Bethany -> RE: Породилно отсуство (16.1.2014 15:08:55)
|
Корисно е да се знае [sm=smiley1.gif] Кои се вашите права при породилно отсуство и бременост Едно од основните права кои ги уживаат жените како посебна заштита во работниот однос, е правото на заштита за време на бременост, раѓање и родителство. Заштитата во Законот за работни односи најпрво е поставена уште при самото известување дека некоја работничка е бремена. Без разлика во која фаза на бременост се наоѓа, работодавачот е должен да воведе повеќекратно оценување на ризиците кои можат да влијаат на бремената жена, нејзиното неродено или новородено дете. Дополнително оценување на ризикот се применува и при промена на уловите за работа, опремата или машините. Исто така работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете и слично. Отказот на договорот за вработување е ништовен, доколку на денот на врачувањето на отказот работодавачот бил запознаен со околностите за бременоста, или доколку работникот во рок од 15 дена од врачувањето на отказот го извести работодавачот за постоење на околностите за бременост со доставување на соодветна потврда од овластен лекар или надлежен орган. Забраната за отказ не се однесува на откажување на договорот за вработување поради потешки прекршувања на договорните обврски, односно поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски за кои се дава отказ без отказен рок согласност закон и колективен договор. Работодавачот на смее да бара какви било податоци за бременоста на работничката, освен ако таа самата не ги достави заради остварувањето на правата за време на бременоста. Ако работничката врши работа која за време на нејзината бременост може штетно да влијае на нејзиното здравје или здравјето на детето, работодавачот е должен да и обезбеди вршење на друга соодветна работа и плата, како да ја вршела својата работа, ако тоа за неа е поповолно. Исто така за време на бременоста работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе. Право на породилно отсуство Според Законот за работни односи работничката за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) една година. Исто така и работничка која посвојува дете има право на отсуство до наполнување на деветмесечна возраст на детето, а доколку посвоила повеќе деца (две или повеќе) една година. Периодот кога може работничката да го започне отсуството за бременост, раѓање и родителство врз основа на наод од надлежниот здравствен орган, е 45 дена пред раѓањето, а задолжително 28 дена пред раѓање. Доколку од здравствени причини детето е задржано за нега или лекување во здравствена установа и доколку во меѓувреме мајката или таткото се вратат на работа, отсуството поради раѓање и родителство се прекинува и истото имаат право да го искористат неискористениот дел од отсуството. Работничката е должен на работодавачот да му го најави времето на започнувањето на користењето и времето на завршување на родителското отсуство 30 дена пред започнувањето, односно пред завршувањето на користењето на правото на родителско отсуство. Работничка која користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, ако сака може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓање на детето.Доколку отсуството од работа за родителство не го користи работничката, правото на отсуство од работа за родителство го користи таткото или посвоителот на детето. На крајот на родителското отсуство работникот има право да се врати на истото работно место или, доколку тоа не е возможно, на соодветно работно место според условите од договорот за вработување. Продолжување на отсуството Постојат случаеви и кога отсуството поради бременост, раѓање и мајчинство може да биде продолжено. Тоа е можно кога работничка роди мртво дете или ако детето умре пред истекот на отсуството поради бременост, раѓање и родителство. Во ваков случај отсуството е продолжува за време колку што според наодот на лекар е потребно да закрепне од раѓањето и од психичката состојба предизвикана со губењето на детето, а најмалку 45 дена, за кое време и припаѓаат сите права врз основа на отсуството за бременост, раѓање и родителство. После искористувањето на отсуството работничката која го дои детето, а работи со полно работно време, има право на платена пауза во текот на работното време, во траење од еден и пол час дневно, во кое време се засметува и дневната пауза. Тоа право го има работничката до наполнета една година возраст на детето. Бројот на деновите на вкупното траење на отсуството поради бременост, раѓање и родителство се одредува календарски, а не во работни денови. Тоа значи дека траењето на ова отсуство не може да се продолжи со евентуално пресметување на деновите кои се сметаат како неработни, ниту тоа може да биде прекинато поради користење на боледување како што е случај со траењето на годишниот одмор. Надоместок на плата Работникот кој користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, отсуство за нега и заштита на дете има право на надоместок на плата. Средствата за надоместокот за породилно отсуство се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Според Законот за здраствено осигурување основица за пресметување на надоместокот на плата преставува просечниот месечен износ на исплатената плата на која е платен придонесот за задолжителното здравствено осигурување во последните дванаесет месеци пред настанувањето на случајот поради кој се стекнува правото на надоместокот. Висината на надоместокот на плата за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата. Надоместокот за отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство се исплатува од првиот ден на привремената спреченост за работа од средствата на Буџетот на Република Македонија. извор.Правдико
|
|
|
|