Bogdancanka
|
ШТО Е ИН ВИТРО ОПЛОДУВАЊЕ Името ин витро или вонтелесно оплодување е од таму што оплодувањето не се случува во телото на жената, туку надвор од неа. Првото ин витро оплодување е направено во седумдесеттите години на 20 век. На почетокот замислата била со ин-витро техниката да се овозможи забременување на жени со непроодни јајцеводи. Покасно се увидело дека вонтелесното или ин-витро оплодувањето може да биде успешно и денес нашироко се користи и за други нарушувања на плодноста. Тука спаѓаат: идиопатска или необјаснета неплодност, ендометриоза, неплодност поврзана со машкиот фактор итн. На кратко ин витро техниката се состои во: употреба на хормонални препарати за да се предизвика созревање на повеќе јајце клетки, потоа јајце клетките се вадат од телото на жената, се оплодуваат во посебен сад со сперма од мажот и потоа зачнатиот ембрион се враќа во матката. Останатите ембриони можат да се замрзнат и да се употребат кога парот ќе одлучи за тоа. Успешноста на ИВФ или ин-витро постапката зависи од клиниката во која се прави, но и од возраста на жената. Генерално земено успешноста кај жени до 35 год. е 30-35% во еден циклус, кај жени од 35-37 години е околу 25%, кај жени од 38-40 години е 15-20% и кај жени над 40 години успешноста во еден циклус се движи од 6-10%. Сепак ова е статистика и не значи дека кај помладите жени мора да успее уште првата постапка, а кај постарите дека нема да биде успешно. Ин витро техниката обично се применува кај парови, кај кои другите методи на потпомогнато оплодување немале успех. Бидејки се работи за скап и доста исцрпувачки метод, не само телесно, туку и психички, се остава како последна алтернатива доколку не се успее на друг начин. Сепак многу парови кои немале друг начин, станале родители со помош на ИВФ. ПРОЦЕСОТ НА ВОНТЕЛЕСНО ОПЛОДУВАЊЕ Кога ќе се договорите со Вашиот лекар да правите ИВФ, ќе Ви биде дадена шема по која ќе треба да ги примате сите препарати и инекции. Овде ќе ја објасниме генералната пракса: КОНТРАЦЕПЦИЈА Еден циклус пред да се прави ИВФ обично жената зема контрацепција. На овој начин се намалуваат шансите да дојде до синдром на хиперстимулација на јајниците и појава на цисти. Исто така се зголемуваат шансите во следниот циклус кога ќе се прави хормоналната стимулација да се добијат повеќе јајце клетки. СТИМУЛАЦИЈА Кога ќе добиете менструација, официјално започнува Вашиот ин-витро циклус. Вториот ден од циклусот ќе Ви бидат испитани хормоните и ќе биде направен ултра звучен преглед. Ако се е во ред, ќе почнете со хормоналната стимулација со гонадотропини. Видот и бројот на инекциите кои ќе ги примате, ќе зависи од проценката на Вашиот лекар. Инекциите за стимулација најчесто се примаат приближно околу 10 дена. За да се избегне природна овулација, се даваат гонадотропни агонисти или антагонисти. Тоа ќе го спречи природниот скок на лутеинизирачкиот хормон. Додека ја примате хормоналната стимулација, ќе бидете следени на ултра звук за лекарот да види како се развиваат фоликулите. Исто така ќе биде следена концентрацијата на естрадиол во крвта. По тие параметри лекарот ќе утврди дали треба да се зголеми или намали дозата на стимулацијата. Кога неколку фоликули ќе достигнат големина од 18-20мм, се дава инекција со hCG хормон, тоа најчесто е Прегнил или Овидрел. Многу битно е правилното темпирање на давањето на оваа инекција, затоа што ако се даде премногу рано јајце клетките нема да бидат зрели за оплодување, а ако пак се даде предоцна може јајце клетките да бидат престари и да има проблем со нивното оплодување. АСПИРАЦИЈА После 34-36 часа од примањето на инекцијата со hCG, се прави аспирација или вадење на јајце клетките од фоликулите. Препорачливо е аспирацијата да биде со анестезија, затоа што може да биде доста болна. Аспирацијата се прави со посебна игла, која преку задниот ѕид на вагината се носи до фоликулите. Водењето на иглата постојано се следи на ултразвук. Потоа се вшмукува содржината на секој фолкул. Заедно со течноста од фоликулот се вади и јајце клетката. Во фолкулот има по 1 јајце клетка, но некои фоликули може да бидат и празни или пак да не биде успешно вадењето на јајце клетката. После аспирацијата можеби ќе имате благо крварење или спотинг и грчеви во долниот дел од стомакот. Следниот ден овие симптоми најчесто исчезнуваат. Од денот на аспирацијата или ден после неа, ќе почнете да земате прогестерон. Прогестеронот може да биде во вид на инекции или најчесто во вид вагиналети. Прогестеронот се зема се до 12 седмица од бременоста или пак негативен тест за бременост после 14 дена од трансферот. ОПЛОДУВАЊЕ Додека се прави аспирација кај жената, сопругот остава примерок од спермата. Потоа спермата се обработува во лабораторија, се промива и се издвојуваат само квалитетните сперматозоиди. После аспирацијата земениот материјал од фоликулите на жената се испитува и се бараат јајце клетките. Ембриологот ги проценува јајце клетките и оние што се зрели за опплодување ќе бидат ставени со стаклени садови заедно со обработената сперма од сопругот. Садовите се чуваат во посебен инкубатор. После 12-24 часа се проверува дали дошло до оплодување на јајце клетките и колку од нив се оплодиле. Доколку се работи за машка неплодност, оплодувањето не се остава да се случи само од себе во сад. Наместо тоа се прави ICSI или интра цитоплазамтска инекција на сперматозоидот во јајце клетката. При оваа метода се зема еден сперматозоид и со игла се внесува во јајце клетката. Се прави во случај кога сперматозоидите не можат сами да ја пробијат мембраната на јајце клетката или пак има многу мал број на сперматозоиди. ЕМБРИОТРАНСФЕР После 3-5 дена (зависно од начинот на кој работи клиниката) се прави проценка на оплодените јајце клетки и најквалитетните ембриони се враќаат назад во матката. Во некои клиники ембротрансферот се прави после 2-3 дена, но се покажало дека поголеми шанси да дојде до бременост има ако се почека ембрионот да се развие до стадиум на бластоциста и да се врати во матката 5-7 дена по аспирацијата. Ова е од причина што некои ембриони иако се зачнале, нема да продолжат да растат и да се развијат до стадиум на блацстоциста. Не се препорачува да се вратат повеќе од 2 или 3 ембриони, затоа што така расте опасноста од повеќекратна бременост и компликации во истата. Во некои земји бројот на вратените ембриони законски е ограничен на 2. Според некои мислења доколку се вратат повеќе ембриони се намалува и шансата за нивна имплантација. Во случај да има повеќе ембриони постои опција да се замрзнат. Самата постапка на ембриотрансфер тече така што низ грлото на матката се внесува танок катетар и преку него се внесуваат ембрионите. Постапката не е болна и нема потреба од анестезија. Жената после ембриорансферот лежи неколку часа и си оди дома. ТЕСТ ЗА БРЕМЕНОСТ Она што останува понатаму е продолжување со земањето на прогестерон и чекање. После 9-12 дена по ембриотрансферот, се прави тест за бременост преку крвта. Доколку тестот е позитивен честитки на бременоста. Ако тестот е негативен и после 14 дена од трансферот, тоа значи дека не е дојдено до бременост и се прекинува со земањето на прогестерон. Неколку дена потоа доаѓа менструација. Неуспешното ин витро е нешто што секоја жена го доживува тешко. Немојте претерано да се разочарувате, тоа во никој случај не значи дека следната постапка на ин-витро нема да биде успешна. Просечно од 3 жени кои биле во постапка, една останува бремена во еден циклус. Понекогаш може да бидат потребни 3 или 4 циклуси на ИВФ. Мине еве тука има и нешто повеќе за Ембриотрансфер,исто така има доста информации за некои кои прв пат се подготвуваат за ин витро....
< Поракaта ја уредил Bogdancanka -- 21.5.2010 20:38:55 >
_____________________________
Човек не мора секогаш да биде херој ама може секогаш да е човек........
|