mother 29
|
Машки стерилитет Стерилитетот се дефинира како неможност за гравидитет после период од една година на сексуални односи без заштита меѓу партнерите. Во просек 15% од брачните двојки се опфатени во оваа категорија. Машкиот фактор како причинител учествува со околу 40%, исто толку отпаѓа и на женскиот фактор, а во остатокот од случаевите опфатени се двајцата партнери заеднички. Физиологија на репродуктивниот процес кај мажите Главна улога припаѓа на т.н. жлездена оска меѓу хипоталамус – хипофиза – тестиси - фенотипски развој на полот за време на ембриогенезата, сексуално созревање за време на пубертет, ендокрина (хормонална) функција на тестисите - лачење на тестостерон, егзокрина функција на тестисите - улога во формирањето на сперма. Нормалната репродукција зависи од взаемното дејство на повеќе хормони, чија секреција е добро контролирана. Т.н. стимулирачки хормони - ФСХ (фоликуло-стимулирачки хормон кој ја стимулира сперматогенезата - формирањето на сперматозоиди), ЛХ (лутеинизирачки хормон), како и самиот тестостерон. Сперматогенезата е комплексен процес, каде од примитивните мултипотентни клетки, преку повеќе фази на делба на клетките се формираат зрели сперматозоиди. Времетраењето на еден циклус во тестисот е во просек околу 60 дена. Целокупното морфолошко созревање на сперматозоидите се случува во т.н. епидидим(околу 10-15 дена), кој го поврзува тестисот со семениот канал, преку кој патуваат сперматозоидите до уретрата, попатно со останатите компоненти на ејакулатот-сперма , кои се формираат во одводниот канал, семиналните везикули, простатата како жлезда и сокот од уретралните жлезди. На крајот за време на ејакулација семената течност комплетно е формирана и освен сперматозоиди содржи и други компоненти - јаглени хидрати, масти, ензими. Причини за стерилитет Медицинска историја - трески, системски заболувања - дијабетес, малигни заболувања, инфекции; генетскти пореметувања - Клинефелтеров синдром, цистична фиброза. Хируршка историја - интервенции на тестисите - хируршко спуштање - орхидопексија, хируршки третман на кила, трансуретрална ресекција на простатата, ретроперитонеална хирургија, траума и увртување на тестисот. Фамилијарна и сексуална историја - неспуштен тестис, хипоспадии, други поретки вродени синдроми, еректилна дисфункција, проблеми со ејакулација. Историја за лекови и социјална историја - несакани ефекти од прекумерната употребата на некои лекови, дрога, пушење, анаболни стероиди, како и експозиција на јонизирачки зрачења, пестициди и тешки метали. Глобално, причините се поделени на предтестикуларни- проблеми асоцирани со хипоталамусот и хипофизата - ендокрини фактори; тестикуларни - хромозомски синдроми, воспаленија и повреди на тестисот, неспуштен тестис, проширени вени на тестисот; идиопатски - непознати причини. Послетестикуларни - опструкции на репродуктивниот систем - вродени, вроден недостаток на семениот канал, фармаколошки и функционални блокади, фунционални промени и промени во подвижноста на сперматозоидите, импотенција, проблеми со ејакулација. Дијагностика Базични се физикалниот преглед - т.н. локален статус на гениталиите- преглед на нивната морфологија и физиологија, лабораториски испитувања и микробиолошки испитувања, комплетна лабораториска анлиза, спемограм - семена анализа, хормонски статус - концентрација на поедините хормони во крвта. Значајни се хромозомските студии - за откривање на генетските абнормалности, ултразвук на тестисите, по потреба трансректален ултразвук, како и биопсија на тестисите. Третман Конзервативниот - со лекови, се однесува на хормоналната терапија, специфична терапија, третман за подобрување на коиталните пореметувања, антиоксиданси и посебен акцент на клиничкото позитивно искуство со кломифен цитрат. Хируршки третман - микрохируршките интервенции - со користење на специфична апаратура - микроскоп и микро хируршки инструменти се облигаторни во третманот на вродените и стекнати опструкции на семените патиште, во креирањето на нов спој меѓу спидидимот и семената врвца и во третманот на проширените тестикуларни вени. Асистирани репродуктивни техники - интраутерина инсеминација и ин-витро фертилизација (ИВФ) се нашироко применети методи, за постигнивање на бременост, со висок процент на успех и во нашата секојдневната пракса. Денес, оваа одлична хируршка техника е водечка во успехот на оплодување на јајната клетка, не само кај случаевите со изразито неквалитетен спермограм, каде постојат мал број на подвижни сперматозоиди, туку и кај оние каде потполно отсуствуваат сперматозоиди во ејакулатот. Со ИВФ се надминуваат многу природни бариери во нормалната фертилизација, се разбира со посебен респект кон етичките импликации, особено кон генетските заболувања. Д-р Марјан Кузманоски Хирург - Уролог
|