caci20 -> RE: Вакцинирање на детето (11.3.2010 13:06:31)
|
ЛУЛКА ви го презентира редоследот за вакцинација на детето: Уште во текот на првиот ден по породувањето, новороденчето се вакцинира против Хепатит Б. Оваа вакцина се дава во три дози, од кои втората и третата доза после еден и после месеци од давањето на првата иницијална вакцина. Хепатитот Б е вирусна инфекција која го зафаќа црниот дроб и која најчесто се пренесува преку крв и крвни деривати и преку сексуален однос кај возрасните индивидуи. Непосредно пред напуштањето на породилиштето, бебето се вакцинира со BCG вакцина. Оваа вакцина е многу значајна бидејќи туберкулозата лесно може да се пренесе од постарите луѓе на децата. BCG предизвикува специфична реакција на рачето на бебето. Најпрво се појавува круста (коричка) од која се цеди жолтеникава течност. Подоцна крустата отпаѓа и зад себе остава само мала лузна на кожата. Лузната е доказ дека вакцинацијата е успешна. Следната вакцинација се врши кога бебето ќе наврши 30 дена. При оваа посета на советувалиштето покрај рутинскиот преглед, на бебето му се дава и втората доза од вакцината против Хепатит Б. Следната вакцинација се врши кога бебето ќе наполни 60 дена. При оваа посета ќе биде извршено вакцинирање за заштита на бебето од инфекции со бактеријата Haemophilus influenzae. Иако има слично име, оваа вакцина нема никаква врска со вакцината против грип. H. Influenzae е бактерија која е чест предизвикувач на болести во најмалата возраст, како што се бактериски менингит, пнеумонија, бронхити, ринофарингити и слично. Оваа вакцина се става со боцкање во ногата на бебето, во горната третина на квадрицепсот. Кога бебето ќе наполни три месеци следува вакцинација со ДиТеПер и Полио. Истовремено се дава и втората доза од вакцината против H. Influenzae. ДиТеПер е комбинирана вакцина која го штити бебето од бактериите – предизвикувачи на три различни болести: дифтерија, тетанус и магарешка кашлица (пертусис). Оваа вакцина се дава во рачето на бебето. Полио е вакцина против полиомиелитис или детска парализа. Полиомиелитот е заразна болест која се пренесува по фекално – орален пат (болест на нечисти раце) и може да предизвика мускулна слабост и парализа кај детето. Вакцината се дава во форма на капки директно во устата на бебето. Кога бебето ќе наполни 4 ипол месеци мора повторно да го посетите советувалиштето. При оваа посета вашето бебе ќе прими втора доза од вакцините ДиТеПер и Полио, и трета доза од вакцината против H. Influenzae. Примањето на втора и трета доза не значи дека вакцинацијата не успеала првиот пат. На 6 месечна возраст, бебето треба да прими и трета доза од вакцините ДиТеПер и Полио, како и третата и последна доза против Хепатит Б. Кога бебето ќе наврши 9 месеци се врши систематски преглед. На овој преглед, меѓу другото, се проверува и реакцијата (лузната) од вакцината BCG која бебето ја има примено уште во породилиштето. Доколку нема лузна неопходно е повторно вакцинирање против туберкулоза. Тоа ќе се изврши во советувалиштето за здрави деца на возраст од 10 месеци. По првиот роденден детето повторно се носи на вакцинација, каде се вакцинира со МРП вакцината. Оваа вакцина се состои од три дела и заштитува од три различни болести, слично со ДиТеПер. МРП обезбедува заштита од паротит (заушки), морбили (ситна сипаница) и рубеола (црвенка). Овие респираторни инфекции се доста чести во предшколската возраст, најчесто придружени со исип и кашлица. На средина помеѓу првиот и вториот роденден, на 18 месеци, детето треба да ја прими првата ревакцинација за ДиТеПер и Полио, и ревакцинација против H. Influenzae. Во следните две години детето е ослободено од вакцинација, до возраст од 3 и пол години. Овој пат се дава втората ревакцинација за ДиТеПер. Со оваа вакцина завршува имунизацијата на детето во предшколска возраст. Понатаму вакцинацијата се спроведува во рамките на систематските прегледи кои најчесто се организирани во училиштата. Д-р Вида Фотева Педијатар
|
|
|
|