big_mama817 -> RE: детето и миленичето (7.10.2009 14:23:11)
|
Кога кучето-миленик влегува во вашиот дом, а вие имате мало дете кое дотогаш не се сретнало со четвороножниот член на семејството, потребна е ваша контрола и водство, за и двете страни да имаат мирен соживот. Еден од најдобрите начини да им го претставите кучето на децата е да побарате од нив тие да го галат и да го хранат. На тој начин децата лесно ќе прифатат дека ќе треба да живеат со куче во домот, а притоа ќе добијат и чувство за одговорност за друго живо суштетство. Децата брзо ќе се навикнат на новиот член во семејството и нема да им пречи што околу нив постојано се мота четириножниот миленик. Воедно, ова на кучето ќе му помогне да се социјализира и да се навикне на повеќе различни луѓе. Ако имате мало дете, а сакате да купите и куче, почнете да набљудувате како детето реагира во присуство на други кучиња. Укажете му да не им приоѓа на туѓи кучиња што не се врзани. Ако кучето е на поводник, секогаш прашувајте го сопственикот дали може да го погалите песот и приближувајте се полека до животното што не ве познава. На детето укажете му дека кучето прво ќе го помириса, бидејќи тоа е начинот на кој кучињата ги идентификуваат луѓето. Во домот многу е важно да воспоставите правила за кучето (да не се качува на троседот или креветот и слично), но неопходно е да поставите граници и за децата во однос на миленикот. Децата никогаш не треба на кучето да му ја земаат играчката, бидејќи кучињата може да покажат посесивно однесување. Децата и кучињата се одлични партнери за игра, но дајте му на детето до знаење дека ако игра грубо, кучето ќе возврати со иста мера. Дури и кога кучето нема да сака намерно да го повреди детето, несреќи се случуваат. Играта „Донеси стапче!" е многу подобар избор од борење. Одличен начин на кој детето ќе се поврзе со кучето е заедно да го тренирате миленикот. Кога на кучето заедно со детето му давате награда во вид на храна по добро извршената задача, децата одлично ќе се забавуваат, а истовремено ќе добијат и важна улога во очите на кучето. Но, како што кучето ќе почне да го почитува вашето дете, советувајте го и детето да го стори истото. Децата треба да сфатат дека кучињата се живи суштества, кои имаат свои потреби и желби. Помогнете им на децата да гледаат на миленикот како на посебен член на семејството, а не само како на средство за забава. Така, додека галење и играње со миленикот е препорачлива активност, не треба да им дозволите на децата да го малтретираат кучето, на пример да го влечат за опашката, да му го скубат крзното или да го удираат. Не е препорачливо и да го закачаат животното додека јаде. Ако правилно ги поставите односите меѓу вашите деца и кучето-миленик, неизбежно е меѓу нив да се изроди огромно пријателство и љубов. извор:шпиц
|
|
|
|