Зборувајте англиски со вашето дете- 2 дел
Што претставува говор прилагоден на децата?
Родителите со децата користат посебен начин на говор кој се вклопува и се приспособува на јазикот на детето, поттикнува дијалог со детето и го насочува кон следниот степен на јазичната компетенција. Се чини дека жените ова го прават интуитивно, додека за некои мажи ваквата употреба на јазикот е потешка ако темата на разговор не е специфична, на пр. сликовница или некоја игра. Меѓутоа, децата, особено машките, имаат потреба и од „машки примери“ со оглед на тоа што мажите го користат јазикот на поинаков начин. Мажите усвојуваат потехнички пристап во говорот и се помалку склoни да „муабетат“.
Со користење на помек тон, внимателен глас и поедноставен јазик, родителите несвесно го насочуваат сопственото дете. Затоа:
• гласно коментирајте го она што се случува: ‘Let’s put it here.’
‘There.’ ‘Look. I’ve put it on the table.’
‘Which one do you like?’ [пауза] ‘Oh, I like this one.’ ‘The red one‘.
• повторувајте корисни фрази што почесто: повторувањето кое природно се воведува му помага на детето да го утврди она што го учи – тоа на детето не му е досадно, дури и кога вам така ви изгледа.
• проширувајте ги темите кои детето ги започнало: Детето: ‘Yellow’;
Родителот: ‘You like the yellow one. Here it is. Here’s the yellow one.
Let’s see, yellow, red and here’s the brown one. I like the brown one, do you?’ [пауза].
• зборувајте побавно и природно нагласувајте ги новите зборови не менувајќи ја мелодијата на говорот. ’Which rhyme shall we say today? You choose.’ (пауза за детето да избере)
• користете ги истите фрази на почетокот на секој час, на почеток на активностите и игрите на англиски јазик: ‘Let’s play Simon says. Stand there. In front of me. That’s right. Are you ready?’ Како детето сé повеќе почнува да разбира, проширувајте ги овие основни фрази.
• користете различни изрази на лицето и гестикулација за детето полесно да ве разбере.
• гледајте го детето во очи за да го охрабрите и да го поттикнете, кога кај него ќе почувствувате несигурност.
• правете подолги паузи, затоа што на децата им треба време да размислат и да го сфатат она што го слушнале пред да одговорат. Сé додека можностите за говор се ограничени, нагласените паузи може да внесат забава и да го зголемат интересот за време на активноста.
Некои родители избегнуваат да користат глума и облик на говор кој е прилагоден на децата. Меѓутоа, со овие методи децата го впиваат англискиот јазик, бидејќи веќе се запознаени со овие „мини-часови“ од нивниот мајчин јазик. Кога децата ќе проговорат, родителите ја губат нагонската потреба да им се обраќаат со јазични изрази прилагодени на нив, освен во случаи кога воведуваат и претставуваат нов јазик или активности.
Употреба на англискиот јазик
Со употреба на едноставен јазик и често повторување, родителите му помагаат на детето да почне да размислува на англиски јазик во текот на активностите, како што се игрите и песничките, во кои тоа се чувствува сигурно и може да предвиди што ќе се случи. Децата сакаат да можат да разговараат на англиски за:
• самите себе и за она што им се допаѓа: I like; I don’t like…yuk
• тоа што го направиле: I went to; I saw…; I ate…
• тоа како тие и другите се чувствуваат: I am sad; she’s angry…. Родителите може да им помогнат на децата со заедничко читање на сликовници или правење на сопствени книги со цртежи или фотографии.
На мајчиниот јазик децата природно ги користат неколкуте научени фрази во многу нови ситуации: ‘All gone’ (Готово). Доколку возрасните ги пренесуваат англиските фрази на истиот начин, децата многу брзо ќе ги усвојат.
Кога децата треба да го вежбаат англискиот јазик што го учат на училиште, користете фрази како што се: What’s your name?’, ‘How old are you?’, ‘What’s this?’’That’s a pencil’. Родителите можат ова да го претворат во забавна активност користејќи една играчка која „зборува“ само на англиски јазик, поставувајќи и прашања и претвoрајќи се како таа да одговара.
Кога децата ќе почнат потечно да зборуваат англиски јазик, може да се случи во англиска фраза да вметнат по некој збор од мајчиниот јазик: ‘He’s eating a (слива).’ Ако таа фраза ја повторите на англиски, детето природно го усвојува тој англиски збор: ‘He’s eating a plum’. ‘A plum’.
Кога да се преведува
Никогаш немојте да ја потценувате детската способност за разбирање; тие разбираат многу повеќе отколку што можат да кажат. Во мајчиниот јазик навикнале да препознаваат само некои зборови кои ги слушаат, додека остатокот го разбираат од контекстот и од говорот на телото. Кога ќе го препознаат говорот кој е прилагoден на децата, ќе се послужат со веќе ним познатите вештини да дојдат до значењето на зборовите на англиски јазик.
Кога истовремено воведувате нов поим и нова јазична структура, понекогаш е потребно на детето да му се шепне значењето на зборот, а веднаш потоа да го изговорите зборот на англиски јазик. Доколку зборот го преведете повеќепати, детето ќе се навикне и ќе очекува превод наместо да ги увежбува своите стекнати вештини на разбирање.
(продолжува)
1 дел: Зборувајте англиски со вашето дете
3 дел: Часовите по англиски јазик во домашна атмосфера