Што кога вие сакате дете, а партнерот не сака?
Одлуката за децата треба да биде заедничка, но тоа не е секогаш така. Еве што треба да направите ако се најдете во таква ситуација...
Постои одреден момент кога барем еден од партнерите во врска, или во најдобар случај, и двајцата, сака да направи чекор напред и да ја издигне на повисоко ниво. Понекогаш тоа е вселување во заеднички стан, а понекогаш и брак. Сепак, најголемата од сите одлуки со кои се соочуваат паровите е одлуката за потомство. За жал, понекогаш се случува едниот да посака дете, а другиот да не се согласува со таа одлука.
Најчесто жените се оние кои сакаат да имаат деца (иако тоа не е секогаш така), додека мажите најверојатно се двоумат за тој голем чекор. Што да правите кога сакате да имате дете, а тој не? Таквата ситуација е доста проблематична и тешка, затоа не треба да го присилувате и принудувате вашиот партнер да направи нешто што не го сака. Имено, ваквиот исход на ситуацијата не може да заврши добро, па порано или подоцна проблемите ќе се појават на површина.
Не инсистирајте на дете ако вашиот партнер не го сака тоа. Одлуката за децата треба да биде заедничка и потребно е двајцата партнери да имаат желба да го воспитуваат детето. Доколку сте во таква ситуација, подолу ви претставуваме неколку добри совети како да се однесувате и да се справите со овој проблем.
Не форсирајте разговор на таа тема
Ситуација кога сакате дете, а тој не, е доста тешка и тешко ви е да не зборувате за тоа. Сепак, не ставајте ја таа тема пред носот на партнерот секој ден, бидејќи на тој начин работите само ќе се влошат. Немојте постојано да го форсирате разговорот на таа тема, дајте му време на вашиот партнер да размисли за сè. Ова не мора да значи дека разговорот на таа тема е завршен, туку дека сте им дале малку простор на себе и на вашиот партнер да разберете што сакате двајцата и кои се вашите понатамошни цели во врската / бракот. Значи, пред да ја спомнете таа тема повторно, дајте му на вашиот партнер некое време, да речеме, два или три месеци да размисли мирно за сè. Дотогаш, и двајцата ќе бидете посмирени и поподготвени да разговарате на темата.
Кажете му како се чувствувате
Кога разговарате на оваа тема, кажете му како се чувствувате. Едноставно, кажете му директно дека навистина сакате дете, но обидете се да го кажете тоа на убав начин, за да не се чувствува како да го присилувате. Без разлика дали е вашето прво дете или веќе имате деца, ако сакате друго, само кажете му. Во секој случај, одржувајте ја вашата комуникација јасна и прецизна затоа што мажите не сакаат заобиколување и претпочитаат отворена комуникација наместо суптилни сигнали.
Објаснете му ги причините зошто сакате да имате деца
Понекогаш е добро да му објасните на партнерот зошто сакате да имате дете. Повеќето жени имаат вродени мајчински инстинкти и пориви кои во одреден момент од нашите животи едноставно се појавуваат и ги чувствуваме посилно од кога било. Обидете се да му објасните на вашиот партнер. Можеби се чувствувате како да е вистинското време за дете или сакате вашата врска да добие нова димензија. Наведете ги специфичните причини на вашиот партнер зошто сакате да имате деца и можеби тогаш тој ќе може да ве разбере подобро.
Престанете да се расправате
Ако вашата дискусија за деца се претвори во расправија, тогаш завршете ја што побрзо. Не влегувајте во жестоки дискусии на оваа тема или во агресивно искажување на аргументите. Тој разговор треба да биде сериозен, но мирен и без кренати тонови. Разговарајте со вашиот партнер и дајте му малку време да размисли. На мажите обично им треба малку повеќе време да размислат за сериозни работи и големи чекори.
Размислете за неговите емоции
Паузирајте за момент и размислете како се чувствува вашиот партнер - неговите чувства се исто толку важни како и вашите. Добро прашајте го зошто не сака да имате дете. Дали се плаши? Можеби тој смета дека тоа лошо ќе влијае на вашата врска? Дали страда од финансиски проблеми? Може да има многу причини и секоја од нив е важна. Затоа, разговарајте со вашиот партнер и дознајте за што станува збор.
Одговорете на неговите грижи
Ако имате да кажете нешто за грижите на вашиот партнер што го тераат да не сака деца, тогаш кажете му. На пример, ако смета дека детето може лошо да влијае на вашата врска, потсетете го колку е силна вашата врска итн. Ако смета дека проблемите што го одвлекуваат од дете имаат финансиска природа, седнете на маса и направете план. На тој начин, може да го одвратите и да го натерате да се премисли. Сепак, не му го наметнувајте вашето мислење, но оставете го самиот да разбере што навистина сака.
Почекајте додека двајцата не сте подготвени за тоа
Некој еднаш рече дека одлуката да се роди дете е слична на одлуката да се направи тетоважа на лицето - мора да бидете целосно сигурни во вашата одлука. Не присилувајте го вашиот партнер на дете ако ви ставил јасно до знаење дека не го сака тоа. Најважно за секое дете е да има родители кои се подготвени целосно да му се посветат. Вашиот партнер може да се предомисли по некое време, но не го принудувајте да стори нешто спротивно на неговата волја, бидејќи тоа секако нема да ве направи среќни на долг рок.
Ако самите не сте целосно сигурни, а вашиот партнер е уште помалку, тогаш не инсистирајте на дете. Кога ќе дојде вистинското време, тогаш ќе го знаете тоа, бидејќи тоа ќе биде силна желба, и за вас и за вашиот партнер.
Ако ниту еден од овие совети не ви помогнал, вие сè уште очајно сакате деца, а вашиот партнер не е за тоа, тогаш можеби треба да размислите за иднината на вашата врска. Дали ви е поважно да имате деца или повеќе сакате да ја зачувате вашата врска? Размислете добро пред да ја донесете оваа тешка одлука.