Тоше, Рингераја ТЕ САКА !
Среќен роденден ангелу наш!
Тодор „Тоше“ Проески (25 јануари 1981 - 16 Октомври 2007) беше познат македонски пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Музичката кариера ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победува изведувајќи ја песната Yesterday Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Се смета дека подемот во неговата кариера започнува по изведбата на песната Твоите бакнежи на моите бели кошули на Скопскиот фестивал во 1999 година. Во меѓувреме Тоше станува дел од продуцентската куќа Авалон, каде што останува се до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година е прогласен за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.
Умира на 16 Октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на Национална Жалост .
Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот “Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на “Макфест” со композицијата “Пушти ме". Тоше работи со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која ќе му донесе два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издава својот деби-албум "Некаде во ноќта" кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.
Во 2000 година Тоше учествува на “Скопје фест” (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната "Солзи прават златен прстен" која, и покрај тоа што победува на теле-воутингот, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победнициите XXL . Во овој период почнува да ги снима и песните за својот втор албум “Синот Божји" кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како "Немир" (дует со Каролина Гочева), "Во коси да ти спијам", "Излажи ме уште еднаш", како и "Илузија" и "Тајно моја", две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот "Сунчане скале" во Херцег Нови, Црна Гора).
Српската продукциска куќа “BK sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродани концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.
Ѕвездена слава
Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум "Ако ме погледнеш во очи" на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот "Беовизија" со песната "Чија си" која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.
Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој е в својата кариера е и учител на Лучијано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.
Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари, со помош на теле-воутинг, жири и лично мислење, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот "Ден за нас", двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија. Следниот месец, Тоше го освојува 14тото место со песната "Life", англиската верзија на “Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите инзворенди оперски квалитети на прес-конференциите.
Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија - This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима “Krajnje Vreme” со словенската пејачка Ања Рупел. Во 2005, неговиот петти албум “По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е с? уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот - неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.
Неговиот следен албум - Божилак - е компилација на 14 избрани македонски народни песни пропратени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници - неговиот последен албум.
Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) оддржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје беше посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот беа присутни повеќе од 40.000 посетители.
Третиот голем концерт на Градски стадион
Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ поп-ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007 во 19:30 часот, одржа спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД. Парите од билетите, кои чинеа 200 денари, се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата. Со нив ќе бидат реновирани околу 100 училишта во Македонија, ќе се подобри наставната програма и ќе се спроведат образовните реформи. На вeчерната прес-конференција во хотелот „Континентал“, освен Тоше, присуствуваа претставници од УСАИД. Директорот Мајкл Еди, кој се обрати на македонски, рече дека се гордее што работи со ѕвезда од рангот на Проески. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира.
- Чест ми е што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме поздраво општество - изјави Тоше.
Сообраќајна несреќа
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години. Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на со-возачкото седиште во возилото Volkswagen Touareg кој со голема брзина удира во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Останатите двајца патници - возачот Ѓорѓе Георгиевски поминува со потешки додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ со полесни повреди. И двајцата се вон-животна опасност.
Реакции по смртта на Тоше
Веста за смртта на Тоше Проески е објавена од најголемите светски новински агенции. Најголем дел од нив го нарекуваат „најголема балканска ѕвезда“, а Би-Би-Си, неговата слава на Балканот ја поистоветува со онаа на Елвис Присли во САД.
По повод смртта на Тоше Проески, на главниот плоштад во Скопје се отворени книги на жалост, а илјадници скопјани оставаат пораки, палат свеќи и се потпишуваат во книгата на жалоста.
Отворена е и петиција за името на Тоше Проески да го носи Средното музичко училиште во градот Битола, каде учел Тоше Проески. Истата петиција важи и за промоција на хуманитарен фестивал кој ќе се одржува секоја година на денот на неговата смрт 16 октомври и кој ќе го носи неговото име и ќе опфаќа музичари од сите музички жанрови, се со цел да им се помогне на сите оние на кои им треба хуманитарна помош.
Постхумни признанија
Од 15 декември 2007 година, еден милион поштенски марки со ликот на Тоше почнаа да кружат низ светот, исто како и неговата песна. Марката на која Тоше е фотографиран со гулаб, во кој гледа со неизмерна нежност, смиреност и добрина, дело на фотографот Дарко Мораитов, беше официјално промовирана во Македониумот во Крушево.
Издадената поштенска марка е преседан во историјата на Македонски пошти. По ограничениот број марки со ликот на загинатиот претседател Борис Трајковски, за прв пат се издава марка на великан од чие дело не поминале најмалку 50 години. Оваа одлука, главните луѓе на Македонски пошти, со солзи во очите ја донеле истиот ден кога Тоше трагично го загуби својот живот во сообраќајната несреќа во Нова Градишка, Хрватска. Парите од продадените марки (една марка чинеше 12 денари) се слеаа во Фондацијата Тоше Проески и се распределуваа во хуманитарни цели.
Тоше постхумно е добитник на специјално признание за придонес во спортот во изборот организиран од Сојузот на спортските федерации на Македонија и од Агенцијата за млади и спорт. Проески беше награден со ова признание поради исклучителниот придонес во спортот воопшто, а особено во одбојката. Проески ја возобнови одбојката во својот град Крушево, со заживувањето на клубот Синалко, чиј активен член беше. Во име на семејството Проески, признанието го прими претставник на клубот.
На 23 јануари 2008, два дена пред роденденот на трагично загинатиот Тоше Проески во Спомен куќата на Мајка Тереза, беше откриена бронзена биста со неговиот лик.Отворена беше и изложба со 27 фотографии од хуманитарните акции на Тоше.