Разговор со Ирена Николовска, мајка на дете со аутизам
Денес го одбележуваме меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Но, факт е дека не е доволно вниманието од само еден ден! Проблемите и потребите со кои се соочуваат овие лица и семејства бараат и заслужуваат внимание секој ден од годината
Нивното прифаќање, внимание, почитување на нивните права за еднаквост, самостојност и функционирање во општеството треба да биде секојдневие, да биде нераскинлив дел од човечноста и општествениот живот.
Но, за жал, лицата со посебни потреби претставуваат една ранлива група која сe уште е на маргините на опшеството.
Во нашето опкружување и со нашиот менталитет, оваа тема сe уште претставува табу, со оглед на бројните сведоштва на родители кои ги сретнуваме на социјалните мрежи. Искрено, запрепастуваат нечии искуства, неинформираноста, слепилото за оваа појава на одредени поединци и некултурата генерално!
Едно такво сведоштво сретнав на социјалните мрежи. Ирена Николовска Ристовска од Битола е мајка на две деца, од кои едното, девет годишниот син, е лице со аутизам.
Освен нивната секојдневна лична борба, семејството води битки и на друго поле - со нивните соседи, на кои присуството на нивниот син во станбената зграда во која живеат им претставува проблем и причина за бројни тревожења, пријави во полиција, тужби, влечење по судови и закани по живот.
"Како да покренеме свест за невидливите, кога ние сме видливи во нашата зграда и пак сме неприфатени, но токму поради нашата видлива невидливост" - вели во својата изјава за Рингераја мајката Ирена.
Семејството Ристановски го доживува овој терор со години, во сопственост дом, за кој уште многу години ќе отплаќаат кредит, што е причина да не можат да го напуштат и да бараат соседство во кое би имале помирен живот.
"Повторно закани по живот за нас. Има ли закон во оваа наша држава? Тешко на тој што има мака! Солзите и траумите на моите деца нема цена која може да ги исплати." - пишува во еден од статусите кои Ристановска често го објавува на својот фб профил.
"Покрај домот и сигурноста во истиот, околината е место каде децата е потребно да се чувствуваат сигурно и прифатено " - додава Ирена, со што потполно се согласувам.
А тоа на нејзините деца им е одземено!!
Животот на ова семејство, кој и онака претставува еден вид непредвидливо возење на ролеркостер, дополнително е комплициран од ваквиот нехуман третман од нивните први соседи.
Наместо времето да го поминуваат квалитетно, посветено и сталожено насочени во развојот и напредокот на состојбата на синот и да им овозможат на нивните деца едноставно да бидат деца, тие водат дополнителни битки кои им ги уништуваат животите.
До кога вака??
До кога ќе бидеме слепи, бесчувствителни, глуви, себични, сурови??
Подготви Марина Кљајиќ Петковски