vezilka RR -> RE: Уредување на дворот (23.2.2010 10:38:40)
|
Градба на растенија Сите живи суштества, па и растенијата изградени се од многу ситни клетки. За разлика од нижите растенија, телото на вишите растенија (во кои спаѓаат и цвеќињата и украсните растенија во домот) изградено е од огромен број на различни видови на клетки. Клетките меѓусебно се разликуваат како по обликот и надворешната градба, така и по функциите кои ги имаат во организмот на растението. Ќелиите од ист вид често се поврзани меѓусебно и градат одредени ткива, како што се: градивното ткиво, кожното ткиво, спроводното ткиво, ткивото за исхрана и механичкото ткиво. Деловите на растенијата кои имаат самостојна функција се нарекуваат органи. Такви органи се коренот, стеблото, листовите и органите за размножување. Коренот има двојна улога во животот на растенијата: служи за зацврстување на растенијата за подлогата, земјата, а истовремено и со помош на своите фини жили (коренови влакненца) да ја впива водата и минералните материи растворени во неа и на тој начин да го снабдува растението со неопходните хранливи материи. Покрај овие основни задачи кај некои растенија коренот служи и за натрупување и складирање на резервна храна. Зачетокот на коренот се наоѓа уште во ‘ркулецот на семето. При ‘ртење на семето избива и коренче, кое понатаму расте, се развива и на тој начин се оспособува за вршење на своите функции. Покрај коренот кој се развива од коренот на ‘ркулецот, кај некои растенија коренот се создава и од другите оргaни: гранките, лисјата, подземното стебло итн. Таквите корени се нарекуваат адвентивни корени. Стеблото има задача да ги создава и да ги носи надземните органи на растението (гранките, листовите, цветовите и плодовите) и да ја спроведува водата со растворените минерални материи до листовите, а од листовите да ги спроведува органските материи во коренот и другите органи. Освен тоа, стеблото кај некои растенија служи и како остава на резервна храна на растенијата, а кај другите и за размножување. Подземно стебло имаат повеќегодишните растенија. Подземното стебло може да биде во форма на кртоли (георгина, кана), ризом (перуника) или луковица (зумбул, лале, амарилис). Кај овие растенија водата со растворените минерални материи, која се вшмукува со кореновите влакненца, оди преку подземното стебло директно во листовите. Листовите служат за создавање на хранливите материи, за дишење на растенијата, за испарување на вишокот на вода и за овозможување на циркулација на гасовите. Покрај тоа, кај некои растенија (кај бегонијата) листовите служат и како орган за бесполно, вегетативно размножување. Од сите овие функции најзначајна е онаа која ја имаат листовите директно во исхраната на растението. Од јаглерод диоксид кој листовите го земаат директно од воздухот и од растворените минерални материи кои ги испраќа коренот во листовите, со помош на хлорофилот (зеленилото на растението), сончева светлина и топлина, се создаваат сложени органски материи, како што се шеќер, скроб, белковини и растителни масти. Така настанатите органски материи претставуваат готова храна за растението која од листовите се разнесува во сите клетки на растението и служи за градба на ткивата и органите. Процесот за создавање на органските материи во лисјата се вика фотосинтеза, поради тоа што се одвива со помош на сончевата светлина. Затоа без доволно сончева светлина растението не може да успее и правилно да напредува. Цветот е орган за полово размножување на растенијата. Како резултат на оплодувањето се развива плод и семе како носител на новиот живот со задача да се одржи видот. Семето на растението се состои од семени мембрани, хранливи материи и ‘ркулци. Веќе на ‘ркулецот на семето може да се распознаат сите основни органи на идното растение: коренче, стебленце и листенца. Под поволни услови на влага и топлина семето бабри и из’ртува. Благодарејќи на резервната храна во семката, ‘ркулецот почнува да се развива и расте. Притоа коренчето на ‘ркулецот расте во правец на земјината тежа, надолу, а стебленцето нагоре, додека не избие на површината на земјата. Малото растение започнува самостоен живот кога ќе ги развие своите органи – коренот и надземните органи, и кога тие во доволна мерка ќе можат да ги извршуваат функциите за кои се наменети.
|
|
|
|