Среда, 13.3.2013
Протеини, теретани и еднократни пелени04
Тој скоро 17, таа скоро 3 години. Тој привлечно момче, таа бебенце. Тој со цел да стане фитнес модел, таа се уште кака во пелени...
А јас...?
Две соби:
Во едната персонален компјутер, музички систем од чија гласност пукаат стакла, најнов модел на телефон, слушалки, безжичен интернет, парфеми, гелови, стикови, стегачи, тегови, житарици и протеини. Клуч на врата, симпатии, ноќи поминати на Facebook, друштва, теретани и планови за самостоен одмор...мирис на момче, зрела насмевка и две вљубени очи...
Во другата – еднократни пелени, влажни марамчиња, мали чорапчиња, шишенца, блендер, мали алиштенца, сликовници, боички, плишани мечиња, мало креветче, мало перниче и прекривка...мирис на бебе, слатка детска смеа и две мили очиња...
Во бањата – Купка за тело, пена за бричење, брич, лосион за после бричење, а понатаму - шампон Косили, детско сапунче, кадичка, пајчиња за во вода, една голема и една мала бањарка.
Во сандачето за чевли – на едниот ред патики со број 44, на другиот чевлиња со број 22.
Во неговиот плакар – каиши, фармерки, блузи и кошули по најнова мода.
Во нејзиниот – мали фустанчиња, хеланки, блузички и по некои парче облека од бато, кога беше мал.
На сушалката – мали чорапчиња и големи чорапи, пижамчиња и пижами, боксерици и мали гаќички...
Во дворот – столици и масичка, радио, точак и ролери...а понатаму количка за бебе, нишалка, мало столче, кофиче и лопатчиња.
Ќе помислите - во оваа куќа нешто не е во ред, некој тука е дојден на гости?
Не...
Tоа се моите две деца, тој момче на 17 години, таа бебенце од три години...Тој само што не ми ја донесол девојката дома, а таа се уште кака во пелени. За него морам да бидам мајка која е се' помалку дома, а за неа – мајка која секогаш е дома, која е тука секогаш кога ќе заплаче, кога е болна, кога и треба топлата мајчинска прегратка.
Него му е потребна диетална храна која е богата го протеини, неа здрава храна во висока калориска вредност. Тој пие ладни сокови со многу мраз , таа густи сок на собна температура. Тој сака се' по најнова мода, таа задоволно се смешка кога ќе и купам лижалче.
Ќе помислите – како живеат под еден покрив две, толку спротивни деца?!
Сега ќе Ви кажам.
Најубавото негово утро е кога таа ќе го бакне и ќе му каже – “бато тани, пути узика”. Најубавиот дел од нејзиниот ден е кога со бато игра заедно на музиката која тој ја слуша. Кога таа јаде чоколадо, половина му го носи на бато. Кога него ќе му останат пари од ноќното излегување и ги става неа во џепче. Тој обожава да скока со неа на кревет, додека таа громогласно се смее. Таа се' што има – дели со бато. Таа обожава да го прередува неговиот регал и се' да му испреврти...тој не се лути што повторно ќе го реди. Тој ја вози на точак, додека таа ја исправила главата гордо. Таа е неговата мала принцеза, а тој нејзиниот голем брат...
А јас?
За мене нема ништо подрагоцено од моментот кога ќе ме избркаат од соба за да заспијат заедно. Можам да не спијам и цела ноќ, само да ги гледам како прекрасно се сплотени во едно...
Единствени периоди од животот, незаборавни сеќавања! Сите пресвртници и важни случувања запиши ги во својот дневник. Сподели ги со Рингераја заедницата или заклучи ги само за себе.
Ring