cookie-img

Веб-страницата користи колачиња

за да обезбедиме он-лајн сервис, анализа на користење, системи за рекламирање и функционалности нема да можеме без употреба на колачиња. Со континуираното користење на страницата, се согласувате со колачињата.

Важноста на правилната грижа и љубов во детскиот развој

clock-img

29.8.2023

Интервју со г-ѓа Снежана Кливановска, педагог и косопственик на приватната градинка Литл Ми

Важноста на правилната грижа и љубов во детскиот развој

Раните години од животот на детето се период на извонреден раст и развој. Во овој период се поставува темелот за целото идно учење, однесување и здравје. Во оваа клучна фаза лежат суштинските компоненти на правилната грижа и љубов. Овие елементи служат како камен-темелник на здравиот ран детски развој, обликувајќи ја не само непосредната благосостојба на детето, туку и нивниот долгорочен успех и среќа.

За важноста на правилната грижа и љубов која им се овозможува на децата особено во почетокот на нивниот развој разговараме со г-ѓа Снежана Кливановска, педагог и косопственичка на приватната градинка Литл Ми.

1.      Како личност која сиот свој живот го посветила на овој сектор, според вас, зошто раните години се толку клучни за развојот на детето? Можете ли да го објасните како овој период влијае кај децата?

-        Праксата покажува дека раната едукација во градинка е најдобриот избор кој може да се направи за едно дете. Фокусот е на целосно будење на детето, внесување во светот кој го опкружува, будење на сите негови капацитети, поттикнување и создавање на база на која потоа ќе се надоградуваат сите квалитети кои ја сочинуваат една личност, а воедно и сите аспекти од нејзиниот развој (моторички, когнитивен, говорно- комуникативен, аспектот на интерес и љубопитност, социо-емоционалниот). Соодветниот избор на методи, форми, начини, средства како и со што на детето ќе му се приоѓа секојдневно секако дека секогаш се бираат да бидат доволно мотивирачки, поттикнувачки и креативни, се со цел најпрво со детето да се воспостави добра и позитивна конекција, детето да покаже доволно доверба и потоа неизмерно успешно, со љубов и внимание да се препушти на соработката со луѓето кои непосредно и секојдневно  го опкружуваат - воспитувачот и негователот во групата во која припаѓа.

slika1

2.      Како мозокот се развива во овие години на детето? Можете ли да ја објасните врската помеѓу раната грижа, љубовта и развојот на мозокот?

-        Детското мозоче е бел, неиспишан лист хартија кој  во првите месеци - пред поаѓање во градинка и од 9. месец кога детето треба да појде во градинка семејството и ние - практичарите во градинките треба што повеќе да го испишеме. Тоа значи многу работа, многу посветеност, многу дразби од секаков тип упатени до детето,  многу љубов, грижа, нежност, многу креативност и инвентивност кои успешно ќе допираат до детето и секојдневно ќе будат безброј синапси во неговото мозоче, со што тоа ќе станува се повеќе свесно за себе, за околината, за се што околу него се случува , за сите состојби, појави, предмети , суштества од неговото опкружување и за правилата и начините како во тоа опкружување ќе се најде самото себе си со цел да стане социјално суштество прилагодено и способно за самостојно живеење во социјалната средина. На дечињата од најрана возраст им треба љубов, зборување, пеење, контакт со допир, контакт преку бојата на нашиот глас, контакт преку трепетот на нашето тело - енергија која тоа ја чувствува и така не доживува. Особено енергија која секојдневно му влева сила, надеж дека е во средина и опкружување кои му се блиски, наклонети и посветени, каде е среќно и пред сe, безбедно. Ваквиот позитивен социоемоционален амбиент и посветеност кај детето од најмала возраст дома и во градинка, создава поле или основа во која детето, односно неговото мозоче, паралелно успешно ќе ги развива, а потоа и манифестира сите аспекти кои ја сочинуваат детската личност.

slika2

3.      Емоционалната благосостојба е клучен аспект на здравиот развој. Како средина со љубов и поддршка во раното детство придонесува за емоционална отпорност подоцна во животот?

-        Секоја дразба која допира до детето, а е непосакувана, стресна, негативна, вознемирувачка создава лачење на хормонот кортизол кој буквално ја  разорува детската психа, малото кревко мозоче, неговиот мир, спокој, чувство на сигурност и сталоженост. Со децата многу треба да сме внимателни. Многу треба да внимаваме на начинот на нашето однесување, на нашите постапки, на примерот кој самите ние го даваме, на начинот на кој говориме и се изразуваме, на начинот како ние социјално се однесуваме и како во одредени ситуации постапуваме. Ако пред детето сме го изградиле својот авторитет, а тоа е една од целите на нашето постигнување, ако сме ја наметнале нашата постојаност и константа во однесувањето и постапувањето тогаш се нешто кое отстапува од таа рамка за детето ќе создава многу прашања, дилеми, недоумици кои ќе го одведат во една друга сфера, тоа е сфера на нерешителност, недоумица, конфликтни состојби, немир кои секако водат и кон разлабавување на неговата самодоверба. Оттука потребата секогаш да се трудиме околу децата и за децата да се создава позитивен социоемоционален амбиент и средина, средина исполнета со љубов, внимание, нежност, убави звуци, убави и пријатни бои и  мириси. Ние, како личности во нивното опкружување да сме смирени, сталожени, да му се обраќаме со смирен тон и боја на гласот, да покажуваме трпение, да играме и во играта со него да ја покажуваме својата радост, насмевката, желбата дека времето сакаме да му го посветиме нему. Децата од најрана возраст  многу лесно и многу добро знаат да ја детектираат нашата внатрешна состојба и енергија. Тие иако на почетоците не зборуваат, се уште не знаат да ги именуваат и детерминираат емоциите сепак знаат да го доживеат трепетот на нашето тело и бојата на нашиот глас. Затоа, кога се во прашање емоциите кај децата, а преку нив нивниот правилен раст и развој, сите ние кои сме околу дечињата мора да бидеме многу внимателни.

slika3

4.      Семејните врски се од суштинско значење во животот на детето. Како грижата и љубовта што ја добиваат рано влијаат на нивната способност да формираат позитивни односи во иднина?

-        Семејната средина и детето како дел од неа, имаат сериозна поврзаност и меѓусебно влијание. Како функционира семејството - нам децата ни покажуваат! Или, како детето се развива, тоа е одраз на тоа колку семејството "се вложило" во своето дете, односно знаело да родителствува. Семејството, односите во него, структурата на членовите кои го сочинуваат, можниот дефицит на еден од родителите, едуцираноста на родителите, влијанието на постарата генерација од семејството во семејните односи и начин на воспитување и едуцирање на детето, воедначеноста во ставовите на мајката и таткото кон детето, се уште за жал присутната " традиција на обичаи" , преголемото отсуство на родителите заради најсовремениот начин на живеење итн. се многу сериозни детерминанти кои одредуваат во каква личност ќе го формираме едно дете. Секако, тука сме ние институциите, стручните лица кои сите овие предиспозиции најпрво треба да ги разоткриеме, секогаш да ги третираме како сериозен фактор -  чинител, да работиме исто толку на нив колку и на детето, се со цел да го одбереме, понудиме, практикуваме  вистинскиот пат по кој сите заедно тимски ќе се движиме во интерес на детето и неговиот развој и формирање како личност.

slika4

5.      Улогата на воспитувачките и негувателките, вклучувајќи ги и родителите во раното детство е клучна. Што прават  воспитувачкте и негувателките во вашата приватна градинка Литл Ми за да обезбедат соодветна грижа и љубов за оптимален развој на детето?

-        Градинката, како институција, јас како педагог во неа, со 31 годишното искуство работејќи во предучилишната возраст како практичар - воспитувач и како педагог, заедно со моите  колешки, воспитувачи и негователи, секогаш почнуваме од тоа дека треба да го дадеме својот максимум со цел да го прифатиме, адаптираме, следиме, запознаваме детето -  потоа веќе и да создадеме стратегија со која доколку е потребно корективно ќе може да делуваме, советуваме, упатуваме. Ова се разбира секогаш е поддржано со претходна согласност од семејството, и е во интерес на детето. Нашата улога како институција, вработени стручни лица и соработници, не е само згрижувачкиот дел, напротив нашата мисија, нашето постоење е во функција на децата, семејствата и секаде каде чувствуваме и оцениме дека треба да делуваме и истото да го спроведуваме бирајќи го најдобриот начин. Впрочем, и нашиот слоган “детето пред се“ не е, поточно не смее да биде обична реченица, туку пракса која секојдневно ја спроведуваме и се радуваме на успешно завршените приказни.

slika5

slika6

Последни статии

article-img

Последно на форумот

message-img

ПАКЕТ ПОДАРОЦИ

article-img

Секој месец подаруваме богати подароци на трудници, семејства со новороденчиња, мали деца и деца.

Кликнете и изберете го вашиот пакет со подарок!

Пакет подароци - Пријава Трудница
Пакет подароци - Пријава Новороденче, доенче
Пакет подароци - Пријава Мало дете (1-3)
Пакет