mami
|
Имунизација (вакцинација) е постапка со која се овозможува заштита од заразни болести. Имунизацијата е најдобар начин за заштита на децата од тешки болести кои можат да предизвикаат и смрт. Во Р. Македонија децата бесплатно се вакцинираат против: Хепатитис Б Туберкулоза Детска парализа Дифтерија Голема кашлица Црвенка(Рубеола) Вакцините содржат ослабени или убиени причинители на болести. Приготвени како вакцина, тие не можат да предизвикаат болест кај детето. Со внесување на вакцината во организмот на детето се предизвикува природен начин на заштита, со создавање на одбрамбени антитела и клетки. Ако во текот на животот детето се зарази со болеста за која е вакцинирано, стекнатата отпорност по вакцинацијата ќе го заштитува од тешка болест и компликации. За долготрајна и целосна заштита на детето, потребно е да се дадат различен број на дози од вакцините, во одредени временски растојанија и во различна возраст на детето. За таа цел постои календар за вакцинација. Зависно од видот, вакцината се дава со: инекција (во мускул, поткожно) лажиче (да се испие) Пред секое вакцинирање , детето задолжително се прегледува. Вообичаена, лесна инфекција на дишните патишта, со умерено покачена темепратура, не треба да биде причина за одлагање на редовниот термин за вакцинација. На вашиот педијатар, секако треба да му кажете ако детето имало: Тешка реакција по преходна доза на вакцина Тешка форма на алергија Ослабен имунолошки сиистем (заради болест или примање на лекови) Примање на крв или друг вид на крвни продукти Тешкотии во невролошкиот развој Врз основа на податоците од разговорот со родителите и прегледот на детето, лекарот ќе одлучи дали детето ќе се вакцинира. Најдобро е имунизација да се спроведува според календарот за имунизација, бидејќи само редовната и потполна имунизација обезбедува сигурна заштита на детето. Доколку од оправдани причини се пропушти редовниот термин, вашиот педијатар, според важечките препораки за конкретната ситуација, ќе препорача кога да се продолжи со имунизацијата. Доколку во тек на целиот свој живот не дојде во контакт со предизвикувачите на тешките заразни болести, нема да му се случи ништо. Но, ако биде изложено на било која од овие болести, сигурно ќе се разболи, при што се можни комликации и смртен исход. Многу е важно да се знае дека болеста сигурно ќе се пренесе на децата и возрасните во околината, кои што не се отпорни затоа што не се вакцинирани или не ја прележале болеста. Тоа значи, појава на епидемија со непредвидлив број на смртни исходи. Со имунизацијата, не ги заштитуваме само своите деца, туку и внуците и правнуците. Како илустрација, тешката болест позната како големи сипаници (Вариола вера), повеќе не постои, благодарение на имунизацијата. Затоа, децата денес повеќе не се вакцинираат со оваа вакцина. Со целосно спроведување на програмата за имунизација, наскоро се очекува искоренување и на детската парализа, а потоа и на малите сипаници.Несакани ефекти на имунизацијата се ретки и ризикот за компликации е знатно помал за детето и заедницата, отколку имунизацијата да не се спроведува. Околу половина од вакцинираните деца ќе пројаваат некаква реакција на местото каде ја примиле вакцината . Најчесто е тоа свраб со црвенило , оток или болка. Околу 25% ќе пројават вознемиреност и покачена темепратура. Овие несакани појави се отстрануваат со ставање на ладни облози и примена на антипиретици и аналгетитци (панадон, евентуално бруфен и сл). Покрај тоа , како и при секое друго заболување , на детето треба да му се дава лесна храна и обилно течност. Доењето е тогаш најдрагоцено. Околу 15% од децата кои примиле вакцина против морбили, 7-10 дена по вакцинацијата може да пројават симптоми, кои наликуваат на блага инфекција со морбили-митигантни морбили (нетипичен исип по кожата, мала темепература). Околу 10% од децата вакцинирани против рубеола, по 2-8 недели може да пројават реакција во форма на болка и благ оток на зглобовите. Вакцината против заушки ретко дава компликации. Многу ретко, по вакцинацијата може да се јават потешки несакани ефекти: акутна енецефалопатија, конвулзии во првите три дена по вакцината, висока темепратура со упорен плач и состојба слична на шок и анафилактичка реакција, веднаш по примање на вакцината. При пројава на вакви симптоми, детето треба веднаш да се однесе на лекар. Повторното примање на таа вакцина, кај овие деца е забрането (контраиндицирано).
|