rina13 -> RE: Какво породување сакате? (13.6.2011 22:07:15)
|
Епидуралната анестезија е метода на централен невро-аксијален блок (блокада применета на нервните корени кои излегуваат од рбетниот мозок, и која зафаќа само одреден дел на телото, а свеста е зачувана), при што анестетикот или комбинација од анестетици се вбризгуваат во епидуралниот простор (просторот меѓу дурата и периостот). Низ овој простор поминуваат корените на мозочните нерви, и тоа е местото на делувањето на анестетиците при епидуралната анестезија. Поради притисокот на околните структури на епидуралниот простор кај здрави поединци тој е колабиран, па поради тоа го нарекуваме "потенцијален простор". Овој вид на анестезија за првпат е применета на луѓе од страна на Фидел Пагес во 1921 година. Во епидуралната анестезија може да се изведуваат хируршки интервенции на долните екстремитети, карлицата, перинеумот, абдоменот, градниот кош, се применува при постоперативен третман на хронична болка, и нормално во последно време карактеристична е нејзината популаризација во акушерството при процесот на породување (со цел олеснување на болките на трудницата). Начин на изведување Кај епидуралната анестезија континуирано или интермитентно (одвреме-навреме) се воведува локален анестетик околу ‘рбетниот мозок. Тоа ги прекинува дразбите кои се пренесуваат преку корените на нервите до централниот нервен систем т.е. мезенцефалонот, каде на ниво на лимбичниот систем настанува основното диференцирање на болката. Епидуралната анестезија се изведува од страна на лекар, специјалист, анестезиолог пред оперативниот зафат или откако ќе почнат трудовите кај родилката. Многу важен факт е стерилноста – асептични услови (стерилна опрема, стерилни ракавици, и стерилна површина на кожата на местото на убодот. Со палпација (опипување), се пронаоѓа просторот низ кој ќе се пласира специјална игла за епидурална анестезија низ која се воведува епидуралниот катетар. Златен стандард е трофазно миење на површината на која ќе се изведува убодот – прво со антимикробен сапун, потоа се испира со стерилен физиолошки раствор, и на крај со јодна тинктура. После тоа полето се покрива со стерилни компреси со отвор за местото на убодот и може да се пристапи кон поставување на епидуралниот катетер. Тест доза на анестетик се инјектира во катетерот за да се провери дали е правилно лоциран. Доколку е добро сместен се дава првата доза на анестетик. Катетарот се прицврстува за грбот. Болката која се чувствува за време на поставувањето е краткотрајна убодна болка и може да трае неколку минути. Местото на убодот зависи од видот на операцијата која ќе се изведува. При употреба на овој тип на анестезија во акушерството при пораѓање (во чиј контекст и најчесто се спомнува) катетарот се поставува во лумбалниот предел. Зависно од користената доза ќе дојде до анестезија (потполна моторичка и сензорна блокада) или анелгезија (зачувана моторика, сензибилитет значително смален, но сеуште присутен). Предности на епидуралната анестезија - Помала веројатност за главоболки во постоперацискиот период;
- Зачувана моторика при применување на анелгетски дози на лекот;
- Можност за повторување на дозите или поставување на инфузиски пумпи на епидуралниот катетер;
- Епидуралната анестезија, доколку се користи заедно со општата анестезија во текот на поголеми оперативни зафати (на пример опсежни операции во абдоминалната празнина, пред се карциноми на колон, ректум, панкреас, црн дроб и слично) значително ја намалува потребата за системско давање на анелгетици во текот и после операцијата.
Предности во акушерството - Отсуство на болка за време на трудовите при пораѓање;
- Не предизвикува поспаност кај мајката;
- Многу мала количина од лекот доаѓа до детето;
- Зголемениот надзор на мајката и детето и дава на трудницата поголема доверба во медицинскиот персонал.
Недостатоци на епидуралната анестезија - Забавување на процесот на породување (иако самата анестезија не делува директно на здравјето на детето);
- Мајката треба да остане во кревет, со главата на исто ниво во текот на целиот пород;
- Потребна е непрекинато давање на течности и континуирано пратење на крвниот притисок на мајката и отчукувањата на срцето на детето.
- Потребна е катетеризација;
- Според некои студии често е потребно пораѓањето да се доврши оперативно (со царски рез или форцепс);
- Постои мал, но сепак регистриран ризик од компликации – случајна пунктура на дурата, епидурален апсцес или хематом, и невролошки испади.
Дали епидуралната анестезија е сигурна за мајката и за детето? Епидуралната анестезија се смета генерално за сигурна и за мајката и за детето. Сепак постојат ризици. Пораѓањето за време на оваа анестезија често треба да се доврши со форцепс или царски рез, што претставува дополнителен ризик. Најчеста несакана нус-појава е ненадеен пад на крвниот притисок кај мајката. Се јавува во 1-2% од случаите и може да биде опасен како за мајката така и за детето. Во однос на прашањето дали епидуралната анестезија може да му наштети на детето, наведени се случаи на забавен тек на породот и ослабување на трудовите (болките и контракциите на матката). Во тој случај се дава лек - окситоцин (хормон), и при тоа жената е под постојан надзор, поради фактот што овој лек може претерано да ја стимулира матката и да предизвика хиперконтракции кои секако се од ризик за детето. Контраиндикации Епидуралната анестезија е контраиндицирана во следниве случаи: пореметувања во згрутчувањето на крвта, болести на ‘рбетниот мозок, воспалениe, низок крвен притисок, дехидрираност и лоша соработка од страна на пациентот.
|
|
|
|