Проверувајте ја крвта!
Доволна е само една капка крв за да се провери крвната слика. Крвната слика, како што велат лекарите, е огледало на нашето здравје. Затоа е корисно повремено да ја проверуваме крвната слика.
Намалениот број на црвени крвни зрнца (еритроцити) и намаленото ниво на хемоглобин во крвта може да ни укажат на присутна слабокрвност или анемија. Енормното зголемување на црвените крвни зрнца, исто така, може да биде показател на повеќе заболувања.
Зголемениот број на бели крвни зрнца (леукоцити) во крвта е знак за воспаление или за постоење на некое воспалително жариште скриено во организмот (гранулом на заб, воспаление на мочниот меур – цистит, бактериска инфекција на мочните патишта и друго), но е знак и за некои други посериозни заболувања.
Намалениот број на бели крвни зрнца односно леукопенијата најчесто е знак за вирусна инфекција, но може да се јави и при земање на одредени лекови, а е знак и за некои потешки заболувања. Леукопенијата не се лекува, туку се лекува причината која довела до појава на леукопенија односно до намален број на леукоцити во крвта.
Зголемениот број на тромбоцити т.е. крвни плочки во крвта, може да ни укаже на ризик за појава на тромби, бидејќи тромбоцитите учествуваат во згрутчувањето на крвта и во запирањето на крварењето.
Лабораториските анализи се неопходни за да се постави точна дијагноза. Земањето на крвта трае многу кратко и скоро е безболно. За повеќето лабораториски анализи на крвта не е потребна некоја посебна припрема. Сепак, за да се добијат поточни резултати обично се препорачува да не се јаде 12 часа.
Од лабораториски анализи се прават: анализа на крвта и на мочката. Со овие анализи може да се види состојбата и функцијата на бубрезите, црниот дроб, коскената срцевина, панкреасот.
Кога станува збор за лабораториски испитување на крвта, тоа подразбира два вида на анализи.
Едните анализи се состојат во испитување на видот, бројот, односот и изгледот на крвните елементи (црвени и бели крвни зрнца и крвни почки). Таа анализа е позната како крвна слика.
Со другите аналзи се проверува биохемискиот состав на крвта и врз основа на тие анализи се утврдува функцијата и состојбата на поедни органи и ткива.
За да се провери крвата слика доволно е да се земе крв од прстот, додека за поопсежните биохемиски анализи на крвта, потребно е да се земе крв од вена на раката.
Како функционира црниот дроб и каква е неговата состојба покажуваат неколку анализи на крвта, како мерење на нивото на ALT, AST, гама GT и билирубин. Зголемените вредности на било кој од овие анализи укажуваат на оштетување на црниот дроб, но и на некои други заболувања. така на пример, зголемените вредности на билирубинот во крвта укажува на опструкција (зачепување) на жолчните патишта, а зголемените вредности на AST во крвта може да бидат показател на некое мускулно заболување.
Хепатални проби
Видови на хепатални (црнодробни) проби
Денес се употребуваат цел низ на тестови кои се означуваат под терминот црнодробни или хепатални проби. Но, овој назив е погрешен, бидејќи постојат многу мал број на лабораториски тестови, чиј исход зависи само од морфолошко –анатомскиот статус и функција на црниот дроб. Самиот назив „хепатални проби“ е недоволно дефиниран и поради тоа што поедини болници и други здравствени установи имаат различен низ на тестови за оваа цел. Затоа е правилно секогаш да се точно наведат лабораториските тестови, кои треба да се изведат.
Најчести параметри за одредување на хепаталните проби се:
- одредувањето на билирубинот во крвта (вкупниот и директниот) и
- вредностите на ензимите: трансаминази – AST (аспартат аминотрансфераза), ALT (аланин аминотрансфераза), GGT (гама глутамилтрансфераза) и AP (алкална фосфатаза).
Дијагностичка вредност на хепаталните проби
Ензимите на црнодробно – жолчниот систем можат да се поделат во 3 групи:
- ензими кои се синтетизираат во црниот дроб,
- индикаторни ензими,
- ензими локализирани во епителот на жолчните патишта.
Кај болестите на црниот дроб и жолчните патишта, одредувањето на активноста на разните ензими во серумот, има многу голема дијагностичка вредност. Во последниве години, со развојот на клиничката ензимологија, дојде до нагло зголемување на можноста за испитување на црнодробно – жолчниот систем. Со тоа е подобрена и диференцијалната дијагностика на тие болести.
Со многу сензитивни и специфични ензимски тестови можно е многу рано да се откријат многу патолошки процеси, кои се очитуваат како промена во пропустивоста на клеточната мембрана. Имено, последица од зголемената пропустливост на клеточната мембрана е зголеменото излегување на енимите од оштетените клетки, а со тоа расте и нивната концентрација во серумот на пациентот.
Одредувањето на хепаталните проби има многу важна дијагностичка вредност кај сите видови на хепатит, кај цироза на црниот дроб, кај жолтица, болестите на жолчните патишта, разни труења, како и кај малигните заболувања.
Како треба пациентот да се припреми?
За да се одредат хепаталните проби, се зема крв од пациентот. Крвта се зема на гладно, односно пациентот не треба да јаде пред земањето на крвта за испитување на хепаталните ензими. Крвта се собира во епрувета без антикоагуланс, бидејќи саканите параметри се одредуваат во серумот.
Колку долго се чека на наодот од хепаталните проби?
Анализата на примерокот од крвта се изведува на автоматски анализатори, кои се високо специфични и сензитивни. Нивната брзина на работа овозможува добивање на резултатите уште истиот ден. Овие испитувања не се вбројуваат во итни лабораториски тестови, освен во случаи кога тоа го бара лекарот.
Што ако се наодите позитивни?
Во случаи на позитивни наоди од хепаталните проби, следат додатни серолошки тестови, со цел да се откријат антителата на антигените на хепатиот (вирусот на хепатит). Ако уште од почеток постои сомневање за хепатит (А, Б или Ц), покрај примерок од крв за хепатални проби, се зема и примерок од крв за серолошки тестови.
Анализата на железото, заедно со анализата на хемоглобинот, на еритроцитите и на параметрите кои ја одредуваат морфологијата на еритроцитите даваат увид во состојбата на коскената срцевина. Одредувањето само на железото во крвта нема никакво значење за поставување на дијагноза на анемија.
Мастите во крвта се проверуваат со анализа на HDL (добриот) холестерол, на LDL (лошиот) холестерол и на треиглицеридите.
Дијагностичко значење имаат намалените вредности на HDL или „добриот“ холестеролот. Во тие случаи постои зголемен ризик за развој на срцеви заболувања. Зголемените вредности на „лошиот“ – LDL холестерол обично се поврзани со неправилната исхрана и стресот. И Тогаш се зголемува ризикот за кардиоваскуларни заболувања, а пред се, ризикот за атеросклероза.