Сперматозоиди во воена готовност!
Убава музика, секси долна облека, афродизијак во ладилникот, се е подготвено за зачнување на идниот наследник. Кога жените сакаат бебе, подготвени се на се! Но што можат да направат мажите за да придонесат малото човече да се појави што поскоро?
Во создавањето на бебето секогаш учествуваат двајца. Зошто машката половина не се испоти малку и не земе активно учество во репродукцијата? Вистина е дека можеби никогаш нема да го видите партнерот да чита статии од типот”Како да направиме бебе?” или “Топ 10 пози за зачнување” Мажите не се луди за витамини и минерали, не пијат фолна киселина и најверојатно нема ни да помислат на опасностите кои им го демнат организмот. Кога парот се обидува да добие наследник, очите на сите се вперени во жената. Но и мажите се дел од процесот! Ако мислите да станете татко во поскоро време, треба да направите неколку работи за да и обезбедите здрава бременост на сопругата.
Посета на лекар
Закажете преглед кај вашиот лекар ако страдате од хронични заболувања, пиете лекови или имате проблеми со либидото. Некои лекови, стероидите или хормоните, апчињата против висок крвен притисок, голем број на антибиотици може да и наштетат на вашата способност да станете татко. Тие сериозно го намалуваат квалитетот и квантитетот на сперматозоидите. Во поголемиот број случаи малите пливачи ќе ја вратат подвижноста штом престанете со лековите. Докажано е дека некои чаеви помагаат за зголемување на подвижноста на сперматозоидите. Дури и ако немате никакви надворешни симптоми, направете испитувања за полово преносливи болести. Никој не ве обвинува за неверство! Може да добиете инфекција од нечиста долна облека, па дури и од базен. Не стеснувајте се пред лекарот и кажете му за вашите грижи. Ако некој во вашето семејство имал генетски или психички болести, направете генетска консултација.
Збогум на пивото
Ова, се разбира, е шега. Не мора да се откажете од пивото, ниту од фудбалот. Во спротивно правењето бебе нема да ви биде забавно. Сепак ќе мора да го ревидирате начинот на исхрана и да ја заборавите нездравата исхрана на која сте навикнале. Помфритот и хот-догот засега може само да ги сонувате. И на вашата партнерка ќе и биде полесна таа исхрана доколку и вие јадете супа од компири и брокули. Но со тоа ќе порасне вашата самодоверба, бидејќи зелената салата и морковот ќе ги направат сперматозоидите тркачи на долги патеки. Истражувањата покажуваат дека мажите со ниско ниво на фолна киселина имаат сперма со многу лош квалитет. Затоа и вие, како и партнерката треба да пиете фолна киселина. Исто така, недостатокот на цинк може да го намали нивото на тестостерон кај мажите. Затоа јадете повеќе месо, риба и јајца. Тоа ќе ви го обезбеди потребното ниво на цинк во организмот.
Секако, не пропуштајте да пиете и Ц витамин, кој ја зголемува брзината на сперматозоидите, а вас ве држи во воена готовност, без оглед во кој дел во денот саканата ќе посака да ја тестира вашата сексуална моќ.
Една година без ноќен живот
Откако ќе започнете со подготовките за зачнување, ноќниот живот станува табу тема. Колку и да не ви се сака, сепак збогувајте се со друштвото. Тутунот, чадот и алкохолот, негативно влијаат врз количеството и квалитетот на спермата. Откажувањето од овие навики ќе биде двојно полезно. Откако бебето ќе се роди, саканата нема да ви дозволи да пушите. Истото важи и за алкохолот. Бебињата на татковците кои пиеле по две чаши алкохол дневно, се раѓаат со помала родилна тежина.
Работното место
Еден од скриените ризици за сперматозоидите може да биде вашето работно место. Ако постојано сте изложени на дејството на хемикалиите – работите во авто-перална, хемиско чистење, оранжерии и слично, треба да го проверите квалитетот на спермата.
Купете си боксерки
Некои тестирања покажуваат дека мажите кои носат боксерки, имаат квалитетна сперма. Ништо не губите ако се обидете! Можеби навистина таа долна облека ќе ви помогне.
Крај на задоволствата
Зошто зачнувањето е поврзано со толку многу забрани? За да го видите најслаткото бебенце што поскоро!
Заборавете на сауната и топлата бања. Топлината ги убива малите пливачи. Тестисите функционираат најдобро кога не ги прегревате.
Возење велосипед
Со што одите на работа? Ако вашиот одговор е автомобил, немате за што да се грижите. Но мажите кои возат велосипед, треба да пронајдат друг начин за да стигнат до работното место. Дури и да набивате мускулатура со статичен велосипед, треба да се откажете од тоа. Седиштето на велосипедот негативно влијае на тестисите и тие произведуваат неквалитетна сперма. Ако поминувате повеќе од два часа на велосипед дневно шансата за зачнување драстично се намалува.
Позитивни страни
Зачнувањето е тешка работа, особено ако поминат неколку месеци додека да ги видите двете цртички на тестот за бременост. Обидете се да уживате, пливајте и шетајте. На крајот на краиштата, она кое морате да го правите е ..... само секс.