Палешка РР
|
Загрижувачки е фактот што секоја втора трудници има вагинална инфекција. Оваа состојба може да ја променат матичните гинеколози бидејќи тие треба повеќе да ги информираат трудниците и да им објаснат зошто е важно да се земаат брисеви и да се прават вагинални прегледи - вели Викторија Јовановска, лекар-специјалист во Клиниката за гинекологија. Таа објаснува дека, поради посебната состојба на жената во периодот на бременоста, овие инфекции предизвикуваат посилни реакции, како што се предвремени породувања, абортус и неонатални инфекции кај бебето по раѓањето. - Инфекциите го омекнуваат грлото на матката, а со тоа предизвикуваат предвремено отворање и породување. Во првите 12 недели од бременост може да предизвикаат и оштетувања на органите на плодот - вели Јовановска. Бебето може да добие инфекција на очите, кожата, папочната врвца, како и воспаление на белите дробови и инфекции што се пренесуваат преку крвта. - Овие инфекции се јавуваат кај жените и кога не се бремени, но во оваа фаза може да направат сериозни проблеми на мајката и на бебето. Најчести инфекции се кандида, трихомона, токсоплазми, кламидија и уреоплазма - вели Јовановска. Инфекциите може да бидат без симптоми или, пак, да се манифестираат со засилена секреција, непријатен мирис, чешање и пецкање. Откако ќе се дијагностицираат, се лекуваат со таблети и вагиналети што ги дава гинеколог, а кои не му штетат на плодот. - На клиниката жените доаѓаат ако имаат засилени симптоми. Брисеви задолжително треба да се земаат во раната бременост и во 36. недела, кога се гледа дали има бетахемолитичен стрептокок - вели Јовановска. Таа објаснува дека кога жените планираат бременост задолжително треба да направат преглед пред да забременат. Кај трудниците што се постари од 35 години се прави и генетско испитување на плодовата вода. - Многу е важно покрај ултразвучните прегледи, што во развиените земји се ограничуваат на осум, да се прават и вагинални прегледи. Жените не треба да се плашат дека кога се зема брис или се прави преглед ќе се повреди бебето или ќе се предизвика предвремено породување. Овие прегледи се потполно безопасни - вели Јовановска. Наспроти тоа што трудниците кај нас одбиваат да прават вагинални прегледи, објаснува таа, постои практика многу често да се прават ехо-прегледи. - Во Германија, на пример, кај нормална бременост има осум ехо-прегледи, што е повеќе од доволно. Треба да имаме предвид дека се уште не е докажано дали ултразвукот му штети на плодот - вели Јовановска. Таа објаснува дека и со четири ехо-прегледи може да се следи состојбата на плодот. Првиот се прави на почетокот на бременоста за да се види дали плодот е во матката, а вториот во 12-тата недела за да се види како се развива плодот. Во 20-тата недела ехо-прегледот треба да покаже дали кај плодот постојат физички недостатоци, а околу 32. недела, кога тој интензивно расте, се гледа дали заостанува. Потоа ехо- прегледи се прават кај трудници што имаат болки или, пак, ако се пролонгира бременоста.
_____________________________
When I'm good, I'm very good, but when I'm bad, I'm better.
|