Стомакот по породување
Повеќето жени по породувањето очекуваат дека стомакот ќе им се врати во форма во која бил пред бременоста. Меѓутоа, стомакот нема да биде рамен и затегнат веднаш по породувањето
Треба да се има во предвид дека стомакот се ширел девет месеци и дека треба да помине одреден период додека не се врати во првобитната состојба. Материцата има облик на круша и тежи околу 50 грама кога жената не е бремена. Во бременоста обемот на материцата се зголемува, па пред породувањето тежи околу 1500 грама.
По породувањето мускулите на материцата се собираат и таа се намалува. Додека материцата се намалува за да се врати во првобитната положба, крвните садови низ кои стигнувала крвта до постелката се намалуваат бидејќи престанала потребата за нивно функционирање. Кај некои жени може да се јави интензивна болка во тек на доењето бидејќи хормонот окситоцин, кој влијае на излачувањето на млекото, воедено придонесува и за стегање на материцата. Често се случува жената да чувствува силни болки, бидејќи мускулите на материцата работат понапорно за да ја вратат во стандардна големина. Обично се' доаѓа на свое место по три седмици.
По породувањето се јавува исцедок кој е прво крвав, потоа добива темна боја, а потоа повторно светла боја. Исцедокот може да трае најмалку две седмици, а кај некои жени и повеќе. За време на прочистувањето не користете тампони туку мрежести влошки, а за смирување на болките не земајте аспирин бидејќи може да го зголеми крварењето.