Разговор со Елена Бошбож
„Сонцето под земја, кралството над него“, Книга 1 - „Неродениот и човекот кој не умре“ , е првата книга од серијалот на младата талентирана авторка Елена.Елена ја прифати нашата покана за интервју , а што разговаравме, прочитајте во продолжение
Со оваа епска фантазија, која ќе ве поведе на незаборавно патување во совршениот фантастичен свет кој таа го создала, инспирирана од грчката, македонската и словенската митологија, легенди и историја, Елена и се претстави на македонската читателска публика и веднаш ги освои срцата на читателите.
Рингераја: За почеток, нешто накратко за тебе. Која е Елена?
Елена: Писател, професор и голем вљубеник на книжевноста. Елена Бошбож е псевдоним под кој пишувам. Инаку сум од Битола, имам 26 години и сум магистриран професор по англиски јазик и книжевност.
Моето работно искуство како наставник и професор по англиски јазик се состои од низа градинки, основни и средни училишта, па бев и демонстратор на Педагошкиот факултет во Битола од 2020та до 2022ра година. Имам објавено неколку научно-истражувачки трудови во домашни и меѓународни публикации на теми од книжевноста и изучување на англискиот јазик како странски јазик. Исто така, член сум на Македонското научно друштво – Битола од 2022ра година.
Исто така, имам напишано два кратки раскази на англиски јазик, едниот беше објавен во 2020та година во американското списание “The Dark Corner Zine,” а другиот ќе биде објавен во антологијата на “Dark Tales Publishing“ оваа година.
Рингераја: Кога ја откри љубовта кон пишувањето?
Елена: Уште од дете се восхитував на имагинативни приказни, без разлика во каква форма беа раскажани — цртани, филови, слики, книги, песни, итн.
А љубовта кон пишувањето ја открив спонтано. Кога имав што да раскажам, и веќе ми тежеше во мене, немав друг избор — морав да седнам и да пишувам.
Рингераја: Имаш ли учества на литературни конкурси, освоени награди...?
Елена: Немам на ништо учествувано, секогаш сум учела за конкурсите предоцна и ги испуштав роковите.
Рингераја:. Годинава блесна на сцената со твоето првенче. Нешто накратко за истото... Од каде инспирација, како одлучи да биде серијал итн
Елена: Желбата за осмислување и креирање фантастични светови сум ја имала од секогаш. Поконкретно, бев инспирирана од македонската богата историја, митови и легенди. Идејата за романот дојде пополека, се формираше во моите мисли со години – лик по лик, приказна по приказна, за на крајот да имам цел свет. Првите ликови ги смислив во 2014та година – Токиј, еден од многуте протагонисти, и божеството Ат-ад. Но не помислив дека некогаш ќе се најдат во роман. Потоа, во 2018та година кога ја имав идејата за Сончевото кралство, знаев дека домот на Токиј и Ат-ад ќе биде ова кралство. Другите ликови си дојдоа сами по себе, секој носејќи си своја приказна и борејќи се да заземе што поголем дел низ страниците на книгата.
Мора да е серијал бидејќи приказната е преголема да е само една книга. Сите ликови си бараат да си добијат задоволувачки дел од дејството, не можам на никој да му го скратам тоа.
Рингераја: Каков беше процесот од идеја до реализација за книгите и како се случи соработка со издавачот Антолог?
Елена: Додека ја пишував книгата не знаев дали воопшто ќе биде издадена. Претходно не сум издала ништо и цел тој процес ми беше апсолутно непознат. Ги контактирав Антолог по пола година откако го завршив ракописот. Го прочитаа, им се допадна и така започна нашата соработка. Ми е голема чест што токму Антолог се издавачката куќа која стои зад моето првенче.
Рингераја:. Одржа промоција во родната Битола. Какви се импресиите од неа? Планираш ли промоции низ другите градови?
Елена: Промоцијата беше магија. Луѓето кои стоеја до мене горе на сцената ја направија атмосферата подобра отколку што некогаш сум замислувала дека промоција на книга може да биде.
Сакам книгата да е промовирана во другите градови, но во моментот немам испланирано промоции. Ќе доаѓам за скоро во Скопје за книжевна дружба и потпишување на книги. Не е промоција, но е запознавање на авторот со публиката.
Рингераја: Романот веќе неколку месеци ги освојува читателските срца, дискутиран е, препорачуван. Каков е фидбекот од истите? Колку си задоволна од сето тоа?
Елена: Многу ме радува кога ќе дознаам дека луѓето ја читаат книгата. А уште повеќе ме радува кога ќе ми кажат дека им била забавна и дека едвај чекаат да го прочитаат вториот дел. Секогаш сакам да знам кој лик им оставил најголем позитивен, па и негативен впечаток. Сакам да разговарам и за нивните очекувања за следните делови.
Рингераја: Членуваш во книжевните групи на социјалните мрежи. Какво мислење имаш за македонците како читатели?
Елена: Изненадена сум дека има толкав голем број на македонски читатели. Секој ден се ставаат рецензии, се дискутираат книги, што е навистина одлично.
Рингераја: Како автор и како читател, каква е твојата слика за македонските автори?
Елена: Сметам дека воопшто во Македонија се ценат повеќе странски уметници. Кај нас има доста квалитетни автори за кои повеќето луѓе не ни имаат слушнато. Ова е навистина голема штета.
Рингераја: Каква литература читаш? Кој е твој омилен жанр? Кој автор те инспирира?
Елена: Читам се и сешто, во зависност на расположението. Омилени жанрови ми се хорор и фантазија. А автори кои ме инспирираат се Ф. Достоевски, Џ. Р. Р. Мартин, Ш. Џексон, В. Шекспир, Н. Гејман, Е. А. По, Е. Рајс, Џ. Р. Р. Толкин, Д. Алигиери. Станав љубител на книги откако го прочитав „Пеколот“ на Данте, бев инспирирана да напишам свој роман кога ја прочитав „Злосторство и казна“ и бев тотално маѓепсана по читањето на „Песната за мразот и огнот“ и останатите новели поврзани со тој свет од Џорџ Мартин. Од Ширли Џексон и Нил Гејман научив колку се важи стилот на еден автор и авторскиот глас.
Рингераја: Читаш ли македонски автори? Кои меѓу нив би ги издвоила?
Елена: На ред на полиците чекаат многу, многу книги од македонски автори. Би ги издвоила домашните автори на Антолог како на пример, Весела Богдановиќ, Жарко Кујунџиски и Јордан Коцевски.
Рингераја: Во очекување сме на второто продолжение, а најавени се три дела. До каде си, кога е предвидено да бидат издадени?
Елена: Веќе не планирам да се три дела. Сега во план ми се околу 4-5 дела. Односно, повеќе не планирам. Колку делови ќе се, толку. Самото тоа ќе си дојде. Моментално го пишувам вториот дел и сум готова отприлика со 35% од книгата. Се надевам дека за година дена ќе е завршен целиот ракопис, но здравје Боже, останува да видиме.
Рингераја: Дали планираш да напишеш нешто поразлично од тоа што досега го пишуваш?
Елена: Моментално сум во почетна фаза на пишување на хорор новела. Бидејќи е само идеја и с? уште во најраните фази на планирање, не можам ништо друга да откријам.
Но, имам готов текст за сликовница за деца. Го чекам илустраторот да ги приврши илустрациите, па да видиме што ќе се случува со тој проект. Оваа сликовница ми е многу драга бидејќи ја напишав уште во 2018та година.
Рингераја: Имаш искуство во својата професија, наставник по англиски јазик. Какво е искуството да се биде просветен работник?
Елена: Тешко прашање. Професијата си ја сакам, но условите за работа се потешки и потешки. Да се биде наставник е најблагородната професија, но во последно е прифатена како мајтап и просветните работници се помалку и помалку ценети. Искрено, се плашам дека образованието, не само кај нас туку и во целиот свет е заминато во лоша насока.
И благодариме на Елена за издвоеното време и ? посакуваме многу успеси и уште многу издадени дела во иднина!