pacuvce -> RE: Дали сте задоволни од услугите на нашето здравство? (24.2.2010 11:18:36)
|
Во врска со разговорот за нашето здравство,еве нешто најново и секако,загрижувачко за обичните луѓе,кои немаат средства да одат по приватни лекари... ПАЦИЕНТИТЕ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА РАДИОЛОГИЈА СЕ ПРЕПРАЌААТ КАЈ ПРИВАТНИЦИ Се расипа државната магнетна резонанца Апаратот за магнетна резонанца на Институтот за рендген веќе неколку недели не е во функција, а пациентите што мора да направат вакви снимања се упатуваат во приватните болници каде што снимката чини повеќе од 10.000 денари без гаранција дека Фондот за здравство ќе ги рефундира. Ова е единствен ваков апарат што го има во земјава во државните болници и на него се снимаат болните од целата земја поради што за снимање се чека со месеци. - Бев да закажам и ми рекоа дека апаратот не работи и дека можам да се јавам за неколку денови, па ако апаратот е поправен, да закажам преглед - вели една наша читателка. Но, таа е револтирана и од тоа што не можеле да и кажат колку просечно се чека за снимката со редовна партиципација, но и кажале дека штом ќе се поправи апаратот, може да закаже итно снимање кај еден од докторите, но за тоа ќе треба да плати тројно повеќе. Инаку, за редовното снимање се плаќа 700 денари, а за „итното“, кое го прават истите лекари како дополнителна дејност, се плаќа околу 2.000 денари. - Прво, ако имаме еден таков апарат, не може со недели тој да не е во функција. Второ, кога ќе го направат, треба да работи во две смени и пациентите да се снимаат со сини картончиња, а не во втора смена лекарите да го користат за дополнителна дејност како од дома да си го донеле - вели нашата читателка. Дополнителен проблем за пациентите создава и тоа што на телефонскиот број на Институтот по цели денови никој не се јавува за да можат да проверат дали апаратот воопшто функционира и да си закажат преглед. Кога нашата читателка, по целодневното безуспешно вртење и на директниот број и преку централата на Клиничкиот, отишла на самото место, на шалтерите и кажале дека „ги оставале кренати слушалките зошто пациентите многу им досадувале“. Вчера од Надица Митревска, директорка на Институтот за рендген, побаравме да ни објасни зошто не работи апаратот, кога ќе биде ставен во функција и како ќе се дополни загубеното време. Како што ни објасни секретарката, Митревска била презафатена со состаноци, а информациите што ги бараме ќе може да ги добиеме најрано в петок, до кога, како што неофицијално дознавме, треба да се поправи апаратот. Секретарката објасни дека таа лично им се јавила на 700 болни што чекале за снимање за да им каже дека апаратот не е во функција. На магнетна резонанца е неопходно да се снимаат пациентите што треба да прават операции на мозокот, ‘рбетот или на зглобовите бидејќи овие снимки даваат преглед на анатомски промени на органите и на патолошки промени на ткивата. Со тоа се прецизира дијагнозата, а се открива и во кој стадиум од развој е болеста. И хибербарната комора во аут Хибербарната комора, што чинеше 400.000 евра, а дополнителни пари се дадоа и за таа да може да почне да се користи, не е во функција. Иако во октомври минатата година министерот за здравство Бујар Османи ја пресече лентата на свеченото отворање, нашите извори велат дека таа од тогаш досега не почнала да работи нормално. Смиља Туџарова, директорката на Клиниката за пластична хирургија, во чијашто надлежност е и комората, веќе две недели е на одмор и не објаснува зошто не работи комората. Комората беше купена во 2002 година, неколку години стоеше на паркинг-просторот на Клиничкиот центар, а минатата година само формално беше пуштена во употреба.
|
|
|
|