заеднички простории се чистат почесто, додека учениците се на настава и по завршувањето на сите училишни активности.
25. Чистењето на фискултурната сала, спортските игралишта, соблекувални, училишните трпезариии другите помошни простории, се врши веднаш по користењето од страна на секоја група ученици.
26. Училиштата воведуваат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица кои истовремено се присутни во соблекувалните и контролирано излегување и влегување во соблекувалните.
27. Во основните училишта каде има продолжен престој, потребно е истиот да биде организиран во рамките на расположливите просторни капацитети и да се реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение (без мешање на децата од различни одделенија или паралелки).
28. Учениците кои носат оброк/храна од дома треба да биде соодветно спакуван или готов производ, притоа водејки сметка за стандардите и нормативите за исхрана за оваа категорија на деца.
29. Храната која се подготвува во училишните кујни за децата со продолжен престој, треба да биде со стриктно почитување на правилата за добра производствена и хигиенска пракса утврдена со Закон за безбедност на храна, како и НАССР стандардите и Протоколите за заштита од Ковид 19.
30. Послужувањето на оброците се реализира во училишните трпезарии водејќи сметка да не дојде до мешање на ученици од различни паралелки.
31. Учениците ги мијат рацете пред и по јадење, пред и по употреба на тоалет, пред и по доаѓање од надвор и кога рацете изгледаат валкани.
32. Користењето на спортската сала, библиотеката и други простории треба да биде од група ученици од иста паралелка, така што да нема можност за мешање на повеќе ученици од различни паралелки(пр. За време на еден наставен час, една паралелка е во фискултурната сала, а две паралелки се надвор во училишниот двор или на спортските терени).
33. Преминувањето низ заедничките простории треба да се организира така што додека учениците и наставниците од една паралелка поминуваат во исто време, учениците и наставниците од другите паралелки го чекаат својот ред, притоа укажувајќи им на учениците да не допираат површини или предмети во просторот каде се движат.
34. Треба да се избегнува влегување на други лица (на пример, за чистење, поправка или внесување храна) во училниците сè додека учениците се наоѓаат во нив, како и влегување во училишната зграда на лица кои не се вработени во училиштето или деца кои не се ученици на тоа училиште.
35. Испораките за потребите на училиштата ја преземаат надлежните, вработени во училиштата од споредниот влез на училиштето (доколку има таков влез училиштето), а главниот влез е дозволен само на сервисерите и другите служби чии услуги се неопходни (пр. спроведување на превентивни и анти-епидемични мерки како што се проверка на вода за потрошувачка, безбедност на храна и др.) со задолжително почитување на мерката за дезинфекција на рацете и доколку е потребно носење заштитна маска/прекривка и заштитници за обувките.
36. Доколку во училиштето се појави заболен од Ковид-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од Ковид-19,лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.
37. Ако ученик развие симптоми на Ковид-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.
38. Доколку се потврди дека ученик е заболен од Ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.