Релаксирана бременост
Бременоста во животот на една жена е исклучителен период и зависно од чувствителноста и нејзиниот карактер може да ја доживее како единствено и неповторливо искуство, жртвување и тест на издржливост, емоционален тобоган, спиритуално патување.
Во овој дел од животот жената се соочува со многу прашања и дилеми кои ги носи самата бременост, зашто во целост и се менува животот. Почнувајќи од фактот дека станува родител, доаѓа нов член во семејството, секојдневните промени што се случуваат во телото, „лудувањето“ на хормоните... . Сево ова е голем товар и ако дозволите да ве надвладее ќе биде товар и за бебето. Затоа потрудете се, размислете и најдете начин како да се ослободите, да го намалите или целосно да го неутрализирате стресот, зашто ниедна мајка не сака да роди „нервозно" бебе. Бебето ќе биде одраз на она што бевте вие во текот на бременоста.
Како да се релаксирате?
За да се заштитите и себеси и своето поколение практикувајте ја релаксацијата, треба само секојдневно да одделите 10-20 минути. Не е потребно многу време, ниту многу труд, а сепак она што ќе го добиете е неспоредливо многу. Можете да си пуштите и тивка и нежна музика, неутрална која нема да ви буди асоцијации, а ќе ви помогне во опуштањето.
После релаксацијате ќе се чувствувате целосно одморени, полни со елан и можете да ги завршите сите обврски кои ве очекуваат. И најважното од сé е тоа што придобивките од релаксацијата ги чувствува и бебето - вашата опуштеност, смиреност и внатрешна среќа се и негови:
- легнете странично на левата страна,
- свијте ги колената и поставете перниче помеѓу нив
- грбот, вратот и главата се во права линија
- и под главата т.е. вратот поставете перниче
- рацете поставете ги како што ви е најудобно
- затворете ги очите и вниманието свртете го на телото
- свесно отпуштете ја секоја зона од телото поединечно, почнувајќи од стапалата, па се до мускулите на лицето (опуштете ги стапалата, потколениците, надколениците, стомакот, грбот, градите, дланките, подлактиците, надлактиците, рамената, вратот и лицето).
- ако некоја зона ја чуствувате понапната, задржете се подолго време на неа
- потоа чувствувајте како се смирува дишењето и само набљудувајте го свесно процесот на вдишување и издишување
- со тоа се смирува и умот, и во тишината во која се наоѓате лесно воспоставувате комуникација со себеси и со бебето
Но не заборавајте - релаксацијата не е само лежење со затворени очи, јогиската релаксација е свесна ментална активност која ве води во вашата внатрешност и ве враќа на вашата вистинска природа. Го пронаоѓа вашиот внатрешен мир и тишина и тогаш, покрај чуството за себеси, го откривате и присуството на другата душа која ја носите во вашето тело 9 месеци. Воспоставувате внатрешен контакт со бебето, на вистински емоционален начин, кој претставува и духовен чин, зашто сте свесни за животот кој расте во вас, сте создавател и креатор на едно чудо кое започнува на микроскопско ниво, но го има целиот потенцијал да стане голем човек.