mis.
|
Внимавајте како мед купувате Освен вода, медот содржи и инвертни шеќери, сахароза, декстрин, минерали, витамини, хормони, јаболкова, лимонска, мравја, оцетна и килибарска киселина. Но сите видови мед не се исти ни по состав, ни по вкус ниту пак по арома, па добро е при купувањето да се знаат некои правила. Најпрвин треба да се препознае дали медот е природен и квалитетен, или пчелите го направиле од шеќерен сируп. Доволно е во медот да ставите чепкалка за заби и да ја кренете. Ако од чепкалката тече непрекината нишка, медот е природен. Ако нишката мед се прекинува, т.е. ако капе, подобро е да не го купувате. Многумина избегнуваат да купат зашеќерен мед, сметајќи дека е вештачки. Ова е голема заблуда - природниот мед секогаш, порано или подоцна, се зашеќерува, особено ако стои на ладно. Во некои земји купувачите бараат исклучително кристализиран мед. Доколку тоа, сепак, ви пречи, медот повторно ќе стане течен ако теглата ја ставите во тенџере со вода која постепено ќе ја загревате (но никако над 36 Целзиусови степени). Различните видови цветен мед, како што се багремовиот, сончогледовиот и слично, обично содржат околу 12 до 13 различни минерални состојки, додека мешаниот мед може да има и до 30. Медот со потемна боја е побогат со минерали, особено со железо, бакар и магнезиум. Некои видови мед, како што се багремовиот и медот од жалфија, потешко се зашеќеруваат. Затоа, ако купувате поголеми количини кои треба подолго време да стојат, определете се за еден од овие видови. Медот е производ што може со години да стои, но сепак може и брзо да се расипе - ако се чува неправилно. Бидејќи лесно впива влага, медот треба да се држи на суво место, во добро затворена стаклена тегла, во лимен или во емајлиран сад со чист капак. Без разлика за кој вид мед ќе се одлучите, важно е постојано да го имате вклучено во својата исхрана.
|