ripce
|
Вакцинацијата против заразните болести е најдобар начин за заштита на децата и на возрасните. Вакцинацијата главно е активна, што значи давање определени антигени (живи ослабени причинители на болеста или неживи и продукти што ги лачат причинителите) и организмот создава антитела на нив што подолго време или доживотно го штитат од тие болести. Пасивна имунизација е давање готови антитела против некоја болест или пренесување на антителата од мајката преку плацентата на новороденото. Тие антитела се разградуваат по три до шест месеци. Задолжителната вакцинација е воведена по 50-тите години од минатиот век, со што е постигнато многу заразни болести да исчезнат од нашата средина, а на многу други да им се намали бројот. Вакцинацијата се спроведува континуирано, по определен календар за секоја возраст. Ја спроведува матичниот лекар, кој најдобро го познава детето од првите денови по раѓање. Задолжителна континуирана вакцинација имаме против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, заушки и рубеола. Контраиндикациите за вакцинација треба добро да ги познава матичниот лекар. Општи контраиндикации се: акутно заболување, висока температура, преосетливост на некоја вакцина, состојба на намален имунитет (неодамна прележана вирусна инфекција). Вакцинација против голема кашлица не смее да се дава кај деца со епилепсија, инфантилни спазми и други засегања на централниот нервен систем. Не смее да се дава кај деца што примале долго време кортикостериоиди, цитостатици и други медикаменти. Вакцинацијата против туберкулоза е првата вакцина што ја добива детето во породилиште. Кај нас задолжително се спроведува бидејќи туберкулозата се уште е високо застапена меѓу населението. Успешната вакцинација го штити детето во голем процент од тешка туберкулоза. Успешна вакцинација значи формирање белег поголем од три милиметри. Ако нема белег, детето се ревакцинира до првата година. Ревакцинацијата против туберкулоза се дава на 7-годишна и на 14-годишна возраст. Не се вакцинира новородено ако е предвреме родено или има некое вродено заболување. Вакцинација против дифтерија, тетанус и голема кашлица и детска парализа почнува од третиот месец по раѓање. Обично контраиндикациите на оваа вакцина се однесуваат повеќе за голема кашлица и притоа се дава вакцина направена од делови на инактивирани бактерии. Против детска парализа се користи вакцина од живи и ослабени вируси за сите три типа. Со редовно спроведување на оваа вакцина во многу земји, а и во нашата, детската парализа се сретнува ретко. Тројната вакцина морбили, рубеола и заушки се дава по 12-тиот месец. Поствакциналните реакции се благи, можен е кожен исип и температура по 7-8 ден. Со уредно даваната вакцина се изгубени голем број компликации што ги предизвикуваат овие болести. Пред воведување на вакцинацијата имаше голем број тешки пневмонии, воспаление на мозок и смртни случаи по прележани морбили, како и тешки аномалии кај новороденчиња ако мајката за време на бременоста била разболена од рубеола. Имаше и висок процент на неплодност кај машки со прележани заушки. Вакцина против хепатит Б е прифатена во нашата земја како задолжителна. Се дава во три дози. Индивидуално се даваат вакцини против хемофилус инфлуенција тип Б, вакцина против хепатит А пневмокок, менингокок и може против варичела. Вакцинацијата против варичела не е задолжителна бидејќи болеста е контактна и децата ја прележуваат во полесна форма. Многу тешка форма од варичелата ја прележува новороденчето од болна мајка заразена десет дена пред породување.Тоа може да има фатален исход. При појава на епидемии или голем број на заболени од грип, се препорачува да се вакцинираат децата над 2-годишна возраст со хронични заболувања. Сега процентот на вакцинирани деца се движи над 90 отсто од детската популација, со што успешно се совладани и искоренети многу тешки заболувања и компликациите што може да настанат по нивното прележување.
|