ripce -> RE: слабокрвност (3.1.2010 23:46:45)
|
Дефицитот на железо е најчест нутритивен дефицит во светот. Оттаму и фактот дека анемијата настаната поради недостиг од железо е најчест тип анемија во детска возраст. Анемијата настаната поради недостиг од железо се нарекува хипохромна, затоа што црвените крвни зрнца - еритроцитите, се бледи, со помалку боја, бидејќи имаат помалку хемоглобин, кој им ја дава црвената боја. Организмот на новороденчето содржи 0,5 г железо, а организмот на возрасен човек околу 5 г железо. Значи до пубертетот треба да се акумулира 4,5 г железо. Бидејќи се ресорбираат само 10 отсто од внесеното железо, дневните потреби од железо се 10 мг. Здраво доенче, родено навреме, со нормална тежина, од здрава мајка има резервно железо, кое ги задоволува потребите до шестиот месец, кога почнува интензивна хематопоеза. Затоа е потребно четири до шест месеци да се консумира храна богата со железо. Кај недоносените деца, деца со мала родилна тежина, близнаци, деца од слабокрвни мајки, резервите на железо се мали, поради што е потребно многу порано , во 2-3 месец, да се внесува железо. Превенцијата на анемија почнува во детска возраст Идеална храна за доенчето е мајчиното млеко. Тоа содржи 0,1 отсто железо, з кравјото 0,05 отсто. Железото од мајчиното млеко подобро се ресорбира. Кравјото млеко во некои случаи може да предизвика и ситни ерозии на слузокожата на гастроинтестиналниот тракт, микрокрвавење и зголемување на ризикот за појава на анемијата. Навремена дополнителна исхрана во првата година на животот (Во четвртиот, односно шестиот месец, хуманото млеко не може во целост да ги обезбеди енергетските потреби, потреби од железо, витамини и минерали на детето, заради што е потребно да се даваат немлечни производи, како што се овошни сокови, зеленчук, месо, јајце...) Прехранбените продукти богати со железо се црниот дроб, леќата, месото, чоколадата, суви плодови, спанаќ, грашок, грав, риба, јајце... Треба да се напомене дека од вкупните количества железо што организмот ги внесува дневно , 85 отсто се т.н. "нехемиско железо", железо што потекнува од производи од растително потекло и од млечни производи. Преостанатото т.н. "хемиско железо", пак, потекнува од месото, џигерот (продукти од животинско потекло) и неговата ресорпција е два-три пати поголема од ресорпцијата на нехемиското железо. Треба да се напомене дека постојат супстанции што ја подобруваат (поттикнуваат) апсорпцијата на железото. Тоа се: аскорбинска киселина (витамин Ц), цитратите и уште не дефинирани фактори во месото. Но исто така постојат и фактори што ја намалуваат апсорпцијата на железото (инхибитори на апсорпција): фосфати, фитиска киселина (која ја има во зрнеста храна), полифеноли (кои ги има во чај и некои растителни продукти), оксалатите, кафето. Детската возраст се карактеризира со периоди на интензивен раст и развој, што е причина за лесно и брзо нарушување на рамнотежата помеѓу внесот и потребите од железо. Хипохромната анемија во Македонија е застапена со 27 отсто кај детската популација. Затоа се потребни едукација на оваа тема и промени во начинот на исхрана.
|
|
|
|